4.8 C
Skopje
Sunday, April 2, 2023

И во февруари гасот ќе се купува по фиксна цена повисока од берзанската

Најчитани вести

По вчерашното соопштение на ЕСМ дека и во февруари бугарската компанија „Балкан јутилитис“ ќе нѐ снабдува со природен гас, пресметките пак покажуваат, како и во јануари, дека ќе се потрошат повеќе пари од потребното. Во јануари таа бројка беше еден милион евра. Истото многу веројатно ќе се случи и со набавката за февруари, која вчера и официјално беше комплетирана.

Според соопштението на „ЕСМ продажба“ потребите од природен гас за февруари за топланите, како и за другите стопански субјекти, ќе бидат покриени со договорот со „Балкан јутилитис“, компанија што бугарската комисија за енергетика ја дефинира како микропретпријатие што две од изминативе три години работело со загуба. На тендерот биле поднесени две понуди – „Балкан јутилитис“ понудил 98,71 евра за мегават-час, а „Актаел“ 99,83 eвра за мегават-час.

Од „Макпетрол“, македонската компанија која одби да учествува на ваков тендер, информираат дека моменталната цена на природниот гас од „Макпетрол пром-гас“ е 71 евро за мегават-час за снабдување до мерната станица (ГМС) Жидилово, без пресметан транспорт до крајниот потрошувач. Ова значи дека актуелната цена на „Макпетрол пром-гас“ е поевтина за 27,71 евр од понудената цена на „Балкан јутилитис“. Математиката покажува дека и за февруари разликата изнесува 1.706.936 евра при просечна потрошувачка од 2.000 мегават-часови, а при максимална потрошувачка од 3.500 мегават-часови, разликата ќе изнесува дури 2.715.580 евра.

Според движењата на берзата, велат од „Макпетрол“, оваа цена од 71 евро за мегават-час се очекува и да се намали.

Во јануари државата веќе плати околу еден милион евра повеќе од тогашната берзанска цена на гасот, а на истото сценарио веќе е ставен потписот и за февруари.

ЕСМ во вчерашното соопштение вели дека „понудените цени на гасот од страна на двете фирми ги опфаќаат сите трошоци за набавка на енергенсот, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа“. Познавачите велат дека компанијата не го вклучува податокот дека државата презема обврска да го плати транспортот на природниот гас од мерната станица Жидилово до крајниот потрошувач, а тоа значи дека вкупната цена што е избрана, ќе се зголеми, односно, ќе се потрошат дополнителни средства.

Останува нејасно кои се мотивите зошто државата го фаворизира пристапот на понуда на фиксна цена, која е повисока, од пристапот на домашната компанија „Макпетрол“ да се следи пазарот и цените на берзите. Во случајов, и во јануари и во февруари се фаворизира бугарската фирма за која е поврзана со рускиот олигарх Лебедев и компанија со сомнителни зделки на релација Русија, Грција, Бугарија, Кипар, Девствени острови…

Најнови вести