15.8 C
Skopje
Thursday, June 17, 2021

Како да уништиш државна институција во три чекори

Најчитани вести

пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА

Ако мислевте дека е едноставно и просто да уништиш државна институција, многу се лажете. Тоа е сложен и обемен зафат кој бара голема посветеност, систематичност и јасна цел која треба да биде постигната.

Искуството покажува дека наједноставен начин за уништување на државните институции е нивната партизација.

Партизацијата значи постепена замена на професионалните кадри во една институција (оние кои знаат, умеат и имаат искуство) со партиски кадри, оние кои немаат знаења ниту капацитети да ги извршуваат задачите на едно работно место, меѓутоа се лојални следбеници на партијата (која и да е) и послушни извршители на волјата на актуелното раководство (кое и да е).

Партизацијата може да се изврши на различни начини, меѓутоа вообичаена е онаа која се изведува во три последователни чекори:

Ставаш на раководна позиција член на партијата или близок на пратијата, кој е исклучително амбициозен а со видливо ограничени интелектуални капацитети
Раководителот е пожелно да има барем минимум инстинкт за да насети дека никако не ја заслужува позицијата која ја држи за да може тој кој што го поставил да му стои над глава како Дамоклов меч со можноста во секој момент да го разреши од функцијата.

Не мора да биде корумпиран, меѓутоа тоа е посакувана карактеристика која обезбедува поголем маневарски простор за кукларот кој ги движи конците.

Неопходно е во процедурата на поставување, во кариерното напредување или едноставно во опстојувањето на дадената функција да има некоја фалинка, која може да биде обелоденета во случај на потреба дадениот раководен кадар да биде тргнат од раководната позиција без опасност по оној кој го поставил.

Обезбедуваш редовна и соодветна промена на законите и подзаконските акти
Со низа од недоречености, контрадикторности, бесмислени одредби во законите и подзаконските акти се создава правен хаос кој овозможува исти норми по потреба да се применуваат на различен начин.

Доколку и вака измешаните одредби прават проблем, не е страшно, во секој момент може да се повикаш на некој друг закон, кој нема апсолутно никаква врска со институцијата за која станува збор, да изјавиш дека тој закон воопшто не се однесува на таа институција, меѓутоа, дека од најлегалистички причини ќе го примениш.

Ова е посебно важно да се направи во процесот на пополнување на работните места во соодветната институција, со цел вработување на најпогрешните луѓе на најнесоодветните места на кои ќе нанесат најголема можна штета на дадената институција.

Ја прогласуваш партизацијата за мртва
Прво, негираш вработување по партиска препорака и притисок, негираш непрофесионалност, негираш изигрување на правото, негираш дека може да има манипулација доколку објавиш оглас со кој се вработуваат “… 2 (двајца) посебни советници за потребите на потпретседателите на Собранието на Република Северна Македонија“ со било каков факултет и без искуство, со плата од 46,899 денари (https://www.sobranie.mk/javen-oglas-za-vrabotuvanje-na-dvajca-posebni-sovetnici-za-potrebite-na-potpretsedatelite-na-sobranieto.nspx).

Второ, партизацијата ја маскираш во етнички костум (искуството, знаењето, стручноста се вика припадник на етничко малцинство) и вработуваш 1.700 луѓе во администрација (без искуство, без критериуми, без потреба од нивно вработување) и пет години им даваш плата, и придонеси (со што им обезбедуваш и одреден работен и пензиски стаж) (https://balkaninsight.com/2016/10/07/makedonija-okolu-1-750-vraboteni-po-ramkoven-s-uste-cekaat-da-bidat-raspredeleni-10-06-2016/?lang=mk ).

Трето, замената на едни партиски кадри со други партиски кадри, или, балансот на партиски кадри од претходната власт и партиски кадри од актуелната власт, го прогласуваш за департизација.

Резултат:

Институцијата е мртва.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести