17.8 C
Skopje
Friday, September 30, 2022

Кога институциите ќе стивнат, снимките говорат

Најчитани вести

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до надлежното Обвинителство ќе поднесе кривична пријава за двајца полициски службеници за сторено кривично дело „примање поткуп“. Истовремено ќе биде покрената постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на полицајците, а до завршување на постапката и двајцата се отстранети од работното место.

Ова е епилогот што го предизвика емисијата „Стоп“ емитувана на ТВ „Клан“ во Албанија, преку која еден бизнисмен успеа да ги потврди неговите наводи дека му се бара поткуп на македонско-косовската граница. Новинарски тим успеа да обезбеди видео доказ како на граничниот премин „Блаце“, полицајци бараат поткуп од транспортни претпријатија – да платат по 20 евра од патник.

Пракса што трае

Случајот од граничниот премин „Блаце“ не е само приказна за мито, поврзана со полициските службеници Е.Ш. и З.Р.

„Иницијалите се менуваат, но практиките продолжуваат“, коментираат поранешни службеници на ГП.

„Ако овој случај не бил медиумски третиран, двајцата полицајци денес пак ќе си беа на работа. Бидејќи институционалната контрола е слаба и кај нас секое чудо трае три дена, од задутре пак се ќе биде исто. Ако нема многу ригорозни контроли и санкции, нема како да се стави крај на ваквата коруптивна практика. Луѓето и натаму ќе си коментираат колку се богатат службениците на граница и со каква брзина им расте имотот, но ништо фундаментално не се менува“, велат тие.

Токму медиумизирањето на корупцијата е најдиректна потврда за каскањето на надлежните институции во нејзиното откривање. Без посочената снимка, „тарифата“ од 20 евра по патник најверојатно ќе останеше во четири очи и меѓу четири ѕида, меѓу оние кои се принудени да платат за нешто што не треба да плаќаат.

Но, додека некој се охрабрил да го обелодени барањето поткуп, многу други се согласуваат да го плаќаат и да молчат, бидејќи имаат интерес. Дел од нив, се на пример, оние што не ги исполнуваат условите за меѓународен превоз на патници и ја немаат потребната документација/лиценци за тоа.

Замена за лиценца

За потсетување, по минатогодишната автобуската несреќа во Бугарија во која животите ги загубија 45 македонски граѓани, отпосле се дозна дека автобусот немал лиценца за меѓународен превоз, но дека без проблем цела година поминувал на сите гранични премини. Но, дури и по ваквото сознание, а во момент кога поради тој случај се засилија граничните контроли, некои превозници повторно се дрзнаа без соодветна документација да излезат од земјава.

„Таа дрскост е знак дека системот веќе е поразен од корупцијата, од оние кои потплатиле и согласно со тоа очекуваат да немаат никаква проблеми. Во тие случаи има две заинтересирани страни – тој што самоволно дава, и тој што решил да зема. Така се создаваат долгогодишни врски меѓу оние кои го изигруваат законот. Едните имаат ‘нивни луѓе’ на граница кoи се нафатиле да им го расчистат патот oд сите евентуални проблеми, другите огромен ‘прилив’ од вакви коруптивни активности, кои потоа се претвораат во негување на врските со клиентите и внимание да не им ги преземе друг“, велат нашите соговорници, потсетувајќи дека има и многу случаи на „честење“ за овозможување некој побрзо да ја помине границата.

Откаков снимка од камера ги откри деталите од претепувањето на хрватскиот ракометар Денис Тот, а потоа друга снимка откри коруптивна епизода, во јавноста вледее чувството дека без доказ од друг извор, надлежните ништо не откриваат сами.

Случајот стана повод и за критика од опозицијата.

„Потребен беше странски медиум да открие криминал во МВР, наместо внатрешната контрола. Ељхам Шкрета, началникот кој беше снимен како бара и зема мито од 120 евра на граница, е истиот тој кој се закануваше на социјалните медиуми, во одбрана на Заев и Спасовски. Ова говори дека Шкрета е штитен од врвот на МВР. Случајот со Шкрета е само еден пример како функционира оваа власт која е во срж корумпирана. На луѓе им се бара мито и се прави криминал од граница до генерален секретаријат на влада. Системот на СДСМ е трул, и го гризе општеството“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com