Книжевна средба во ДПМ за еден век од раѓањето на Димитар Митрев

0

Сто години од раѓањето на академик Димитар Митрев (14 октомври 1919 – 24 февруари 1976), еден од основоположниците на македонската книжевна критика и теорија, одбележа денеска Друштвото на писателите на Македонија кое секоја година доделува и годишна награда за најдобра книга есеи и критика што го носи неговото име. Митрев е автор на 15-ина есеистички трудови. Бил критичар, есеист, полемичар, антологичар, фељтонист.

Еден е од основачите на ДПМ, во неколку наврати негов претседател, декан на Филозофскиот факултет, ректор на Скопскиот универзитетет и член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година. Претседателката на ДПМ, Соња Стојменска-Елзесер на отворањето на книжевната средба истакна дека во неговиот богат опус сѐ уште има многу идеи кои, рече, можат да послужат како светилници во денешно време.

– Би се фокусирала само на две – прво, мора да го паметиме нашето културно минато, зашто нашиот културен идентитет зависи од тоа колку и како паметиме. Второ, единствена одбрана на сѐ она што сме ние како култура е стремеж кон сѐ повисоки стандарди во уметничкото творење и во критичкото проследување, рече Стојменска-Елзесер. Ќерката на Митрев, Илинка Митрева, универзитетски професор и поранешен министер за надворешни работи, на свеченоста го прочита својот есеј „Митрев“ сакајќи, како што рече, да стави знак на еднаквост помеѓу исклучителниот човек и исклучителниот деец.  

– Постулирав три крупни императиви во теоријата на духот на теоретичарот и човекот Митрев – моралот на акцијата, пледоаје на националното, осуда на баналноста… Тој ги поставува високите стандарди на ексклузивниот спој на интуиција и ерудиција во поимањето на книжевното. Ослободено од баластот на тековната реторика и сведено на чисти суштини, делото на Митрев ќе претставува сѐ поголем предизвик за идните проучувачи…, рече Митрева. Таа кажа и дека во оваа пригода сака да објави крупна порака која тој ѝ  ја оставил во наследство и често ја повторувал додека заедно го пиеле кафето: „Не дозволувај да те прегази времето, зграпчи го и терај!“.

Митрева нагласи и дека е привилегија, гордост и радост што толку свежи и точно ги чува во своето сеќавање ехото на зборовите и контурите на ликот на, како што рече, „големиот човек, мојот татко Димитар Митрев“.

Проф. д-р Иван Џепароски рече дека книжевната средба за Митрев во ДПМ е средба за човекот кој и самиот му се посветил на среќавањата со творци од различни периоди и правци, со домашни и странски, реалисти и модернисти, и дека и покрај одминувањето на времето, делото на академик Митрев е во постојан креативен дијалог со нас и од многумина проучувачи е определно како живо дело. Тој посочи дека не случајно во антологискиот избор „Македонскиот есеј“ што го приредил пред повеќе од една деценија, за воведен го внел есејот на Митрев „Сказанија од искони“ посветен на истоимената, прва песна од поетската книга „Евангелие по Итар Пејо“ од Славко Јаневски од 1966 година.

Проф. д-р Јелена Лужина изјави дека Митрев е најмаркантен македонски книжевен критичар кој ги поставил темелите на области кои, како што рече, денеска остануваат подзаборавени и сѐ понерелавнтни.

  – Димитар Митрев е бренд на македонската култура и книжевност, на Македонија и нејзината историја и Македонија би требало да направи сè што може за да го направи тој бренд видлив и јавен. Книжевната критика денес ја нема. Имаме повеќе писатели отколку читатели, а критичарите се сосема изумрена сорта. Критиката повеќе никого не го интересира, дури ни на Фејсбук. Книжевноста, театарот, уметностите стануваат сѐ понебитни, рече Лужина./opserver.mk