23.8 C
Skopje
Saturday, May 21, 2022

Ковачевски во новото поглавје од серијалот „Умри машки“

Најчитани вести

ЏАБИР ДЕРАЛА

Многу е лесно да се критикува секоја владина гарнитура на Балканот, па и многу пошироко. Ако ништо друго не можете да им најдете, тогаш можете да ги закачите за родова нерамнотежа. А секако, човек треба да биде многу наивен, па да најде само една забелешка кај било која влада во светот.

Владата секогаш е крива


Владата е тука за да биде критикувана и да биде виновна дури и тогаш кога не е, зарем не? Освен ако на чело на државата не е некој автократ од рангот на Орбан, Путин, Вучиќ…

Во последно време се намножија автократите низ Европа, па некако го фрлаат во сенка македонскиот „Der Kleine Diktator“ како што Neue Zürcher Zeitung го нарече Груевски во 2014 година.

Но Груевски е веќе минато. Да ја погледнеме набрзина, дијагонално, новата влада, трета по ред од падот на режимот пред пет години.

Бројки, букви и машка доминација


Владиниот кабинет на Ковачевски ја продолжува старата „добра“ традиција на речиси апсолутна доминација на мажите во владата. Владата, сосе премиерот брои 21 член. Само четири се жени. Премиерот и девет министри, или малку помалку од половината доаѓаат од редовите на СДСМ, ресорот правда го презема претставник од академската заедница, но по предлог на СДСМ. ДУИ има шест министерски места, сосе првиот вицепремиер. Тројца министри доаѓаат од новиот коалициски партнер Алтернатива, а еден е од ЛДП.

Освен премиерот, има дури осум нови министри, а тројца министри се селат на нови позиции во владата, односно нешто повеќе од половината од владата е нова. Ако уште малку се задржиме на родовата (не)рамнотежа, ќе видиме дека, од четири вицепремиерски позиции, само една ѝ припаѓа на жена.

Робусна влада


Владиниот состав е робусен, многуброен, како и сите останати досега. Постојат повеќе објаснувања и оправданија за бројноста на министерските позиции во македонските владини кабинети, но повеќето од нив се наивни. Има многу проблеми, потребни се многу луѓе да ги решат… Композицијата на државата е комплексна, потребни се голем број ресори за да се пристапи кон решавање на сите прашања од различни аспекти…

Со други зборови, секој коалициски партнер си бара некое место повеќе во структурата на владата, што потоа повлекува и влијание при избор и назначување на заменички и помошнички места, државни секретари, советници, места во управни одбори, директори и заменици на државните и јавните претпријатија, установи, агенции…

Како е во светот и во регионот?


Швајцарската влада (Федерален совет) брои седум министри. Швајцарската конфедерација е составена од четири конститутивни народи и има висок процент на етнички заедници кои живеат и работат со генерации во оваа земја.

Од друга страна, да не биде дека македонската влада е исклучок, канадскиот владин кабинет во моментов брои 35 членови, 17 мажи и 18 жени.

Германската влада, сепак, е со поскромен обем и брои 15 министерски места, освен функцијата на Канцеларката или Канцеларот. Во новата германска влада, седум се жени, нешто помалку од половина.

Поголем владин кабинет од македонскиот има и Шведска – 22 министерски места, од кои 11 им припаѓаат на жените, плус премиерка.

Косово има точно една третина жени од 18-члената влада.

Чесите се и полоши од нас во поглед на родовата застапеност, само со малку помала влада. Премиерот го придружуваат 17 министри од кои само три се жени.

Српската влада ја води жена, придружена од пет вицепремиерски позиции, 21 министер и двајца министри без портфолио. Сосе премиерката, српската влада има 29 фотелји од кои 13 им припаѓаат на жените.

Албанската влада може да послужи како пример во глобални рамки. Владата, сосе премиерот брои 17 члена, од кои жени се 12, а на мажи се пет.

Феминизмот во Шведска


Не е само Северна Македонија, а уште помалку само Балканот каде што мажите доминираат во политиката. На Википедија во темата Феминизмот во Шведска, ќе го најдеме податокот дека во 2017 година жени биле на чело на само 17 држави (во моментов има 193 држави членки на ОН).

Во 31 мировен процес во светот во периодот 1992-2011, само 9% од преговарачите се жени. Од тие што потпишале мировни договори, дури 96% се мажи.

Сто дена? Што беше тоа?


Назад, пардон, напред во Северна Македонија! Освен во парламентот, каде што има нешто подобра, но далеку од правична родова застапеност (73 мажи и 47 жени), на сите други позиции има тотална машка доминација. Од 81 градоначалници во земјава, по локалните избори во октомври, 2021, само две се жени. За родовата застапеност во претходниот мандат на локалните власти велевме дека е катастрофална, ама имаше „дури“ пет. Значи, можело и полошо.

Како и да е, пред владата на Ковачевски стојат огромен број предизвици и на надворешен и на внатрешен план. Голем дел од патот му го истапка Зоран Заев. Тој рече дека ќе се фати за работа веднаш (а кога инаку?), на првиот ден (17 јануари). Обично, првите 100 дена му се даваат на премиерот и на неговиот кабинет да покаже што и колку може. Но Ковачевски, како ни Заев пред него, нема да ги добие тие 100 дена.

Ковачевски нема лесна задача


Во македонскиот случај, со ВМРО-ДПМНЕ веќе пет години во опозиција, а опиени од успехот на локалните избори, Ковачевски нема лесна задача. Тој и пред да стане премиер беше мета на жестока црна пропаганда од моментот кога неговото име проструи во јавноста. Опозицијата го одрекува неговиот легитимитет. И тоа доаѓа токму од оние што се носители на легитимитетот – пратеничките и пратениците во парламентот. И – тоа не е ништо.

Пандемијата, економските, политичките, енергетските, еколошките и безбедносните предизвици со тешки чекори веќе се движат низ секојдневието на луѓето. А пред да се соочи со тие предизвици, пред него стојат националните стратешки интереси – да се одржи евроатлантскиот курс кон надвор.

На внатрешен план, од Ковачевски и неговата влада се очекува да посвети многу труд, време, волја и капацитет за заштита и унапредување на демократијата, човековите права, родовата еднаквост и стратегијата „Едно општество за сите“…

Добредојдовте во новото поглавје од серијалот „Умри машки“!

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com