9.8 C
Skopje
Monday, October 18, 2021

Кого претставуваат Пендаровски, Заев, Османи, Димитров?

Најчитани вести

Од: Арсим Зеколи

Поплавата на приватното, интимното и „јаранското“ во нашата надворешна политика има и пошироки и подлабоки последици од дипломатската изолација и е со не помали последици од сафари-дипломатите. Пишува Арсим Зеколи

Сѐ е гнило во нашата надворешна политика. Ние сме веќе привикнати на отровните ароми на гнилежот, но мирисот сега веќе го заплиснува и регионот, и континентот, сѐ до американските крајбрежја. Стануваме славни по лошо, во најлошиот можен час и доколку не преземеме итни мерки, ќе уследат чекори за наша санитаризација.

Да почнеме со скандалот Ерменија. Деталите се познати, исто како и актерите и сценариото. Одговорноста се протега од Пендаровски, како надлежен за надворешната политика, Заев, како одговорен за импонирање на приватна волја врз дипломатска селекција, МНР Димитров, како лик во чиј мандат се има одвивано скандалот, до Виктор Димовски, како одговорен за безбедносната компромитација на дипломатската служба. Спинерите и апологетите можат да вртат теории за амнестија, но не и да ја избегнат едноставната вистина: во која било приближно сериозна држава, сите тие би требало да поднесат оставка и сносат одговорност. Доколку не, сериозна држава би ги присилила на повлекување и поднесување пријави за нарушување на честа и угледот на државата.

Во листингот за одговорност по вмешаност не го спомнувам сегашниот МНР Османи. Причината за тоа лежи во два клучни фактора. Прво, во рамките на МНР, под закрила на дипломатијата, одамна пред него дејствува институција на дипломатско разузнавање (моделиран според југословенскиот СИД), која е целосно корумпирана, компромитирана, здивена, неодговорна и одамна зрела за целосно распуштање на персоналот и чистка од МНР. Вториот фактор се однесува на преференциите на ерменските клиенти базирани врз наклонетоста за соработка со религиски блиски „дипломати” и дистанца од ино-верни претставници. Како што е Османи.

КЌКЗ (Како Ќе Каже Заев)

Кој иако не може да се обвини за соучесништво во организирањето, спроведувањето и тајноста на операцијата Ерменија, секако сноси морална одговорност за ненавремено делување по добиените сознанија. Тој не може да биде одговорен ниту за некогашната вмешаност на неговата партија во тезгарењата со дипломатски пасоши. Но доколку Османи не може да биде одговорен за наведениот скандал, тој токму сега, токму во неговиот мандат мора да сноси одговорност или поднесе последици за тековниот скандал со именувањето на новиот амбасадор при Обединетите Нации, избран повторно по волја на премиерот Заев, по провинциска линија на Пендаровски и спротивно на негативното мнение на – како што самите љубат да истакнат – нашиот стратешки партнер. МНР Османи може колку сака да настапува со познатиот стил на загрижена одговорност, со брчки на чело и решителен поглед во камери, може да се крие зад Талат Џафери и жртвува третокласни дипломатчиња. Но, неговата покорност кон каприците на Заев за именување јатаци во ОБСЕ и пајташи во ООН, ја става на тацна бесмисленоста на неговата функција, влијание и лична релевантност сведена на Министер за КЌКЗ (Како Ќе Каже Заев).

Последиците на случувањата во нашата надворешна политика веќе се случуваат, и тоа на прилично јавен начин. Па така, и покрај медиумскиот молк, јавноста ја увиде дистанцата на Вашингтон од нашите претставници при нивниот престој во Њујорк и неприпарување до Вашингтон. Вистина, и Еди Рама мораше да се задоволи со средби со Џорџ Сорос. И Ана Брнабиќ беше сведена на прием кај Викторија Нуланд. Вјоса Османи стигна до Бил Клинтон. Но затоа, најголемиот пробив на Пендаровски беше екс-амбасадорот Џес Бејли. Додека пак Османи… Бујар ја виде Америка.

Приватни канали и лични познанства

Поплавата на приватното, интимното и „јаранското“ во нашата надворешна политика има и пошироки и подлабоки последици од дипломатската изолација и е со не помали последици од сафари-дипломатите. Доколку приватните односи помеѓу Каракачанов и Димитрови во комунизмот, како и односите Заев и Борисов во време на режимот беа помалку присни, интимни и срдечни, можеби денес односите помеѓу Македонците и Бугарите ќе беа потранспарентни, со повеќе разбирање, соработка и уважување. Таквиот пристап на градење државни односи, преку лични интимности и бизнис интереси, доживеа фијаско. Отворајќи го патот за негова замена со стандардни меѓудржавни преговори, процеси, процедури и договори. И повторно, на сцена стапуваат нови паралелни сличности помеѓу сегашниот спор со Софија и некогашниот со Атина.

Праксата на приватни канали и лични познанства доминираше и во првите години на македонско-грчкиот спор, одбележани со пријателства помеѓу грчки разузнавачи и овдешни министри со амбасадорски амбиции, интимни дружења низ грчки плажи и скопски слаткарници. Со финален ефект на приватни финансиски профити, нарушување на државни позиции и интереси и на крај – соочување со безизлезна ситуација. Има и други, поинтересни компаративни случајности. Имено, пробивот кон разрешницата во спорот со Грција се случи по заминувањето на Филип Рикер од влијателните позиции во Скопје и Вашинтон, по заслуга на одредени грчки влијателни кругови. Останува да видиме дали сегашната деградација на Рикер (проследена со невообичаено постмешливи и критични изјави на неговиот колега Даниел Фрид) по средбата на претседателите Џо Бајден и Румен Радев ќе доведе и до нов пробив во преговорите со Софија. Согласно новиот пристап на САД кон регионот, неодамна сумиран од страна на Габриел Ескобар како дистинкција помеѓу етничките блискости на матиците со дијаспорите и државно-административните односи.

Рамноправност на државите

Промената на пристапот на САД кон нас и регионот е навидум минорен чекор, но со битни нус-ефекти. Станува збор за напуштање на досегашниот тунел-визиски пристап на САД кон регионот, базиран врз југословенскиот етноцентризам наметнат и наследен од Студената војна и распадот на СФРЈ. Сега надграден со прифаќање на новиот, посеопфатен и кон новите реалности поадекватен балкански пристап во пошироко согледување на односите во регионот. Во основа, ова е надоврзување кон турскиот пристап базиран врз отоманското искуство и докажано најпробивен во регионот во последните две децении. За разлика од Евро-Германското, ретроградно инспирирано фаворизирање на Србија, базирано врз споделениот атавистички империјален мајндсет, за разлика од антиславјанскиот пристап на Русија кон несрпското славјанско мнозинство во регионот, Турција демонстрираше стратешко недискриминаторски однос на заемни државни интереси со сите земји во регионот.

Ерата на југословенскиот етноцентризам во регионот е завршена, отфрлена. Идеолошката мантра за рамноправност на народите е заменета со прагмата за рамноправност на државите. На сцена стапува национал-државниот регионален инклузивитет под ингеренции на глобалните воено-политички системи. Ефектите на промената во овој час се вперени кон Србија и вонграничните Срби, Хрватска и Хрватите, токму според моделот досега употребен врз Приштина/Тирана кон Албанците. Во тој нов пресврт, на мета се и експонентите и остатоците на (ин)директниот југоцентризам кај нас (Пендаровски, Заев, Димитров, Ахмети, Мицкоски ) и во соседството (Борисов, Рама). Прешалтувањето од етно-романтичниот наратив кон државно-административниот стандард за разрешување спорови веќе е во финална фаза на заокружување во соседна Бугарија. Која има време за чекање на чистката на последната југо-генерација од нашата политичка сцена и надворешна политика.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com