27.8 C
Skopje
Monday, August 8, 2022

Кои се симптомите на мозочен удар и што да правите ако ги забележите?

Најчитани вести

Постојат неколку симптоми што ги покажуваат скоро сите кои имаат мозочен удар, па ако можете да ги препознаете, ќе можете да спасите живот, можеби и вашиот.

На глобално ниво, една од четири возрасни личности најверојатно ќе се соочи со мозочен удар во животот. А, поради нездравиот начин на живот што го водиме сите, експертите стравуваат дека овој број ќе стане и поголем.

Но, важно е да знаете дека мозочниот удар не мора да значи смрт и ако се реагира навреме, може да не остави последици. Истовремено, со некои промени во животните навики можете драстично да го намалите ризикот од појава на мозочен удар.

Што се треба да знаете за мозочниот удар?

Што е мозочен удар?

Мозочниот удар настанува кога дотокот на крв во мозокот е прекинат или намален. Поради ова, ткивото на мозокот не добива доволно кислород и потребни материи, па мозочните клетки почнуваат да умираат речиси веднаш.

Поради ова, од голема важност е да се реагира веднаш откако ќе се забележи првиот симптом.

koi-se-simptomite-na-mozochen-udar-i-shto-da-pravite-ako-gi-zabelezhite-02.jpg

Зошто настанува мозочниот удар и кој е изложен на поголем ризик?

Постојат две главни причини за појавувањето на мозочен удар – блокиран крвен сад и кинење или протекување на некој крвен сад.

Најчесто луѓето доживуваат мозочен удар поради блокиран крвен сад. Во овој случај крвните садови во мозокот се стеснуваат или се блокирани од згрутчена крв или други материи кои се движат низ крвотокот.

Во вториот случај, крвните садови во мозокот се оштетуваат, односно протекуваат или се кинат. На некој начин, ова е крвавење во мозокот и може да биде предизвикано од многу висок крвен притисок, претерано пиење лекови кои ја проретчуваат крвта, повреда…

Според Mayo Clinic, постојат неколку фактори што можат да го зголемат ризикот од појава на мозочен удар:

  • Дебелина
  • Физичка неактивност
  • Претерано пиење алкохол
  • Употреба на наркотици како кокаин и метамфетамин
  • Висок крвен притисок
  • Висок холестерол
  • Дијабетес
  • Кардиоваскуларни болести

Постојат и други фактори што го зголемуваат ризикот, но генерално се надвор од наша контрола:

  • Возраст – луѓето над 55-годишна возраст се изложени на поглем ризик
  • Пол – забележано е дека мозочниот удар е почеста појава кај мажите
  • Хормони – некогаш и хормонските контрацепциски апчиња и другите хормонски терапии со естроген го зголемуваат ризикот
  • Семејна историја на мозочен удар
koi-se-simptomite-na-mozochen-udar-i-shto-da-pravite-ako-gi-zabelezhite-06.jpg

Кои се симптомите?

Кога настанува мозочен удар, секоја минута е важна бидејќи брзото делување може значително да го намали оштетувањето на мозокот.

Затоа, важно е да знаете кои се симптомите.

Според Центарот за контрола и превенција на болести во САД (CDC), ова се најчестите симптоми:

  • Трнење и слабост на раката, ногата и/или лицето, особено ако е само на едната страна од телото.
  • Ненадејна збунетост, тешкотии при зборувањето или тешкотии при разбирањето на туѓиот говор.
  • Ненадејни проблеми со видот во едното или двете очи.
  • Ненадејни тешкотии при одење, вртоглавица, проблеми со рамнотежата или недостаток на координација.
  • Многу силна главоболка без некоја причина.
koi-se-simptomite-na-mozochen-udar-i-shto-da-pravite-ako-gi-zabelezhite-07.jpg

Што да направите ако забележите симптоми?

Ако ги забележите овие симптоми кај вас или кај некој друг, веднаш повикајте брза помош.

Според CDC, третманите се најефикасни ако мозочниот удар се препознае во првите три часа по појавувањето на првиот симптом.

Ако сте со личност за која се сомневате дека има мозочен удар, можете со неа да направите тест:

1. Кажете ѝ на личноста да се насмевне и обрнете внимание дали едната страна на лицето се движи помалку.

2. Кажете ѝ на личноста да ги крене двете раце и обрнете внимание дали едната рака постепено ѝ паѓа.

3. Кажете ѝ на личноста да повтори некоја едноставна реченица и обрнете внимание дали нејзиниот говор има пречки или е чуден на каков било начин.

4. Ако забележите и само еден од овие знаци, веднаш повикајте брза помош.

koi-se-simptomite-na-mozochen-udar-i-shto-da-pravite-ako-gi-zabelezhite-03.jpg

Работи што мора да ги земете предвид:

Запишете го времето кога ќе се појават првите симптоми. Оваа информација може да им биде од помош на лекарите и да им помогне да најдат подобар и поефикасен третман.

Никако немојте сами да се возите кон болница ако се сомневате дека имате мозочен удар. Немојте ни да побарате да ве однесе некој друг. Треба да ја чекате брзата помош бидејќи само така медицинските лица ќе можат да делуваат брзо, односно да почнат со третманот уште на патот кон болницата.

Што е „мал мозочен удар“?

Во некои ситуации, симптомите на мозочен удар се повлекуваат по неколку минути. Во овој случај станува збор за таканаречен „мал мозочен удар“.

Сепак, иако овој мозочен удар не е опасен како „вообичаениот“ и поминува брзо, никако не треба да го игнорирате. Малиот мозочен удар речиси сигурно е знак за некој здравствен проблем и треба да одите на лекар.

koi-se-simptomite-na-mozochen-udar-i-shto-da-pravite-ako-gi-zabelezhite-04.jpg

Дали можете да ја спречите појавата на мозочен удар?

Ако се грижите за вашето здравје, можете да го намалите ризикот од појава на мозочен удар.

Дел од промените што треба да и направите:

  • Контролирајте го високиот крвен притисок со терапија од лекар и здрав начин на живот
  • Намалете го холестеролот и јадете помалку мрсна храна
  • Ако имате дијабетес, не ги игнорирајте препораките на вашиот лекар и следете ја препишаната терапија
  • Одржувајте оптимална телесна тежина
  • Јадете повеќе овошје и зеленчук
  • Вежбајте редовно
  • Намалете со алкохолот – не повеќе од 2-3 пијалаци неделно

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com