2.8 C
Skopje
Tuesday, December 7, 2021

Кај Народниот правобранител граѓаните најмногу се жалеле на ограничување на слобода на движење и на извршителите

Најчитани вести

Во 2020 година Народниот правобранител постапувал по 2.931 претставки, од кои 2.448 беа примени во тековната година, а 483 пренесени од претходната година. Овие податоци се наведени во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2020 година, што го презентираше денеска Народниот правобранител Насер Зибери.

– Овој релативно мал број на претставки – само за споредба, во 2019 година Народниот правобранител постапуваше по 4.705 претставки – од кои 3.453 примени во тековната година, а во 2018 година тој број изнесувал 4.482 од кои 3.458 примени во тековната година – не значи дека немаше прекршување на правата на граѓаните. Би рекол дека стравот од вирусот и грижата за здравјето кај многу граѓани влијаеше, па се воздржуваа да дојдат лично во канцеларијата на Народниот правобранител, рече Народниот правобранител Зибери.

Зибери истакна дека вонредните околности наложиле и прилагодување на начинот на работа на сите институции, а на некој начин го сменија и фокусот на работата на Народниот правобранител, кој покрај поплаките на граѓаните беше насочен и кон уредбите донесени од страна на Владата, а кои влијаеа врз слободите и правата на граѓаните.

Зибери посочи дека минатата година особено биле засегнати децата поради променетиот начин на наставата за учениците, односно воведувањето на онлајн учење.

Тоа, како што истакна Зибери, создало проблеми за голем број деца кои поради технички причини, немањето интернет, компјутер, таблет, беа спречени, или со потешкотии го следа наставниот процес.

Додаде и дека исклучувањето од електричната мрежа на семејства кои имаа неплатени долгови дополнително создаваше проблеми за следење на наставата, па имавме случаи кога деца-ученици мораа се снаоѓаат – да одат кај соседите за да ја следат наставата.

За овој проблем, рече Зибери, Народниот правобранител алармирал и укажал дека надлежните институции мора да ги преземат сите мерки ниту едно дете да не остане надвор од образовниот процес во учебната 2020/2021 година. Додаде и дека пандемијата посебно негативно се одрази врз лицата со попреченост-децата кои едноставно не можеа да ја следат наставата.

-Посебен фокус беше ставен и на лицата лишени од слобода, од аспект на преземените мерки за заштита на нивното здравје- беа испратени дописи до сите затвори, со цел да се утврдат мерките кои се преземени во оваа насока. Состојбата во затворите се следеше во континуитет, како од страна на стручната служба, така и од страна на Националниот превентивен механизам кој во текот на годината изврши повеќе посети заради согледување на состојбите, рече Зибери.

Граѓаните, како што посочи Зибери и минатата година најмногу се жалеа на остварувањето на нивните права од областа правосудството, при што биле поднесени 406 претставки, од кои најголемиот дел – 195 се однесуваа на работата на извршителите.

Поради ваквата состојба, додаде Зибери, која трае со години, Народниот правобранител препорача навремено постапување на Дисциплинската комисија на Комората на извршители по барањата на странките за поведување дисциплинска постапка против несовесните извршители, со цел заштита на правата на граѓаните.

Зибери на крајот посочи и дека во текот на извештајната година останува констатацијата на Народниот правобранител дека во земјата државјанскиот статус сѐ уште не го решиле лица кои се родени во земјава пред прогласување на независноста на државата во 1991 и континуирано живеат во земјата со нивните семејства, во нивните домови и имоти.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com