На Кардиф му се заканува забрана за трансфери во три преодни рока од страна на ФИФА доколку не уплатат шест милиони евра на сметката на Нант за трансферот на Емилијано Сала.
Шест милиони евра изнесува сумата од првата рата која Кардиф требаше да му ја плати на Нант во јануари 2019 година за аргентинскиот напаѓач кој загина во авионска несреќа.
Сала потпиша за Кардиф за сума од 15 милиони фунти, но тие одбиваат да го платат обесштетувањето за него.
Нант се пожали на ФИФА во февруари дека не добиле пари за Сала иако тие го договориле трансферот и тој потпишал за Кардиф.
ФИФА сега му налага на Кардиф да му плати на Нант шест милиони евра најдоцна за 45 дена, а доколку не го направи тоа ќе добие забрана за трансфери од три преодни рока.
Ставот на ФИФА е дека трансферот официјално бил комплетиран пред смртта на фудбалерот, па Кардиф има обврска да изврши уплата.
Аргументот на Кардиф е дека авионот е договаран од агент кој посредувал при трансферот, а тоа според нив значи дека Нант е одговорен за штетата што им е направена.
ФИФА писмено ги извести дека таа не е надлежна за криминални и цивилни работи, тој спор може да го решаваат по судови, а не во ФИФА.