Одново тензии околу Тајван. Кинеската војска почна воени вежби во близина на островот како предупредување за посетата на потпретседателот Вилијам Лаи на САД и Парагвај. Владејачката Комунистичка партија на копното тврди дека Тајван нема право да води надворешни политики. Тајванското Министерство за одбрана ги осуди воените вежби велејќи дека ќе стори се за националната безбедност. Во меѓувреме, САД, Јапонија и Јужна Кореја, на самитот во Кемп Дејвид, недалеку од Вашингтон се обврзаа да разговараат во случај на безбедносна криза или закана во Пацификот.
„Овој самит не беше за Кина. Тоа не беше целта на состанокот, но сепак се наметна како тема. Ја делиме загриженоста поради економските санкции и зголемените тензии. Но, овој самит беше навистина за нашите меѓусебни односи и продлабочување на соработката. Станува збор за помирен и просперитетен Индо-пацифик“, изјави Џо Бајден-претседател на САД.
Целта на нашата трилатерална безбедносна соработка е и ќе остане промовирање и унапредување на мирот и стабилноста во целиот регион, се вели во заедничката изјава.
„Зајакнувањето на врските и подобрувањето на односите меѓу Кореја и Јапонија се важни. Постои заедничко разбирање за нашите билатерални односи, како и за нашата иднина“, изјави Јун Сук Јеол-претседател на Јужна Кореја.
„Убеден сум дека трилатералната безбедносна соработка меѓу Јапонија, САД и Јужна Кореја дополнително ги зајакна регионалниот мир и стабилност. Ова се важни активности. Ќе соработуваме во поглед на заедничките предизвици“, рече Фумио Кишида-премиер на Јапонија.
Според аналитичарите, напорите за одржување на трилатералните односи нема да бидат без предизвици. Пекинг веќе ги гледа напорите за соработката како први чекори на пацифичката верзија на НАТО, трансатлантскиот воен пакт која се формира против него. Американските власти очекуваат и бурна реакција од Северна Кореја со повеќе тестови на ракети.