4 C
Skopje
Tuesday, March 9, 2021

Историски успех на Зелените во Швајцарија, освоија 20 проценти од гласовите

Најчитани вести

Двете партии на Зелените освоија нешто повеќе од 20 проценти од гласовите на изборите за долниот дом на швајцарскиот парламент, со што се обележува пад на поддршката на сите поголеми партии, вклучувајќи ја и победничката Народна партија (СВП), покажуваат конечните резултати

Зелената левица освои вкупно 13,2 проценти од гласовите, 6,1 процентен поен повеќе отколку на минатите парламентарни избори. Зелените либерали, партија на центарот, освои 7,8 проценти, 3,2 процентни поени повеќе од минатите избори, објави државната телевизија СРФ.

Со тоа, Зелените станаа четврта партиска групација во Швајцарија, туркајќи ја Христијанско-демократската народна партија на петтото место.

Најмногу гласови – 25,6 проценти – освои анти-имиграциската Народна партија (СВП), 3,8 процентни поени помалку од претходните избори, но го задржа статусот на најсилна партија во Швајцарија.

Зад нив се социјалдемократите со освоени 16,8 проценти од гласовите, два процентни поени помалку отколку на последните избори. Либералите освоија 15,1 процент, 1,3 процентни поени помалку.

За Христијанско-демократската народна партија гласаа 11,4 проценти од гласачите, за 0,2 процентни поени помалку од претходните избори.

„Климата дефинитивно беше главна тема на овие избори“, изјави лидерот на фракцијата на зелената левица во долниот дом на парламентот Балтасар Глаетли.

Климатските промени станаа доминантна политичка тема во Швајцарија, со намалувањето на обемот на познатите глечери за дури 10 проценти во последните пет години.

Промената на политичките приоритети ја потврдува и швајцарската агенција за испитување на јавното мислење Гфс.берн, според чие истражување климатските промени и емисиите на јаглеродниот диоксид биле одлучувачки теми за гласачите, поважни и од високите трошоци за здравствена заштита, блокирање на разговорите со Европската унија и имиграцијата.

СНП во предизборната кампања во голема мерка ги игнорираше климатските прашања, потпирајќи се на вообичаената ксенофобична и анти-ЕУ реторика.

Иако остварија најдобар изборен резултат во историјата на своето политичко делување, зелените партии веројатно нема да учествуваат во новата влада, сметаат аналитичарите и „зелените“ политичари.

Според единствениот швајцарски политички систем, добар резултат во еден изборен циклус автоматски не резултира со влез во сојузната влада, која во изминатите децении се состоеше од министри од редовите на народната партија, социјалдемократите, либералите и христијанските демократи.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести