Фудбалската селекција на Австралија, која што е кодомаќин на Светското првенство за жени, со победата од 2-0 (1-0) над Данска се пласира во четвртфиналето на овој собир. Ривалот во оваа фаза ќе го дознае утре кога ќе се соочат Франција и Мароко.
Австралијките не дозволија ново изненадување на шампионатот, а одново во главната улога беше одличната Кејтлин Форд, фудбалерката на Арсенал, првата ѕвезда која ја направи разликата на теренот. Колку е брза Кејтлин се виде во 29. минута. Мери Фаулер испрати одлична топка за „спринтерот“ на Арсенал, а потоа следеше реализација налик на Килијан Мбапе. Тоа беше триесетттиот гол на Форд за Австралија.
Данска во текот на целиот натпревар беше во подредена позиција. Австралија, пак, играше подобро и постојано напаѓаше. Мери Фаулер беше асистент и на вториот гол, овој пат до Хејли Расо која што во 71. минута стави точка на натпреварот.
Покрај Австралија во четвртфиналето се пласираше и Англија по подоброто изведените пенали против Нигерија.