7.8 C
Skopje
Saturday, December 3, 2022

Кога живите им завидуваат на мртвите

Најчитани вести

Од Билјана Ванковска

Длабоко жалам што моето враќање од неколкумесечната пауза е повторно под сенката на смртта. Се прашував деновиве каде застанав (со колумните). Од каде да продолжам? Што се промени во меѓувреме и што е тоа што најмногу нѐ засега и погодува? Се чини наједноставно да се гледа локално, да продолжиме со вивисекција на проблемите што ни се надвиснале над глава и со барање рационални решенија. Но повисокиот морален закон бара да гледаме глобално и да не мижиме пред надоаѓачката апокалипса.

Ѓаволот ја однесе шегата одамна и веќе не е прашање кој прв почна или кој е во право, а кој треба да се казни. Спиралата на она што почна во февруари веќе е откочена до степен во кој не знаеме дали може да се запре. Стравот веќе не е резултат на колективна параноја, туку на реална констелација на односи што можат да ја обвистинат познатата претстава на Никита Хрушчов за последиците од евентуална нуклеарна војна: тоа е состојба во која живите им завидуваат на мртвите! Со други зборови, да преживееш нуклеарна војна е казна, живот полн со физички и душевни страдања какви што не можеме ни да замислиме.

Само мал дел од таквиот живот може да се осознае преку зборовите на преживеаните од Хирошима и Нагасаки (наречени hibakusha). Ги слушав нивните излагања среде Генералното собрание на ОН во август, за време на годишната конференција за преглед на имплементацијата на Договорот за непролиферација на нуклеарното оружје. Старици/старци што со изнемоштен глас, но со јасна мисла, ја вршат мисијата што си ја задале: да го предупредат светот за ужасите на нуклеарната војна! Контраст (или антиклимакс) на нивните напори беше настапот на претставничката на Меѓународната коалиција за аболиција на нуклеарното оружје (ICAN), мрежа на речиси 500 невладини организации во светот одликувана со Нобелова награда за мир за промоција на идејата за севкупна забрана на нуклеарното оружје. Оваа година, тие решиле да ги претставува 18-годишна Украинка, која прочита убав училиштен состав за страдањата на нејзиниот народ, за херојството на нејзината армија, но едвај и да ја осуди ескалацијата на теренот или заложбата на нејзиниот претседател, кој пред почетокот на војната јавно кажа дека Украина треба да размисли за враќање на нуклеарното оружје како детерент (одвраќање) во однос на опасниот сосед. Дури и оваа коалиција како да сакаше да покаже со прст од каде доаѓа опасноста…

Можеби подобро ќе сфатите зошто се држам до оваа тема ако ви кажам дека изминатите месеци работев интензивно на поглавје за книга посветена на нуклеарната опасност. Проектот е во тек веќе втора година (значи почнавме со него пред воопшто темата од апстрактна и хипотетичка да стане реална и можна), а околу 20 автори од целиот свет треба да ги здружат напорите во наоѓање излез од безизлезот на т.н. нуклеарен мир. Уредувач е еден од најбрилијантните професори по меѓународно право и долгогодишен мировен активист (од Виетнам до Палестина), Ричард Фалк. Ете, мене ми припадна честа (и тежината) да зборувам во име на земјите од т.н. глобален Југ. (Простете, ама јас воопшто не се чувствувам како дел на некаков Запад или НАТО, вака како припадник на една понижено, обезличено и згазено племе, да го парафразирам Конески.) Чудно е тоа чувство кога пишуваш книга за која не знаеш ни дали ќе доживееш да ја видиш отпечатена. Ако и ја видиш/доживееш, знаеш однапред дека нема да има ама баш никакво влијание врз светот, кој тргнал кон сопствена деструкција. (Притоа, не би ме чудело да стане обичен комерцијален производ што ќе може да се купува во светските книжарници, а кој едвај ќе допре таму „горе“ или овде „долу“.) Се изначитав извонредна литература од врвни научници и морални џинови, кои уште од времето на Кубанската криза толку елоквентно зборувале за криминалноста на поседувањето, производството, тестирањето и користењето на нуклеарното оружје (макар и како детерент). Сѐ е кажано! Едвај и да има што да се додаде, освен фактот дека е зголемен бројот на држави што поседуваат ваков арсенал, а самото оружје и натаму доживува развој – како „тактички“ или „стратегиски“ да убие што повеќе луѓе. Но ништо од тоа не допрело до умовите на оние што, небаре богови, одлучуваат за опстанокот на човечкиот вид.

Денес ние го рециклираме сето тоа познато знаење, па и личните искуства на јапонските жртви. Обидувајќи се да ја предупредиме оваа генерација лидери ризикуваме да бидеме ставени на црни листи, како луѓе што не сфаќаат дека војната треба да ја добие Украина – по секоја цена. Им завидувам на оние (западни) колеги што се ентузијасти и со гордост се повикуваат на Конвенцијата за забрана на нуклеарното оружје, иницирана од глобалното цивилно општество, а изгласана во Генералното собрание на ОН во 2017 година (стапи во сила во 2021-та, но нема моќ да ги натера нуклеарните сили, ниту НАТО како нуклеарна алијанса да се откажат од криминалниот посед). А место за гордост нема, бидејќи во обичајното и конвенционалното меѓународно право веќе постојат основи за забрана на нуклеарното оружје – само што никој не ги смета за релевантни. Од друга страна, моите драги и добронамерни колеги не сфаќаат дека поимот „цивилно општество“ е тотално компромитиран и кај дел од светот веќе асоцира на инструмент на владејачката каста да протурка агенда „одоздола“, а таа да изгледа спонтано и напредно.

Мојата задача ја завршив и ја испратив на еден ден пред крајниот рок. А еве ме ден потоа, како ја пишувам мојата прва колумна со која треба да ги прекинам и паузата и молкот. Темата сама се наметна: чин на меѓународен тероризам без преседан досега (саботажата и уништувањето на гасоводите Северен тек 1 и 2) и чинот на припојување на територија на друга држава (кој можеби некогаш бил преседан, но сега е „нормализиран“ – од Палестина до Косово и до Западна Сахара). Путин е решен да ја брани руската територија, онаа што тој ја смета за дел на територијалниот интегритет – со сите расположливи средства; Зеленски бара итен прием во НАТО – бидејќи Украина е фактичка членка на Алијансата, новината не би била прием на државата, туку прифаќање на војната од страна на сојузниците; Столтенберг подрипнувајќи додека зборува, во оној негов (не)убедлив стил, вели дека НАТО не е страна во конфликтот и нема намера да му ја исполни желбата на Зеленски, но и натаму ќе војува преку прокси (посредник) до последниот Украинец. И тука веќе е јасно дека влегуваме во ера во која нормализацијата на односите меѓу „колективниот Запад“ и Русија е во сферата на научната фантастика, не затоа што е тоа реално невозможно, туку поради смртта на дипломатијата и преговорите (поточно нивното намерно убиство), а кои сега се изгонети од нормалната комуникација во меѓународниот поредок. Познавачите тврдат дека е прекината и елементарната/техничка комуникација, дури и на најниско ниво, помеѓу одговорните за следење на нуклеарните закани. Ние сме како човештво во „слободен пад“ и јас не гледам ни актер, ни авторитет, ни организација што може да го запре ова. Веројатно некои виши сили може да нé спасат од обичната или нуклеарната Зима (со големо З, бидејќи овде веќе не станува збор за годишно време).

Завршниот дел од мојот текст гласи „Ave Imperator, morituri te salutant“ – „Поздрав Императоре, те поздравуваат оние што ќе умрат“. Можеби звучи морбидно, но вистината е дека во чест на империјализмот мнозина се подготвени да гладуваат, да смрзнуваат, да војуваат, да се самоуништат. Неодамна слушав дебата помеѓу еден славен кинески професор по меѓународни односи Џанг Веивеи и еден познат сингапурски дипломат (Индус по потекло): пред само четири години тие зборуваат дека „Истокот“ (Азија) е простор во кој владее ентузијазам и, наместо барање пријатели и непријатели, напорите се кон создавање сѐ повеќе пријатели (претворање на непријателите во пријатели), додека Западот е место во кое царуваат песимизам, очај и помиреност со апокалиптичните очекувања. Не знам како деновиве тие гледаат на светот и на нас (за Западот), но сопствениот песимизам не можам да го потиснам. Грамшијански е да се каже дека песимизмот на разумот мора да го следи оптимизмот на волјата (за борба за подобар свет).

Затоа, не судете ми престрого за оваа прва колумна по подолго време: песимизмот е за да ја прикаже големата слика на она што ни се случува, но тоа не значи дека е умрена и решителноста да се работи за мир – дури и по цена да те обвинат дека така навиваш за „другата страна“ и за „лошите момци“. Впрочем, чест е да бидеш на листа заедно со основачот на „Пинк Флојд“, Роџер Вотерс, професорот Мершајмер, бившиот маринец и инспектор за оружје на ОН Скот Ритер, брилијантните Џон Пилџер и Јан Оберг… Подобро со нив отколку да избираш од која страна преферираш да те удри нуклеарна бомба.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести