Откако Киев изврши неколку напади со дронови врз Москва, Русија го возврати ударот. Украинскиот главен град погоден од десетина руски беспилотни летала. При падот на остатоците била предизвикана материјална штета, но нема жртви. Според воената управа, станува збор за ирански летала Шахед, кои доаѓале од повеќе правци.
„Цела ноќ се слушаше алармот за воздушни напади. Добро е што не спиев. Слушнав силен звук и се залепив за ѕидот. Се слушаше силен звук низ целиот стан“, изјави Олександр Николаев, жител на Киев.
Нападната инфраструктура во украинскиот регион Одеса. Пожар избувна во објектите задолжени за транспорт на жито во земјата. Украина одново обвинува дека по напуштање на црноморската иницијатива Русија го загрозува пристанишниот регион со постојани напади. Измината ноќ повредени се цивили и при гранатирање на Кресон.
„Откако се разбудивме изброив околу шест експлозии. Беа силни“, изјави жител на Керсон.
Од Кремљ пак велат дека единиците за самоодбрана во Белгород преземаат мерки по украинските напади.
„Ова се мерки кои се неопходни по нападите што ги врши Украина. Сите контролни механизми, се разбира, мора многу внимателно да се имплементираат и да се предвидат“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Украинскиот претседател вели дека Москва наскоро ќе ги почувствува последиците.
„Постојано работиме со нашите партнери за да го зајакнеме нашиот воздушен штит. Останува уште еден месец до почетокот на новата политичка сезона во нашите партнерски земји и ќе направиме сè што е можно за победа, да го вратиме мирот за цела Украина – без исклучок. Повеќе политичка поддршка за Украина. Повеќе оружје за нашите војници. Целосна одговорност на терористичката држава за сè што направи против Украина, против нашите градови, села и луѓе“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Во меѓувреме, Полска го зголеми присуството на своите трупи на источната граница откако ја обвини Белорусија за нарушување на нејзиниот воздушен простор со воени хеликоптери. Минск ги негираше обвинувањата велејќи дека Варшава измислува за да го оправда зголемувањето на бројот на војниците на границата.