Хари Кејн и натаму е член на Тотенхем, но за неговиот потпис сериозно се борат Баерн Минхен и ПСЖ.
Баварците веќе пратија неколку понуди за англискиот репрезентативец, а од пред неколку дена и ПСЖ почнал да го опипува пулсот на премиерлигашот во однос на сумата која треба да се плати за Кејн.
Сепак, германски „Билд“ тврди дека Кејн не е заинтересиран за преселба во Париз и очекува успешни преговори меѓу Баерн и Тотенхем, со што би си ја остварил желбата да се пресели во редовите на бундеслигашот.
Таблоидот тврди Кејн има дадено збор кај челниците на Баерн и сака да го исполни ветувањето, а притоа и самиот верува дека има поголеми шанси да ја освои Лигата на шампионите со составот од Минхен.
Тотенхем нема да се откаже од својата голгетерска легенда за помалку од 100 милиони евра, а се очекува случајот да биде решен многу брзо, со што Кејн навреме би се приклучил на подготовките под водство на Томас Тухел.