Не е најмоќен, не е најбрз, но е единствен во секој поглед. И сега е на продажба.
Автомобилот се вика The Beast (Ѕвер), а до денес се произведени само два примероци. За сè е виновен Жан Дод, очигледно способен инженер кој бил цврсто решен да ги оствари своите соништа. И успеа во тоа, двапати. Во раните 70-ти, тој успеа да го оживее проектот на Пол Џејмсон, кој изгради огромен автомобил придвижуван од тенковски Meteor мотор.
The Beast е создаден во 1972 година. Користи единствена основа со прилагодена суспензија на Jaguar, но земете ги тие информации со резерва. Тоа е автомобил кој привлекува внимание од секој агол, но најмногу кога ќе ја видите силуетата со бескрајната хауба.
Не е ни чудо, бидејќи под неа преде е чудо од мотор. Верувале или не, Дод инсталирал авионски мотор Merlin на Rolls Royce. Станува збор за 27-литарски V12 ѕвер, кој се произведуваше до 1950 година, а беа произведени речиси 150.000 единици. Овој мотор придвижувал некои од најпознатите воени авиони од Втората светска војна.
Еден се најде во овој автомобил. Додуша нема компресор, но и овој развива 760 КС. The Beast остана ист сите овие години со еден исклучок. По тужбата од Rolls Royce, сопственикот бил принуден да ја замени предната маска, што и го направил. Во првите години, The Beast имаше маска на Rolls Royce на предната страна како врска со моторот на Rolls Royce, но на тимот на RR тоа навистина не му се допадна. На крајот, автомобилот и неговиот сопственик завршиле во Шпанија, каде што Дод редовно го возел до неговата смрт минатата година.
Секако дека не го возел многу затоа што сепак е автомобил што „голта“ до 140л/100 км, во зависност од стилот на возење. Точно, Дод тврдеше дека може да помине со помалку од 20 л/100 км. И притоа имајте на ум дека наводно можеше да достигне 300 км/час, и тоа опремен само со просечна суспензија и без посебни сопирачки. Што се однесува до одржувањето, доволно е да се каже дека промената на маслото овде добива некои други димензии – моторот прима 130 литри масло.
Автомобилот сега е на аукција и е подготвен да го смени сопственикот. Не се сомневаме дека има заинтересирани, а прашање е само каква цена ќе постигне.