29.8 C
Skopje
Saturday, May 21, 2022

Како Европа ја вреднува работната сила од Балканот

Најчитани вести

Со одолжување на почетокот на пристапните преговори за Македонија и за Албанија се проширува и листата на „причини“ што се наведуваат од претставници на Европската Унија за блокадата на процесот на проширување кон Западен Балкан. На веќе познатите оцени за состојбата во регионот за отсуство на владеење на правото, висока корупција и криминал, непочитување на човековите права и демократските слободи, се додаде и една неформална причина, а тоа е евтината работна сила што доаѓа од балканските земји. Во моменти на искреност, словенечкиот премиер Јанез Јанша, во завршното излагање на претседателството на Словенија со Европската Унија, цитираше неименуван европски лидер, кој на заедничките сесии на европските институции јавно си го поставил прашањето за тоа „зошто би ги внеле во ЕУ, кога на овој начин се поевтини како работна сила“. Јанша го изјави ова во разговор за Словенечката радио-телевизија, при што објасни дека кај некои постари членки преовладуваат тесноградоста и „националистичките“ интереси над визијата за слободна, мирна и обединета Европа.

Словенија за време на своето претседавање со Советот на ЕУ се избори во документите повторно да се воведе поимот „перспектива на членството“ во таа интеграција, наместо само „европска перспектива“ за државите на Балканот и европското источно соседство, тврди словенечкиот премиер Јанез Јанша. Неговата изјава дава повидлива слика за силниот отпор на дел од земјите-членки на Унијата, или како што вели Јанша, за опортунизмот во Брисел кога станува збор за процесот на проширување кон Западен Балкан. Неподготвеноста на ЕУ за прием на нови членки досега вешто се прикриваше со давање препораки за продолжување на внатрешните реформи или во нашиот случај за градење добрососедски односи, пред сѐ со Бугарија.

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Јосеп Борел, пак, на крајот од годинава, даде своја оцена дека во 2021 година имало пораст на ескалацијата и на реториката за поделби на Западен Балкан, што, според него, било пречка за земјите од регионот во нивното приближување кон европската иднина!

Извори од Европската Унија, како што пишуваат медиумите во соседството, наведуваат дека идната година би требало да се согледа како може Брисел, со поддршката на САД, повеќе да се ангажира за Западен Балкан да се извлече од застојот во кој се најде неколку години. Европските дипломати брифираат дека на почетокот на новата година ќе се види каква ќе биде политиката на новата германска влада, која посветува посебен интерес за состојбата на Балканот. Се очекува и францускиот претседател Емануел Макрон, кого во април го очекуваат избори, да преземе нешто повеќе за регионот, за што говореше при објавувањето на програмата на француското претседавање со Унијата од први јануари.

Поголем напредок во откочување на процесот на проширување се очекува со чешкото преземање со европското претседателство, посочуваат европски дипломати. Доскорешниот шеф на чешката дипломатија, Јакуб Кулханек, како и многу други земји од ЕУ, смета дека „блокирањето на европската аспирација на западнобалканските држави е кусогледо, посебно кога се засилени процените за тоа дека не може да се дозволи луксузот Европа да има геополитички вакуум и црна дупка на Балканот, што подоцна ќе ги пополнат другите актери“. Во таа насока е и последната изјава на Јанез Јанша, кој изјави дека „ако не се шири ЕУ на Балканот, ќе се шират други“.

Поранешниот македонски вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски посочува на фактот дека „сѐ позабележителното отсуство на европерспектива на Западен Балкан се должи на клишеата во кои западнале политиките на ЕУ за регионот“.

– Евроинтеграциите на земјите од регионот реално се доведени во состојба на отсуство на перспектива. Приказната на Македонија со датумот за почеток на преговори за членство во ЕУ се претвори во гротеска. Преговорите на Србија и на Црна Гора се вртат во круг… Нема конзистентност во политиките на ЕУ спрема сите земји-кандидати за членство од регионот. Од едни се очекува едно, а во други се форсира нешто сосема спротивно. И понатаму, самата ЕУ ги поттикнува стереотипите за жртви и агресори – вели Боцевски.

Самата ЕУ треба да излезе од таквите клишеа и да му пристапи на регионот искрено и без предрасуди. Не може ЕУ со оптиката од пред 30 години да го перципира регионот и според таквата перцепција да ги условува евроинтеграциите. Сите земји си имаат свои легитимни прашања, свои легитимни интереси во актуелниот (гео)политички миг, а ЕУ на таквите предизвици во преговорите со земјите-кандидатки треба да пристапи со друга оптика и, секако, со уважување. Политиките на ЕУ спрема регионот на Западен Балкан треба да се ресетираат и Унијата да се ангажира посветено во преговорите, соодветно на спецификите и прашањата на секоја земја-кандидат, смета Ивица Боцевски.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com