23.8 C
Skopje
Saturday, June 19, 2021

Истражување: Универзалната поштенска услуга да биде достапна и преку договорни пошти

Најчитани вести

Добро е и корисно националната Пошта, која е давател на универзалната услуга на поштенскиот пазар, да ги обезбедува услугите не само во нивните деловни простории преку нивниот персонал, туку и преку договорни пошти (приватни продавници, продажни места, трговија, бензински пумпи). Тоа го сметаат 57 проценти од испитаниците – физички лица опфатени со истражувањето за потребите на корисниците на универзалната улуга, што го спроведе Агенцијата за пошти.

Универзалната услуга е достапна до најкрајниот и најранливиот корисник. Таа опфаќа: прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки со тежина до 2 и 10 килограми, препорачани поштенски пратки и пратки со означена вредност, прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки за слепи лица и за лица со делумно оштетен вид.

Поштенските единици најмногу ги користат повозрасните лица и потребата за нив е поголема, што е и очекувано од причина што помладата популација користи интернет поволности.

Според истражувањето, кај физичките лица главни причини за незадоволство од поштенските услуги се односот на вработените, според 50 проценти и застарените процедури исто така според 50 проценти, покажува истражувањето за потребите на корисниците.

Според 61 процент од испитаниците, потребна е достава на поштенски пратки секој работен ден од понеделник до петок и тоа е искажано од корисници од возрасната група од 25 -34 години. Деветнаесет проценти од испитаниците сметаат дека може да има и помалку денови за достава на поштенски пратки, за 57 проценти е доволно три пати во неделата, а 60 проценти од испитаниците се за достава во понеделник среда и петок. Над 50 проценти од испитаниците се сложуваат да има достава на поштенски пратки на домашна адреса во сабота.

Истражувањето покажува дека постапката за поднесување рекламација како форма на искажување на незадоволство од обезбедена услуга по различен основ е непозната за дури 77 проценти од испитаниците. Само 23 проценти изјавиле дека се запознати со оваа постапка. Една третина, 32 проценти од испитаниците се подготвени да платат повисока цена за поштенските услуги со цел да се зголеми квалитетот на услугите, додека 56 проценти не се подготвени да платат повеќе за подобар квалитет.

•Седумдесет и три проценти од испитаниците се согласуваат дека поштенските услуги се важна гранка во услови на пандемија, од причина што поштенските услуги се едни од единствените начини на комуникација на луѓето каде е ограничено движењето.

Речиси две третини, односно 60 проценти, од испитаници користеле поштенски услуги од друг давател на поштенски услуги покрај услугите на давателот на универзалната услуга и тоа во главно испитаници на возраст од 18-54 години. Основна причина за користењето на овие конкурентски компании се брзината на достава 71 процент и прием на пратките 66 проценти.

Кај правните лица, пак, 55 проценти од испитаниците – деловни корисници најчесто користат услуги на подигање или испраќање на препорачана пратка, пратка со означена вредност или пакет, како и прием и подигање на писма, сметки, честитки итн. на адреса на фирмата.

Како основни причини за своето незадоволство ги наведуваат проблемите со доставата дури 91 процент, како и застарените процедури 65 проценти. Други причини за незадоволство се односот на вработените 38 проценти, локацијата и цените 25 проценти и краткото работно време 21 процент.

ŽДве третини од испитаните деловни корисници, 64 проценти, изјавуваат дека заради електронската пошта користат помалку поштенски услуги, додека 32 проценти не се согласуваат со овој став. Педесет и два процента од деловните корисници сметаат дека давателот на универзалната услуга треба да го достави писмото до примачот наредниот работен ден (Д+1), 30 проценти дека треба достават да биде Д+2, 10 проценти сметаат дека тоа треба да биде Д+3, а само 4 проценти дека доставата треба да биде Д+4.

Од деловните испитаници 37 проценти изјавиле дека се запознати со постапката за поднесување на рекламации кај поштенскиот оператор за изгубени, оштетени поштенски пратки и пречекорување на рокот за достава, итн., додека 63 проценти не ја знаат оваа процедура.

Три четвртини, односно 75 проценти, од деловните корисници користеле поштенски услуги од друг давател на поштенски услуги покрај услугите на давателот на универзалната услуга, додека 35 проценти не користеле услуга од друг давател. Основна причина од корисниците и на други даватели на поштенски услуги, за користењето на другите компании, е нивната брзина на достава 79 проценти и брзината на приемот 69 проценти.

Во однос на подготвеноста да се плати повисока цена за зголемен квалитет на поштенските услуги, 40 проценти од деловните испитаници се подготвени да платат повеќе, 45 проценти не би платиле повеќе, а 15 проценти се неодлучни т.е. не знаат.

Како што стои во истражувањето, во периодот на пандемијата на Ковид 19, 39 проценти од деловните испитаници сеуште добиваат сметки по пошта, 28 проценти започнале да добиваат електронски сметки, а 33 проценти ги користат електронските сметки и пред почетокот на пандемијата. Шеесет и еден процент од деловните испитаници изјавиле дека немаат зголемена onilne нарачка на пратки, додека 39 проценти ја зголемиле online нарачката на пратки во периодот на пандемијата на Ковид 19.

Истражувањето опфати физички корисници од урбани, рурални и тешко достапни населени места, како и правни лица од мали, средни и големи претпријатија. Истражувањето е спроведено во сооднос 70 : 30 во корист на бизнис корисниците, а се испитани вкупно 600 лица (физички и правни). Репрезентативноста на испитаниците правни лица е обезбедена според најновите податоци на активни деловни субјекти за 2019 година по дејност од Државниот завод за статистика.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести