Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска со писмо побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери да се заложи во најскоро време да се изберат нови четворица уставни судии, бидејќи сега Судот работи само со петмина судии.
„Ви се обраќам да Ве информирам за ситуацијата во која се наоѓа Уставниот суд и неговото отежнато функционирање во последниот период со само петмина судии, иако Уставот предвидува полниот состав на Судот да биде со девет судии. Ова има влијание при одлучувањето кога често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство. Покрај ова, морам да напоменам дека пред Судот треба да се разгледуваат предмети кои се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав со што одлуките би имале поголема тежина“, пишува Кацарска во писмото.
Откако потсетува дека Уставот ја дефинира Република Северна Македонија како парламентарна демократија во којашто поделбата на државната власт е темелен принцип, а Уставниот суд како орган на Републиката ја штити уставноста, законитоста и човековите слободи и права, таа додава дека се надевам дека веќе се бара решение за избор на нови четворица уставни судии.
„Затоа, Ви се обраќам лично да го заложите Вашиот авторитет како претседател на Собранието и заедно со Вашите колеги да изберете нови уставни судии“, вели Кацарска.
Таа се надева дека Џафери и пратениците ќе се вложат максимално за процесот на предлагање и избор на судии да се заврши што поскоро со што би се зачувала функционалноста на Уставниот суд.