1.8 C
Skopje
Friday, January 27, 2023

Италија – Шпанија, следува нова фудбалска класика

Најчитани вести

Во првото полуфинале на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020, вечерва (од 21 часот), на стадионот „Вембли“ во Лондон, ќе играат Италија и Шпанија. Финалето на ЕП 2012 го доби Шпанија со 4-0, чија игра „тики-така“ тогаш кулминира. Во следните години односот на силите малку се смени, Италија ја победи „фуријата“ во осминафиналето на ЕП 2016 со 2-0, а сега ќе настапи во полуфиналето на ЕП 2020 на стадионот „Вембли“, по 15-те победи во низа, односно серијата од 32 натпревари без пораз (27 триумфи и пет ремија). Второто полуфинале е утре, помеѓу Англија и Данска.
– Постигнавме два гола против Белгија, а можевме и повеќе. Мислам дека таа победата беше целосно заслужена. Шпанија е следна, но колку повеќе напредувате, толку станува потешко – изјави селекторот Роберто Манчини.
По одличната игра и елиминацијата на Белгија (2-1) во четврт-финалето, оптимизмот кај љубителите на фудбалот во Италија е на највисоко можно ниво. „Манчини, преостанаа уште два натпревара“, истакнува „Ла газета дело спорт“, во написот посветен на резултатите на селекторот на Италија, откако ја презеде должноста. Познатиот тренер од трофејните денови на Милан, Ариго Саки, во колумната за „Ла газета дело спорт“ му оддаде почит на Манчини. „Италија победува и забавува со модерниот фудбал. Секоја чест на Манчини, извонреден диригент на оркестар. Без него, овој тим никогаш не би играл вака добро. За кратко време тој успеа да го смени нашиот менталитет“, напиша Саки.
Еден од главните квалитети на Италија секако е средниот ред, во кој се Марко Верати, Лоренцо Инсиње, Николо Барела и Жоржињо, кој ретко греши и речиси секогаш го избира најдоброто решение. Тој состав некои го споредуваат со познатата шпанска средина од пред десетина години.

– Шпанската селекција што победуваше на ЕП беше силна како колектив и со одличен среден ред, со играчи шампиони како Чави и Иниеста, кои ги инспирираа сите, не само мене. Сега го имаат Бускетс, кој е меѓу најдобрите во светот минатите години – вели Барела.
Италија и Шпанија имаат идентични фудбалски идеологии, сакаат голем посед на топката, висок пресинг и доминација над противникот. Играат во слични формации, 4-3-3, со таа разлика што „азурите“ се подинамични и повеќе ги менуваат позициите и улогите, и во напад и во одбрана.
Шпанија предводена од Луис Енрике по нерешените средби во групата, со Шведска (0-0) и со Полска (1-1), ја победи Словачка со 5-0 и се пласираа во осминафиналето, каде што пак постигнаа пет гола, против Хрватска, иако за тоа ѝ беа потребни и продолженија. Во 2008 година победата над Италија во четврт-финалето, на пенали, ја отвори вратата на селекцијата на Луис Арагонес за триумф на тоа ЕП. Висенте дел Боске две години подоцна победи на СП, потоа и на ЕП 2012. Но на минатите три големи турнири Шпанците не стигнаа ниту до четврт-финалето. Тогаш за селектор беше назначен Енрике, кој со изоставувањето на поранешниот капитен, Серхио Рамос, за ЕП 2020 ја прекина последната врска со тимот од 2008 година.
– Јас сум еден од лидерите, како и сите тренери. Ако не е така, тогаш тоа е лош сигнал. Постојано повторувам дека сме еден од осумте кандидати за освојување на ЕП и сега сме меѓу четирите најдобри. Би било смешно да стигнеме до полуфиналето и да не размислуваме да направиме чекор повеќе – вели Енрике.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести