Home » И Министерството за земјоделство со “шлаканица” за ЕСМ: Порибување на Охридското езеро мора да се врши еднаш годишно, не со помалку од 750 килограми јагула!

И Министерството за земјоделство со “шлаканица” за ЕСМ: Порибување на Охридското езеро мора да се врши еднаш годишно, не со помалку од 750 килограми јагула!

by Журнал.мк

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вели дека порибувањето на Охридското езеро со пастрмка и јагула треба да се врши еднаш годишно и тоа во количество од 750 килограми. Оваа информација уште еднаш ги потврди сите досегашни пишувања на редакцијата на Журнал, а кои се однесуваат на непочитување на законските и стручните препораки, а сведочи и за тоа како државата се однесува кон своето природно и непроценливо богаство.

Да потстеиме, Журал, во неколку наврати претходно објави дека во Охридското езеро нема пуштено подмладок од јагула од 2019 година, а и во таа година било порибено со помал капацитет, речиси половина од потребното.

„Согласно член 104 од Законот за рибарство и аквакултура порибувањето на риболовните подрачја го врши Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку регистрирани репроцентри. Согласно риболовната основа за риболовната вода Охридско Езеро, порибувањето на риболовното подрачје покрај со Охридска пастрмка треба да се пориби и со подмладок од јагула во количина од 750 кг на годишно ниво. За секое порибување Државниот инспекторат за земјоделство изготвува записник така да за точната информација за количината на порибен подмладок потребно е да се обратите до ДИЗ“, велат од Министерството за земјоделство.

Секако дека се обративме и до Државниот инспекторат за земјоделство, од каде што ни ветија одговори, кои, како што ни рекоа, треба да ги побараат во архивите и тогаш точно ќе дознаеме со колку јагула се порибувало во изминативе години.

Журнал побара од Министерството за земјоделство да го коментира и фактот што Охридското езеро не само што не се порибува редовно, туку и количествата јагула што се пушта во водите е со помал капацитет, од оние кои ги препорачуваат стручните лица. Како оваа човечка негрижа се одразува на живиот свет, односно на јагулата во езерото и како да се справиме со тоа, надлежните посочуваат дека клучот е во заедничкото управување во кое освен Македонија, се вклучени и Албанија и Црна Гора.

„Јагулата е миграторен вид риба која во ЕУ подлежи на посебна законска регулатива во која е уредено дека за сливовите на реките во кои живее, а кои припагаат на повеќе држави треба да се изработи заеднички план за управување со истата. Со оглед на тоа дека кај нас јагулата ја има во сливот на реката Црн Дрим која се протега и на териториите на Република Албанија и во Република Црна Гора започната е иницијатива за заедничко управување со јагулата, преку изработка на нацрт план за управување од научни институции од трите земји кој треба да содржи анализа на состојбата, како и предлог мерки и активности, од кои една од мерките може да биде и порибувањето со подмладок од Европска јагула, а за што треба да се произнесат научните установи“, велат од Министерството за земјоделство.

Оттаму објаснуваат дека риболовните основи кои ги изработуваат овластените установи од областа на рибарството и кои претставуваат стручни студии за начинот на стопанисување со рибите од риболовните води покрај дугите елементи содржат и дел за порибување. Ова заначи дека научните установи во основите го наведуваат и видот и количината на одделни видови риби со кои треба да се пориби одделна риболовна вода.

На прашање на Журнал кој е одговорен што совреме не било спроведено порибување, ако веќе и самото Министерство за земјоделство вели дека е потребно тоа да се прави секоја година со најмалку 750 килограми подмладок од јагула, надлежните упатуваат на адреса на ЕСМ.

„Специфика за сливот на реката Црн Дрим е што на истиот има изградено повеќе брани кои го попречуваат патот на јагулата од и до Охридското езеро и кои се наменети за акумулирање на вода за производство на електрична енергија. Заради ова, обврската на порибување со јагула во водите на Охридското езеро е на субјектот кој стопанисува со електраните.

Порибувањето на водите со подмладок од јагула е специфика и зависи од многу фактори од кој најважниот е подмладокот да биде од видот Европска јагула. Во изминативе години замјите членки имаат забрана за извоз на подмладок од јагула и можеби проблемот треба да се бара во ограниченоста за обезбедување на ваков вид подмладок, што допринело да се реализира порибувањето“, се вели во одговорот од ресорното министерството до редакцијата на Журнал.

Како што објавивме претходно, од ЕСМ, компанијата задолжена да го спроведе порибувањето, изјавија дека поради „отежнати општествено – економски околности, предизвикани од ковид пандемијата“ не можело да се спроведе порибување навреме. Од оваа компанија најавија дека годинешното порибување ќе биде со двојно количество јагула, но нам и на јавноста ни остана нејасно како оваа компанија во која како што ѝ е познато на јавноста, исплатува прилично дебели бонуси, реши да нема пари за порибувањето на нашето најубаво езеро. За да нема забуна, за дебелите бонуси, реагираше премиерот Димитар Ковачевски велеќи дека има јавни претпријатија во коишто членови на управен одбор имаат поголеми плати од претседател на држава и 20-30 години никој тоа не го погледнал, а камоли да го корегира.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More