7.8 C
Skopje
Saturday, December 3, 2022

Најчитани вести

Со смртта на татко ми научив работи кои не сакав да ги научам, но мораше да ги научам. За да ми бидат појасни нештата за во иднината, за после пет години од неговата смрт, кога јас ќе бидам дијагностициран со канцер. Животни приказни има многу. Секој има по една. Ова е само еден дел од мојот живот; за жал, една тажна.

Непредвидливоста на животот е како бура која ја очекуваш, но не доаѓа тогаш кога мислиш дека ќе дојде. Татко ми беше дијагностициран со канцер на дебело црево во 2012 година.

Никој од нас не го очекуваше тоа. Човекот имаше преживеано три инфаркти, и имаше вградено шест стентови.

Имавме некаква надеж, бидејќи канцерот беше откриен релативно рано. Се направи операција успешно, но, му беше препорачано да прими превентивна хемотерапија.

Не бевме нималку изненадени кога одби да ја прими. Не знаев ни дали е тврдоглавост негова, ни дали е некаков страв. Само знаевме дека беше решен да поживее така.

Татко ми живееше на двете екстремни страни. Знаеше да биде премногу добар, но и премногу лош. За мене беа разбирливи и двете страни.

Тоа беше човек израснат во трауми, човек злоставуван и психички и физички од неговите родители, човек оставан. Тие тешки рани, тие тешки трауми никогаш не беа излечени.

За жал од тие нерешени болки, предизвикуваше болка и кај другите. Кога ќе пукнеше, пукаше на погрешни начини, кон погрешни луѓе.

Татко ми имаше многу болка во неговиот живот. А, велат дека ракот е насобраната болка која почнува да го јаде телото.

Иако односот со него ми беше во поголемиот дел негативен и турбулентен (поради неговиот алкохолизам и злоставување), сепак не можев, а да не направам сè за тој да се излекува.

Заедно со мојата мајка го убедувавме, го молевме, му дававме факти, истражувања. Но не. Не сакаше да прима хемотерапија; не сакаше да изоди уште еден пат.

Од мои млади години јас го паметам татко ми најмногу по болници. Де оваа операција, де онаа операција, де инфаркт, де стент, итн.

А сето тоа беше од неговите животни одлуки. Алкохолизам, нездрава храна, болка, тегоба, траума. Сето тоа беше еден магичен круг кој се вртеше во погрешна насока.

Канцерот кај него почна да зафаќа поголем замав. Почна да метастазира. Од човек крупен и висок, тој се смали. Тој ослабна толку многу во толку краток период. Почна да не може да јаде.

Само да лежи. Мојата мајка и јас се соочувавме со нешто толку непознато. Со пасирана храна, со пелени, со непреспиени ноќи, со неизвесност, со плач од болка.

Никој не те учи како да се однесуваш кога некој близок ти е болен од канцер, ни што да правиш, ни како да постапуваш.

А, се чини дека ретки се и оние околу тебе кои можат да го поднесат трнливиот пат низ кој тогаш минуваш.

Луѓето се менуваат. Се сеќавам како и едно пријателство ми заврши бидејќи пријателот не беше подготвен да разговара на оваа тема; низ што поминував со татко ми.

А ќе речеш академски граѓанин, професор на факултет, човек. Не. Ретки се оние кои се подготвени да ти позајмат малку од товарот, за да ти олесни. Ги има, ама ретки се.

Татко ми знаеше да сака луѓе. И успеа да ги види сите кога умираше. И двете ќерки, и сестрата негова, и некои пријатели. Сакаше да види уште повеќе, но не успеа.

Месеците одминуваа, а тој повеќе и повеќе тонеше. Почнуваше да разговара со неговите починати родители, со неговата почината баба која толку многу го сакала. Несврзани нешта, солзи.

Еднаш при крајот, почна да вика по мене. Со одвај отворена уста. Се приближив накај него, и го погалив по чело.

Го прашав дали му треба нешто, дали нешто сака. А тој одвај ми рече „тебе, тебе те сакам.

Мислам дека тоа му беше еден вид збогување со мене, барање прошка за сите тие работи кои ги имаше направено. Како едно ехо, кое нема никогаш да го заборавам: „тебе те сакам“.  

После долга и мачна борба, татко ми почина на 17 ноември, 2014 година.

Кога го погребавме, не можев да се расплачам; на 40 денови не можев да се расплачам; за 1 година не можев да се расплачам.

Мислам дека толку многу плачев додека беше жив, што некако ми беше тешко да се ослободам. Не му се лутев веќе, не чувствував ни омраза, ни бес.

Само ми беше мило што повеќе не се мачи, што е сега со родителите и со неговата баба, луѓето кои толку многу ги повикуваше пред да почине.

Откако успеав да го победам ракот, се трудам да зборувам повеќе и повеќе за колку е важна рана детекција на оваа болест, за да има успешно лекување.

Зборувам дека е повеќе од важно да се оди на редовни контроли, да се грижиме за себеси, да си простиме себеси. Важно е.

И тука ме погодува најмногу една вистина која ја дознав години од смртта на мојот татко. Дека не сакал да прими хемотерапија бидејќи не сакал да му падне косата, за да не му се смееле луѓето.

До каде дојдовме како народ? До толку ли ни е важно мислењето на другите за да си го уништиме здравјето? За да дозволиме да нè снема?

Потребно ни е огромно општествено ресетирање; потребни ни се нови почетоци, каде ќе можеме да научиме како да се грижиме за себеси: за нашето тело, за нашето срце, за нашата душа.

После неколку години од неговата смрт, го наполнив телефонот кој го користеше додека беше жив. Најдов неколку пораки низ кои свесно се збогува со негови братучеди и пријатели.

И тогаш за првпат, заплакав. Си ја очекуваше смртта, за после сè, за злото кое тој го направил и злото кое му било направено, да исчезнат.

И да може мирно да заспие, и да е таму некаде, во мир.  

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести