Home » „Кајмак“ на црвениот килим во Сараево

„Кајмак“ на црвениот килим во Сараево

by Журнал.мк

Филмот „Кајмак“ на режисерот Милчо Манчевски на 17 август ќе биде прикажан на 29. издание „Сараево филм фестивал“, во програмата „Open Air“. 

Програмата „Open Air“ ќе се одржи под отворено небо во Стари Град (Вијеќница), а филмовите, како што велат организаторите, ќе бидат прикажани на најголемото филмско платно во регионот. Покрај најновото дело на Манчевски во програмата се уште 14 филмови, помеѓу кои и „Астероид Сити“ на Вес Андерсон, „Паднати лисја“ на Аки Каурисмаки, „Бакнете ја иднината“ на Ненад Чичин Шаин, продуциран од Мет Дејмон и Бен Афлек, како и „Навистина никогаш не беше тука“ на шкотската режисерка и сценаристка Лини Ремзи, една од највозбудливите авторки во независната кинематографија, која ќе го добие почесното признание „Срце на Сараево“.

„Кајмак“ ја очекува и американската премиера, на 33-то издание на фестивалот Синеквест во Калифорнија од 15 до 30 август. Синеквест е еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина. Токму на Синеквест пред 3 години „Врба“ на Манчевски беше крунисан со наградата Најдобар филм и претставен како „филм што нема да го заборавите“.

До крајот на август и почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште четири фестивали: на 36. Филмски фестивал во Херцег Нови, каде на покана на фестивалот ќе присуствува дел од филмската екипа; „Avant&Una“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина; Fest во Калабрија, Италија, каде ќе биде прикажана и ретроспектива на опусот на Манчевски.

Во јуни „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген.

„Кајмак“ е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис. Понатамошниот процес на пласман е во тек.

„Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.

Филмот ја освои Специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More