Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со Мелани Хулм, државна министерка за Европа и меѓународни односи на покраината Баварија при Сојузна Република Германија, информираат од владината прес- служба.
На состанокот е констатирано дека е од големо значење Република Северна Македонија да направи исчекор во европските интеграции, бидејќи пандемијата и посебно војната во Украина покажаа дека е важно државите во Европа да дејствуваат заедно, а дека местото на Западен Балкан е во ЕУ.
На средбата е разговарано и конкретно, за унапредување на односите помеѓу Северна Македонија и Баварија, преку активирање на формираната Мешовита меѓувладина комисија, со фокус на економијата, правдата, младите и дигитализацијата и иновациите.
Премиерот Ковачевски изрази благодарност за поддршката на нашата држава на европскиот пат и за заинтересираноста од Баварија за поддршка на развојот на капацитетите во посочените области.
Тој посочи и на фокусот на Владата кон надминувањето на предизвиците со грижа за граѓаните и државата.
„Во односите на Северна Македонија и Бугарија, со премиерот Петков поставивме логичка рамка на разговори на принципиелно ниво. Ја споделуваме визијата за напреден Балкан, пример за европски просперитет, а не за конфликти и одржувањето на ова ниво на комуникација, со волја од двете страни, може да донесе решение. Ние силно ја осудивме воената агресија во Украина, ги усогласивме целосно нашите политики со политиките на НАТО и на ЕУ, што е веќе поздравено оттаму, се справуваме со енергетската и економската ситуација според новонастанатите околности и сметаме дека со тоа Република Северна Македонија покажа дека практикува европски вредности и нашето место е во ЕУ“, рече премиерот Ковачевски на средбата со баварската министерка за Европа, Хулм.