24 C
Skopje
Monday, May 17, 2021

Комисијата за избори и именувања ќе одлучува за главен ревизор

Најчитани вести

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе ја продолжи 17. седница на која треба да биде одлучено кој ќе биде главен ревизор.

Собраниски извори потврдуваат дека е постигнат договор за тоа кој ќе биде државен главен ревизор, но официјално неговото име не се соопштува.

Работата на Државниот завод за ревизија речиси е блокирана поради тоа што оваа институција нема директор, а мандатот на вршителот на должноста истече на 4-ти овој месец.

За другите кадровски прашања, кои исто така треба да го минат филтерот на Комисијата, пред да бидат ставени на дневен ред на собраниска седница, како што посочуваат пратеници, засега нема договор.

Станува збор за испразнетото директорско место во Дирекцијата за заштита на личните податоци, испразнетите места во комисиите за слободен пристап до информации од јавен карактер, Комисијата за антидискриминација, АВМУ и други.

Во Собранието денеска седници треба да одржат и комисиите за здравство и за одбрана и безбедност.

На Комисијата за здравство на дневен ред е Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, во прво читање.

Членовите на Комисијата за одбрана и безбедност ќе ја разгледуваат Предлог-одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка” во Исламската Република Авганистан. /МИА

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести