Apple во текот на вчерашниот ден претстави нова верзија од нивниот познат MacBook Pro лаптоп компјутер. Главната вест е што тој веќе нема да има 15 инчен екран, во најголемата верзија, па сега тој станува 16 инчен лаптоп.
Секако, со развојот на технологијата на екраните, како и напредокот на дизајнот, овој лаптоп нема да биде значително поголем и потежок од неговиот претходник, па корисниците ќе немаат проблем да се префрлат и да го користат овој нов модел.
16 инчниот екран доаѓа со резолуција од 3072 на 1920 пиксели и овозможува густина на пикселите од 226 ppi. Од Apple истакнуваат дека секој екран е калибриран посебно во фабриката со цел да овозможи прецизни бои.

Втората работа која од компанијата ја истакнуваат како поголема новина е тастатурата. Истата е целосно редизајнирана и има нов систем кој овозможува подобро и потивки куцање. На неа е вратено „esc“ копчето до кое стои познатиот и навистина користен Touch Bar.
MacBook Pro доаѓа со процесорите од Intel од деветтата генерација со 6 и 8 јадра, со што овој модел е до 2,1 пати побрз од претходниот модел, според Apple. Исто така, корисниците можат да изберат до 64GB RAM меморија, како и до 8 терабајти простор за податоци.