17.8 C
Skopje
Monday, October 3, 2022

И за Украина само „европска перспектива“

Најчитани вести

Од Ивица Челиковиќ

И по неочкуваната руска инвазија на Украина, ЕУ, како и многупати досега, со полуотворена уста понуди поблиска соработка и повторно ја актуелизираше својата позната „дифузна“ европска перспектива. Таква перспектива, брз оглед на нејзиното нејасно значење, многупати досега им беше понудена и на земјите во Западен Балкан.

Војната што ја започна Русија ја принудува ЕУ да ги преиспита своите ставови. Напоредно со нарушувањето на безбедносниот поредок во Европа, се зголемува бројот на оние што сметаат дека Унијата би требало да ја отвори вратата за Украина. Но прашање во колкава мера Брисел навистина е подготвен да ја изостри својата „преспектива“ кон Исток, внесувајќи нова доза на оптимизам во развлечените дискусии околу критериумите за исполнување на неопходните реформи за прием на нови членки. Разликите како на тоа гледаат западните и источните земји-членки се евидентни.

Патот од членството во ЕУ е долг. За разлика од западните колеги, кои речиси без исклучок се согласуваат дека не може да се дискутира за избрзани решенија, нивните колеги од Источна Европа бараат ЕУ да одговори на историски сериозната ситуација во Украина и да понуди стратегиско решение со јасна временска рамка и гаранции за членство. Словенечкиот премиер Јанез Јанша повторно се обиде да го актуелизира својот предлог за прием на нови членки веќе во 2030 година, што претходно го заговараше за земјите кандидатки од Западен Балкан, а сега и за Украина.

ЕУ мора сега да ѝ даде „европска перспекитива“ на Украина, смета Јанша, исто како и на Западен Балкан, Молдавија и Грузија, бидејќи мораме да учиме од историјата дека доколку демократијата и правната држава не се шират, тогаш нешто друго ќе се прошири.

Во секој случај, соработката во ЕУ не може да продолжи како ништо да не се случило. Актуелниот миг бара реалитичен поглед со кој ќе се избистри сликата дали ЕУ може да продолжи да се развива во правилна насока. Затоа ЕУ мора да размисли на нов начин, посебно кога е во прашање приемот на нови членки, а што многумина ЕУ-лидери и понатаму се обидуваат да го потиснат во втор план.

Во изминатите петнаесетина години, повторувајќи ја во своите изјави и определби европската перспектива, која треба да ги охрабрува источноевропските аспиранти за членство, ЕУ создаде сосема разбирливи очекувања дека членството всушност ќе се случи, но дека тоа е прашање на време. Реформите и воведување на ЕУ-регулативата ги засилуваше очекувањата дека општетствената трансформација, но и друг вид крајно болни и непопуларни компромиси, како во случајот на Македонија, не можата да значат нешто друго освен постепена подготовка за членство.

Без оглед на присутните големи отпори против натамошното ЕУ-проширување, претседателката на Европската комисија, Урсула Ван дер Лејен, рече дека Украина мора да биде членка. Се разбира, никој не ги заборава и земјите од Западен Балкан, кои веќе од поодамна имаат добиено ветување за членство, иако и понатаму останува отворено прашањето дали ЕУ има доволно сили и јасен мотив да се справи и да прими нова група сиромашни земји од Источна Европа?

Тоа е, се разбира, централно прашање, но Русија со својата инвазија со еден удар ги промени претпоставките за мир и безбедност во Европа. Тоа неизбежно ќе има сериозни последици за односите на ЕУ со своите соседи на Истокот, без оглед што без никакво сомнение може да се очекува дека Брисел и понатаму ќе продолжи да зборува за ЕУ-проширувањето како за споровозен и долготраен, неизвесен процес.

Од самите почетоци ЕУ се доживува како мировен пројект во повоената Европа. Затоа, со приемот на нови членки кругот што постепено се исцртува околу европскиот мировен пројект, заедничкиот европски дом, треба да се затвори, бидејќи не ќе може да се најде разумен одговор зошто речиси сите влегоа во тој клуб, а на некои тоа право да им биде одземено.

Бугарија и Романија за само неколку години, од 2000 до 2004 година, ги завршија преговорите за членство во ЕУ. Би се рекло експресно брзо, во споредба со денешните нејасни и усложнети околности во кои веќе подолго време е заглавен процесот на проширување на Унијата.

Но иако во изминатите деценија и пол од членството не се прослави со некакви резултати во својот општествен развој, што би можеле да привлечат пошироко внимание, Бугарија сега успеа да ги наметне прашањата поврзани со историјата, културата, малцинствата и етницитетот како голем предизвик на патот кон евроинтеграциите. ЕУ мора да изнајде начин и да покаже недвосмислена решителност за да им застане на патот на негаторските тенденции што ги задушуваат напорите за заштита на сопствената национална посебност и државна сувереност. Во спротивно, ревизионистичките сфаќања и погледи на историјата, (онака како што Владимир Путин изнесува тврдења дека украинската нација всушност била измислена според заложбите и идеите на Ленин), ќе им дава нова енергија на многумина, вклучувајќи ги секако и Бугарите, за заострување на сопствените ирационални и (не)добрососедски барања.

На Украина, смета литванскиот претседател Науседа, „и е потребна нашата помош денес, бидејќи утре би можело да биде предоцна“. Но прашањето е сепак пошироко. Дали само Украина би била оставена на слеп колосек, во недостиг на политичка волја да биде прикачена на европската композиција? Брисел токму сега треба да изнајде начин да го реафирмира сонот за ЕУ, доколку тоа кај повеќе земји во непосредното ЕУ-соседство и понатаму внесува и надеж и сила.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com