Премиерот на Бугарија Кирил Петков денеска ќе ги посети градовите Благоевград и Сандански, соопшти прес-службата на бугарската влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, во Благоевград премиерот Петков ќе одржи средба во Старап бизнис клубот на Американскиот универзитет во Бугарија, а потоа ќе го посети зелениот пазар во село Карналово.
Во градот Сандански, премиерот Петков ќе учествува на работна средба меѓу општините од Бугарија и Република Северна Македонија, дел од Програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји за 2021-2027 година, во организација на Националната асоцијација на општините.
На состанокот во Сандански ќе учествува и министерот за локална самоуправа Горан Милевски каде ќе има средба со министерот за регионален развој и јавни работи на Бугарија, Гроздан Караџов.
Како што информираа од македонското Министерство за локална самоуправа, во делегацијата што ја предводи министерот Милевски се и дваесет и пет градоначалници на општините од пограничниот регион, кои во Сандански ќе остварат средба со своите бугарски колеги.
На состанокот ќе се разговара за зајакнување на соработката за заеднички проекти за прекугранична соработка, финансирани од ИПА-инструментот на Европската Унија, како и за размена на искуства за развој на општините и за нивна дигитална трансформација, соопшти Министерството за локална самоуправа.