Два американски инвестициски фонда ќе купат мнозински удел во Херц Глобал Холдинг за 4,2 милијарди долари, според планот за преструктуирање кој треба да и овозможи на компанијата за изнајмување автомобили да излезе од стечај на почетокот или средината на летото.
Инвестициските фирми Најтхед Менаџмент и Сертарис Опортунитис ќе купат до 100 отсто акции на Херц, а рент-а-кар компанијата тие средства ќе ги пренасочи за финансирање на возниот парк во САД и намалување на корпоративниот долг.
– Ја репозициониравме нашата деловна активност бидејќи се подготвуваме за зголемување на побарувачката за патувања, откако пандемијата полека се повлекува, изјави генералниот директор на Херц, Пол Стоун.
Компанијата Херц е основана во 1918 година во Чикаго. Во мај минатата година поднесе барање за заштита од банкрот, откако пандемијата на коронавирус ја намали неговата деловна активност, а разговорите со доверителите не резултираа со многу потребното олеснување на финансиската ситуација.
Компанијата во денешното соопштение наведува дека поднела предлог-план за деловна реорганизација до американскиот стечаен суд во Делавер, кој треба да ги одобри условите за предложената инвестиција на рочиштето закажано на 16 април. гт/