Животниот стандард, социјалната заштита и демократијата се трите елементи според кои ЕУ е најдобра во светот, на ниво на САД, изјави премиерот Ковачевски во пресрет на закажаната пленарна седница на која ќе се дискутира за отворање на Уставот.
Според него, 80 пратеници се потребни за европска Македонија, за да се оствари втората стратешка цел – полноправно членство во ЕУ. Ковачевски вели дека дебатата во Собранието е добра можност граѓаните да се уверат дека што побрзо се заврши процесот, толку побрзо ќе станеме членка на ЕУ.
„Десетдневната дебата во Собранието е можност за граѓаните да се уверат дека се работи за процес за остварување на втората стратешка цел по членството во НАТО, а тоа е членство во ЕУ. Што побрзо го завршиме процесот, толку побрзо ќе станеме членка на ЕУ. Ќе повторам, за прв пат ветото на нашата држава не доаѓа од надвор, туку може да дојде од внатре“, нагласи премиерот Ковачевски.
Премиерот нагласи дека и ЕУ и САД, со коишто имаме стратешки договор, се согласни дека преговарачката рамка е одобрена од сите земји-членки и е најдоброто компромисно решение.