20.8 C
Skopje
Friday, June 18, 2021

Како да ја победиме корупцијата?

Најчитани вести

НАНО РУЖИН

Успехот на Грузија во битката против корупцијата се афирмира како еден од најдобрите примери за новите демократии. Дел од законски решенија што ги усвои Грузија ги има и во нашето законодавство, но во прашање е нивната имплементација

Деновиве еден висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека „треба да сме на чисто дека Бугарија не е единствената причина зошто Македонија не почнува преговори, туку… е немањето реформи и корупцијата“. Одговорот од страна на СДСМ беше: „За 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ корупцијата навлезе насекаде во нашето општество. Граѓаните очекуваат силна борба против корупцијата и секако очекуваат судски разрешници, но ние и граѓаните сме сведоци за режимските инсталации во сите нивоа од правосудниот систем“. СДСМ уште кон крајот на минатата година ја најави битката против корупцијата и криминалот и ја стави меѓу највисоките приоритети во стратешката рамка „Акција 21“.

Што навистина представува феноменот на корупцијата? Кој ја поднесува одговорноста за корупцијата во едно општество? Колку се валидни податоците на современата патријархија и симболот на битката против корупцијата – „Транспаренси интернешенел“ (ТИ)?

Во нашето поднебје по традиција во оптек се повеќе изрази за корупција како рушвет, бакшиш, поткуп, мито. Во Европа одомаќинети се изрази кои потекнуваат од средниот век како францускиот „пот де вин“ – частење „бокал вино“ или британскиот „гив а брајб“ – „давање трошки“. Денес сите овие изрази се персонофикација на корупцијата која опфаќа повеќе форми како: напојница, поклон, сопствена погодност, обрана, услуга, попуст, одрекување од надокнада, влезници, бесплатна храна, бесплатени огласи, бесплатно патување, бесплатни карти, исплатлива понуда, враќање на долг или услуга, финансирање, надувана продажба на предмети или имот, поволен договор, донација, придонес во кампања, прибирање средства, спонзорства, поддршка, подобро платена работа, опции со акции, тајна провизии или промоции.

Сите споменати форми на корупција се дел до секојдневното живеење и политичката култура на мнозинството народи. Во некои држави она што се смета или не се смета за корупција, варира од една до друга држава, од една до друга личност во иста држава. Дали доењето на бебето не представува „корумпирање“ на расплаканото бебе? Независно од биолошките потреби и навики, човекот живее со корупцијата како со митовите. Таа може да дегенерира во вистински „канцер на општеството“ и да го загрозува економскиот, социјалниот и политичкиот просперитет на државата. Според проценките на ТИ се смета дека годишниот просечен износ на гореспоменатите форми на корупција достига помеѓу 1.500 до 2.000 милјарди долари во светот. Во државите на ЕУ таа бројка се движи помеѓу оптимистичките 200 милјарди евра до песимистичките 990 милијарди евра. Државите на Западен Балкан, и покрај постојаните критики од страна на бројните меѓународни институции како ТИ, Фридом хаус, Светска банка, Европска банка, достига одвај 1% од овие пиказатели што е далеку под мегаломанските бројки, но затоа поседуваат најслаб систем на заштита од корупција во Европа.

Според ТИ, корупцијата претставува злоупотреба на власта и довербата во полза на личното богатење. Меѓутоа, експертите сметаат дека таквото одредување премногу ја товари одговорноста на власта а ги маргинализира другите субјекти. Затоа во Прирачникот на ОН (UN Handbook-Practical Anti-Corruption) се истакнува дека корупцијата не феномен кој исклучиво произлегува од власта, туку зафаќа значајно место во доменот на економијата и во секојдневниот живот, култура, традиции. Корупцијата може да е и резултат на нереформирани институции со кои раководат разни лоби-групи, поединечни интереси, политички партии.

Силните и слабите страни на „Транспаренси интернешенел“

Организацијата „Транспаренси интернешенел“ со својата работа против корупцијата се здоби со сериозен императивен дискурс и афирмација која се материјализира низ редовните годишни извештаи за корупцијата во светот. Најзначајна алатка на ТИ е Индексот на перцепцијата на корупцијата (ИПК). Истражувањето на корупцијата претставува деликатна и внимателна работа, дотолку повеќе што се работи за откривање на дејанија кои се илегални или полуилегални. Утврдувањето на Индексот на перцепција на корупцијата се потпира врз истражувањето од над 100 бироа на ТИ ширум светот, кои ефектуираат петнаесетина оперативни истражувања и проценки на експертите. На тој начин се мери корупцијата во јавниот сектор во околу 180 држави на кои им се доделува скор од нула (силно корумпирана) до 100 (малку корумпирана). Речиси две третини од државите имаат скор кој е помал од 50 или просечно 43 поени. Според ИПК добро етаблираните демократии добиваат скор од 75 поени, просечните демократии до 49 поени, додека хибридните режими добиваат околу 35 поени.

„Транспаренси“ ја класификува корупцијата на три нивоа и тоа: голема корупција – која се ефектуира на високо владино ниво; мала корупција – која пулсира секојдневно и во разни форми; и политичка корупција – која се изразува низ политички манипулации и расподелбата на средства и финансирање од страна на политичките раководства. Индексот на перцепцијата на корупцијата ги истражува субјектите кои побаруваат на корупција, додека Индексот на корупцијата на државите извознички е насочен кон истражувањето на понудувачот на корупцијата (затајување данок, даночни раеви, цена на меѓукомпаниски трансфери)

И покрај големите дострели, постојат мошне сериозни критики кон методологијата на работење на ТИ. Според Џон Кристенсен од Tax justice Network, тесниот пристап од страна на ТИ, ОЕЦД и Светска банка доведе до деформација на реалноста. Од таму произлегува една погрешна географија на корупцијата дека, на пример, африканските земји и тнр. даночни рајеви се најмалку корумпирани, дури помалку и од европските држави. Воедно Кристенсен смета дека во ИПК не е вклучен Индексот на финансиската транспарентност, со кој би се утврдиле критериумите и јасно истакнатите статистики за да се одговори на дилемата – во која мера се охрабруваат или дестимулираат коруптивните практики. Таквото барање на Кристенсен претпоставува транспарентност и мерење на банкарските тајни, оф-шор филијалите, одговорноста на трустовите и фондациите, одбивање да се разменуваат информации во даночниот домен итн. Овие недостатоци на ТИ ги признава и еден од директорите на ТИ, Ан Швобел.

Околу аномалиите на ТИ незадоволни се и француските аналитичари. Експертот Жан Шујон Крол смета дека е смешно да се констатира дека Данска и Шведска се лидери на листата на најнекорумпираните држави кога врз нив тежат големите корупциски афери на Данске банк и онаа на „Ериксон“ во Виетнам, Кувајт, Џибути, Индонезија и Кина, за што беа казнети од страна на трибуналот на САД. Од друга страна, истиот автор не може да прифати дека Арапските емирати се на 21-ото, а Франција на 23-то место, кога според „Репортери без граници“, Емиратите се на 133. место според слободата на медиумите. Конечно, чудно е што Германија е пласирана на 9. Место, дури 14 скалила пред Франција. Одговорите на овие аномалии авторот ги бара во висината на донациите на петте најголеми финансиери на ТИ, меѓу кои Германија, која учествува со 15 отсто од буџетот на ТИ.

Состојбите во Северна Македонија

Анализата од методолошкото вкрстување на податоците за демократијата и корупцијата покажуваат дека постои силна врска и каузалност помеѓу овие два феномени. Нездравата демократија носи силна корупција. Никој не може да ме убеди дека режимот на Груевски беше подемократичен од сегашната политичка состојба. Северна Македонија помина трежок пат на транзиција во периодот кој беше одбележан како хибридна демократија, со загрижувачки степен на контрола на медиумите од страна на власта. За 11 години владеење методот Груевски целосно ја партизира државата и беа манифестирани неколку корупциски афери. Воедно, од партиски интереси ја удвои бројката на адмистрацијата со млади и неискусни партиски кадри меѓу кои многу од нив покажаа подложност кон криминал и корупција. Според истиот метод, ВМРО-ДПМНЕ стана најбогатата политичка партија во Европа, го изгради раскошниот кич-дворец и ја материјализира кич-творбата „Скопје 2014“. Првенците на партијата, но и богатите соработници, бизнисмени се распространија низ даночните раеви од Кипар и Девствените острови, до Белизе и Сејшели.

Никој не смееше да каже или напише ниту збор за корупцијата бидејќи следуваа огромни казни. Со Антикорупциската комисија раководеше партиски кадар на владејачката партија кој не реагираше на ниту една пријава или анонимна дојава. Судството стана втората значајна арматура на корупцијата во држава. По падот на режимот, кој се соочи со бројни пречки во расчистување на овој канцер, Заев немаше доволно подршка од коалициските партнери, но и од нереформираното судство и администрацијата. Беа изгубени години, а судството и натаму го попречуваше решавањето на предметите. Немоќта во битката против корупцијата најпластично се изрази низ блокираните или спорите судски процеси, како што беше случајот со „Космос“, кој по неколку години судење пред да се пристапи кон финалниот вердикт, беше прекинат и повторно вратен на почетокот.

Сето ова не ја ослободува од одговорност актуелната владејачка елита на чело со СДСМ и нејзиниот најсилен коалицисли партнер ДУИ. Она што може да служи како утеха за сегашната власт е дека со поголемата демократизација и либерализација и посилното издвојување и независност на економијата од политиката. Напоредно, слободата на изразување ги охрабрува медиумите отворено да ги откриваат и критикуваат коруптивните досиеја во државата. Тоа е парадоксот на транзицијата, за која пишуваат Дела Порта и Ванучи. Инаку, како да се протолкуваат релативно високите места на Оман, Бахреин, Катар, Емиратите, Малезија, Кувајт, Куба, Саудиска Арабија, кои се сметаат за полуавторитарни или авторитарни режими, кои подобро стојат и од некои европски држави? Одговорот е јасен: строгите санкции и законодавство и дисциплината се пресудни во малите коруптивни приказни, освен кога е во прашање владетелот и неговото семејство.

Инаку, корупцијата и криминалот не признаваат партиски бои и етика. Во нашата држава се појавија корупциски скандали и во редовите на владејачката партија. Аферата „Рекет“, аферите со партиските тендери, случајот со Националната агенција за европски проекти и мобилност, гласините во Фондот за здравство, блузот на урбаните мафии, општинските моќници, одолговлекувањата на судските спорови, неосудените функционери, отсуство во владеење на правото, влијаеа врз нашата лоша позиција на листата на ТИ.

Што понатаму?

Успехот на Грузија во битката против корупцијата се афирмира како еден од најдобрите примери за сите нови демократии. По заминувањето на корумпираниот претседател Шакашвили, беше воспоставена концепциската основа за битката против корупцијата. Бил имплементиран кривичниот закон за борба против корупцијата согласно меѓународните норми кои ги покриваа сите сфери и особено се фокусирале врз четири главни столбови на корупцијата: полицијата, даночните служби, администрација за издавање дозволи и патни исправи и универзитетите. Целта била да се откријат „гнилите јаболки“ со помош на бројни административни агенти, да се изјавуваат годишни декларации за некоруптивноста, да се водат скриени истражувања за нелегитимни приходи, национална битка против перењето пари, детектирање на големите финансиски трансфери кон странски банки, заштитени сведоци, обврска на сите колеги и високи функционери да сигнализираат сомнеж на корупција, промоција на интегритетот и скриени тестирања на агентите и бројни други реформи кои ја гарантираат слободата на изразувањето. Дел од споменатите законски решенија се присутни и во нашето законодавство, но во прашање е нивната имплементација.

Од своја страна ТИ сугерира афирмација на неколку глобални препораки кон владите кои е должни да го наметнат државниот инструментариум како држава-регулатор во битката против корупцијата. ТИ препорачува: јакнење на институциите за одржување на рамнотежата на властите, особено алатките на контролата; соочување со преференцијалниот третман за да се обезбеди буџетите и јавните служби да не се мотивирани од страна на персоналните релации или поединечните интереси; контрола на финансирање на политичките партии; да се управува со судирот на интересите и да се оневозможи феноменот на инфериорност и потчинетост; регулирање на активностите на разните лоби групи и неформални групи при донесување на одлуките во институциите; јакнење на интегритетот на електоратот и санкционирање на кампањите на дезинформирање; надминување на расчекорот помеѓу законската практиките и апликацијата на нормите насочени во битката против корупцијата; поддршка на организациите на невладиниот сектор кои ги следат јавните трошоци и корупциските афери; подршка на слободните и независни медиуми кои се ангажираат во овие домени. Ова е само дел од инструментариумот за битка против корупцијата. Главен актер во решавањето на корупцијата останува индивидуата и нејзиниот демократски капацитет во спрега со државата-регулатор, а сегашната власт ќе биде на сериозен тест и во следната година ќе треба да ги поправи грешките од 2020.

Што се однесува до Индексот на перцепцијата на корупцијата на ТИ тој беше реализиран со цел да се ублажат пречките во мерење на корупцијата и да се ефектуира компаративна анализа на корупцијата. Нема сомнеж дека ИПК е солидна алатка, но воедно поседува одредени лимити со оглед дека во добар дел се потпира врз индивидуалните импресии на поединци. Затоа голем бројни социолози сугерираат со ИПК да се оперира со голема внимателност.

претходниот член,Раст на цената на нафтата
Следната статијаГеополитика

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести