Премиерот Димитар Ковачевски очекува конструктивна дебата утре во Собранието кое треба да расправа за новите министри и заменици-министри по влезот на „Алијанса на Албанците“ во Владата.
“Очекувам предлогот да биде усвоен од страна на мнозинството во Собранието и Владата да продолжи на остварувањето на програмата којашто ја има зацртано до редовните избори во 2024 година, изјави Ковачевски за ТВ „Канал 5“ по учеството во донаторската емисија што телевизијата ја организираше за настраданите во земјотресот во Турција и Сирија.
За „Алтернатива“, Ковачевски рече дека вратата во Владата останува отворена за оваа партија.
„Алтернатива“ има исти стратегиски цели како што има и владината коалиција. Тоа се потврди и при усвојувањето на важните одлуки за отворање на преговорите со Европската унија. Во текот на изминатиот период имав редовни разговори со претседателот на „Алтернатива на кои кажавме дека со оглед на проширувањето на владиното мнозинство, треба да дојде до одредено кадровско рекомпонирање во Владата и во одредени институции. Низ тие разговори беа побарани одредени барања од страна на Алтернатива за кои тие разговараа во текот на четврток и петок, рече Ковачевски.