Кога зелената трева ќе се замени со театар

0

Ненад Јовановиќ

Не дека нешто особено сакам да кукам, ама брате мили, може ли некој да ми објасни што бараа фудбалските навивачи во Македонскиот народен театар? Всушност, не кукам, размислувам: знам дека навивачите се навивачи затоа што навиваат, а луѓе што се љубители на театар и уметност се нарекуваат „културни работници“ или „културни вљубеници“. Која е таа синергија во нашата (пара)политика, кога можат навивачи и културни работници да бидат едно исто? Или можеби човек е осуден „да размислува“ кога ги гледа импликациите од навивање и гледање, а сè во контекст на идентитетските политики и други трици и шлајшупки.

Ете, така и јас, пред некој ден, ја видов веста што ни вели дека нешто што се нарекува „Министерство за политички систем и односи со заедниците“ ја организирало централната манифестација – „Свечена академија по повод прослава на денот на албанската азбука“, додека настанот што се случил со срамното однесување на „шверцери“ било само еден од низата настани, предвидени за одбележувањето, ни вели извесна директорка на МНТ Симона У., која уште ни вели дека „срцето ја боли“ и најостро го осудува дивеењето на навивачите. Таква е содржината на директорката на МНТ, што да се прави, мака на духот, комшија! Но, сепак, ајде да видиме што оваа сувопарна содржина сака да ни каже.

Заканувачка порака

Навивањето во оваа земја, но и навивањето генерално, барем за острото око на набљудувачот, има за цел да измисли (или проектира) – уште како многубројни и сеприсутни – „патриот(и)“. Се разбира, соопштението на директорката на МНТ не го објаснува проблемот, таа само „површно“ го интерпретира и лично се брани. Но, проблемот е на друго место. Фудбалските хулигани и навивачи, екипирани во разни групи и „екипи“, убедени дека го претставуваат најдоброто нешто што оваа земја го има и дека тие се столбот на идентитетот (било македонски, било албански), без разлика што „акцијата“ се одигрува „во“ или „надвор“ од зелениот терен. Не треба ниту да ги повикате, тие сами ќе дојдат, ќе викнат, ќе вреснат, а неретко ќе рушат и толчат, оти тоа им го дозволува „правоверниот“ (праисконски) идентитет што служи за некоја имагинарна „наша работа“, то ест за некое наше (во случајов) „албанство“. Па, уште Груби му испраќа заканувачка порака на Заев – театарот бил направен со нивни пари? Тјах! И фудбалските стадиони се направени со наши, мои пари, па што се однесува до мене, слободно нека си ги земат, не ме интересира, па таму нека се шибаат и уриваат.

Иако во оваа земја навивачите се прават дека се некаков политички фактор, демек тие се релевантна општествена сила, политичката и идеолошката страна на овие групи е секогаш насилничка, па оттука не им се дава некое преголемо значење и секогаш некако срамно се премолчуваат. Поради очигледниот вандализам во МНТ, како што нè известува официјалната институција, навивачката група, сепак, е дел од Артан Груби и партијата ДУИ. Со тој гест – барем во симболична смисла – мислам дека сакаат да му испратат порака на Зоран Заев, која вели дека тие се сè уште национален фактор и во таа смисла сакаат да си ја повратат довербата кај своите гласачи. Исто така, боде во очи недоволната идеолошка профилација, компромитираност на ДУИ од разните скандали кои ги направија во минатото за нивната „албанска кауза“. Не се обидуваат да стекнат доволно добра комуникација со албанските гласачи, туку мора на ваков начин да се обидуваат на својот коалиционен партнер да му испраќаат пораки што во некоја смисла претставува „суптилна“ закана.

Идејата за мултикултуралност и мултиконфесионалност ДУИ многу лошо ја интерпретира и разбира, затоа што реално, јас друга порака не можам да исчитам, друго логично објаснување не можам да најдам за тоа што бара една навивачко-хулиганска група во Македонскиот народен театар. На крајот на краиштата, ако се прославува албанскиот јазик, а навивачите ги интересира топка, каква врска им топката и јазикот?

Видете, јас немам илузија дека ваквите манифестации – „облагородени“ со навивачки групи – припаѓаат на оној десничарско-неофашистички свет, длабоко конзервативен и длабоко патријархален, дури и во голема мера овие групации се задоени од верско-религиски фундаментализам. Сега големо прашање е дали се спонзорирани од некого или, едноставно, се дел или крило од самата партија на ДУИ. Заедничкиот именител на сите им е дека се борат за „својот народ“ и дека ние сите треба да ги трпиме, а зад нив – јасно како ден – стои секогаш личниот интерес на поединци.

Журка, навивање и „висока политика“

Идејата на текстот е во насока државата да се позанимава со овие групи, да им се спротивстави, а тоа може да го направи така што ќе ги открие идеите позади кои стои оваа групација – а и не само оваа – има Македонија многу сомнителни „навивачки“ групи. Еве, чисто нафрлам: а, што ако се открие дека во коренот на овие групации лежи неофашизам, односно лежи некаков терор, екстремен национализам, кои самите го пропагираат? Прашањето е сложено, големо и мора да се дејствува веднаш. Знаете, не е исто фашист и граѓанин, и не е исто националист и граѓанин. Едниот нема одговорност, а другиот – граѓанинот – има своја одговорност и свои права. Себеси се сметам за граѓанин и барам од мојата земја да го испита овој случај, да се види кои се нивните идеи, на што или во кого идеолошки опстојуваат и се колнат, оти потоа, брате мили, бељата може да биде многу поголема од оваа маргинална лудорија што се случи во Македонскиот народен театар.

Едноставно речено, не е чесно да се бркаат жанровите што треба да се наоѓаат одвоено: журка, навивање и „висока политика“. Ама овде сè тоа е каша-попара, што е типично за онаа – реков и погоре – популистичко-конзервативна матрица. Нивната симболика и меѓусебното племенско „подје*авање“ секогаш ќе превагне над одговорноста и разумот. А, за тоа не може да ги обвинувате навивачите или фудбалерите, затоа што тоа не е нивно поле на одговорност. Тоа е одговорност на политичките елити.
Се разбира, може да се излезе од овој цивилизациски ќорсокак, само треба да се има волја.

Глупаво е Артан Груби да се заканува со една група во која очигледно уште како млад се заразил, па оттаму ја покажува својата величина, заканувајќи се, практично, кому? Или може поубаво му е да си игра со идеолошки симболи, без разлика дали бил на зелениот терен или на некое друго место. Во самиот корен на таа игра е расчистување политички пресметки со оној Другиот. Без разлика дали тој Друг бил фикционален или реален.