33.8 C
Skopje
Tuesday, August 3, 2021

Истокот не отпиша, Запад не не запишуе!

Најчитани вести

Оваа 2021 година почна како година со големи очекувања да биде поразлична од претходната, со искрени желби за здравје и повеќе прегратки и дружби. Можеби таков бил почетокот на 1920 година, по завршувањето на третиот бран на Шпанскиот грип, предок на денешниот Ковид…или можеби таков бил и почетокот на далечната 1945, година во која на 9ти мај официјално заврши една од најкрвави светски војни. Таквите почетоци носат надеж, желби, планови и сеќавања на безгрижни сончеви денови и исчекување на нови, безбедни, исполнети со среќа, љубов, извесност и хармонија… барем слични како тие од нашите најубави спомени…

Култната реплика во насловот беше изговорена од легендарниот македонски актер Душко Костовски во еден од позначајните слободоумни и критички кон историјата филмови на просторот на поранешна Југославија, “Среќна Нова 49та”. Оваа кратка реплика ја објаснува ситуацијата на повоена Југославија на крајот на 1948, по резолуцијата на Информбирото со која се покрена обид за смена на правецот во кој тргна тогашната власт. Целиот таканаречен социјалистички Источен Блок предводен од Советскиот Сојуз на чело со Сталин, постави политички ултиматум и блокада кон Југославија која дотогаш чувствуваше дека кон тој блок природно припаѓа! Титовото “НЕ” кон ова барање за кое учевме по часовите историја можеби и не беше толку одлучно на почетокот, но се после тоа е историја во која Југославија почна да расте и стана респектабилен меѓународен фактор! Секако, тоа не дава никакво оправдување за креирањето на Голи Оток и прогонот на “сомнителни” до 1952, но прогресот на другите полиња го фрли тоа во сенка, освен за засегнатите семејства на кои остави трајни трауми.

Дали по 70 години историјата се повторува? Дека ова тврдење за карактерот на историјата е валидно, за жал најдобар пример е Балканот. Историските повторувањата се најчесто мачни и честопати крвави. Различни актери, но исти сценарија и мотиви. Освен со пикот на пандемијата во декември 2020, Македонија се соочи со ситуација слична на онаа опишана во поднасловот на колумната. Политичкиот блок кон кој 20 години стремиме да се приклучиме како наш природен избор на припадност, реши повторно да не не запише во списокот. А толку се трудевме да се отпишеме од сите други списоци! Непожелниот гостин го оставате да седи долго во чекалната, тестирајќи го неговото достоинство и чекајќи го моментот кога сам ќе се откаже од чекање? И што сега?

За Балашевиќ или… нешто повеќе?

Послевоените генерации родени од 1952 до 1982 се уште во некој дел од домот можеби ја чуваат црвената марама и сина капа со петрокрака, потсеќајќи ги на првите зборови од заклетвата дадена во хор од стотина детски гласови.. “Денес кога станувам пионер, давам чесен Титов пионерски збор, дека..” сето она кое се споменуваше во таа наивна, со жар и гордост извикувана детска заклетва беа вредности кои се настојуваше да се живеат. Тоа беа вредности на кои се градеше едно општество, замислено да биде по мерка на човекот. За жал, вредности кои се помалку ги има меѓу нас… или пак можеби човекот не сакаше такво општество?

Смртта на Ѓорѓе Балашевиќ на почетокот на оваа ’21 не беше само заминување на еден од најголемите кант-автори од овие Балкански простори. Неговата смрт на почетокот на оваа година, удри по нашите убави спомени, нашите надежи и пламенчиња што тлеат во нас, чекајќи го вистинскиот миг да вивнат во сино-жолта светлина која ќе зрачи околу нас…

Освен што знаеше со волшебен сплет на зборови да ги опише најсложените и најинтимни човекови емоции, тој одлично знаеше да биде критичар на општеството на еден интелигентен, сатиричен и осмислен начин. Неговите песни не потсетуваа на детството полно мангуплуци, зреењето во младоста низ љубови и подвизи, зрелоста со сите тежини од очекувањата пред нас, есента и зимата на нашите животи…

Отиде Ѓоле и со него еден голем дел од она што се нарекуваше заеднички културен простор. Се палеа свеќи низ сите главни и помалку главни градови низ бившата заедничка земја, со солзи во очите како за близок, откинат од нас…. Дали тие солзи оплакуваа едни вредности и спомени кои беа олицетвотрени во него?

Иако во основа беше политички и дефинираше граници на една 24 милионска држава, тој простор беше исто така и спортски, музички, и економски поврзан, градејќи генерации кои се чувствуваа горди што се дел токму од тој простор, а не од просторите околу нив кои се сега дел од ЕУ, а тогаш со завидливи погледи гледаа наваму. Тоа чувство на гордост некои ја нарекуваа и надменост. Со најголем БДП во регионот, пасош со кој се патува без виза каде се сака, силна средна класа со стандард кој тоа го дозволува, со спортски екипи и репрезенатации кои речиси секогаш беа во меѓу најдобрите во светот, армија која по сила беше во првите 5 во Европа, уметници, научници…..веројатно тогашната надменост и не беше без основа. Силно врзивно ткиво беа вредностите кои се негуваа, суптилно ставени уште во пионерската, а дополнети со војничката заклетва и сите оние останати свечени заклетви и неформални ветувања заверени само со чесен збор.

Триесет години по распадот на тој политички простор со сите можни подмножества во него, генерациите пред ’82 (последна генерација која даваше пионерска заклетва) во сите 7 денешни држави кои произлегоа од тогашната федерација, се уште го имаат тоа чувство на сопствена големина во однос на останатите. Можеби кај Србија и Хрватска, како поранешни најголеми федеративни републики, тоа е најизразено. И беше крваво платено. Но, не помалку го има и кај останатите народи кои живееа во тој заеднички воено-политички, економски, спортски, културен, образовно-научен и инфраструктурен простор.

Психологијата го познава Киблер-Росовиот модел (1969) кој идентификува 5 фази низ кои минува секоја индивидуа која се соочува со некоја загуба или закана: (1) Негирање (ова не се случува, така само изгледа), (2) Лутина (зошто баш јас/ние, кој е виновен) (3) Надеж (сепак не е тоа-тоа, ќе се врати по старо), (4) Депресија (нема смисла да се трудам, нема надеж) и (5) Прифаќање (тоа е тоа, одиме понатаму). Иако моделот е правен за индивидуи, доста валиден е и за групи и општества. Во која фаза сме ние како општество и индивидуи?

Голема или мала е Македонија?

Во земјава, од почетокот на независноста досега може да се идентификуваат две политички филозофии или сили во однос на оваа наследена големина и надменост.

Едните политички сили веруваат дека Македонија може! Веруваат дека ние можеме да градиме и водиме држава самостојно, веруваат во државотворноста на македонскиот народ и воопшто граѓаните кои живеат во Македонија, веруваат дека Македонија има и игра важна политичка улога во регионот, па и пошироко! Во таа своја големина, овие сили не ретко се однесуваат како Македонија да е центар на светот, поистоветувајќи се со воената моќ, економската сила и геостратешка позиција на една Турција, Израел или дури Русија и САД! Секако, оваа екстремно големо поимање за сопствената важност и големина е нереално и политички непродуктивно за овие политички сили, но сепак успева да ја придвижува земјата напред во периодите кога тие се власт.

Од друга страна, и по 30 години има политички сили кои не се уверени дека земјава може сама! Сметаат дека треба да се приклониме кон некој поголем брат, дека немаме луѓе кои имаат капацитет да водат, немаме економски и други ресурси да опстојуваме сами, ниту сила да се спротивставиме на надворешните и внатрешни политички притисоци кои сакаат да не моделираат согласно нивните очекувања и интереси. Овие сили сметаат дека единствен спас за Македонија е да стане дел од некој поголем политички субјект (унија, федерација, конфедерација…) и со тоа дел од некој поглобален економски, воен, културен, научно-образовен и секаков друг простор. Овие сили се спремни на секакви компромиси во насока на вакви интеграции, дури и кога со тоа се негира сопственото постоење, со желба да избегнат одговорност што ја бара носењето идни тешки одлуки. За некаква национална големина и надменост кај нив веќе одамна не станува збор!

Овие две екстремно опишани политички сили се артикулираат во сите политички партии во земјава, во некои преовладува повеќе едната, во други другата, во различни периоди и контексти. Да се потсетиме, „Македонија може“ беше слоган на реформираната СКМ (Сојуз на Комунисти на Македонија) на првите повеќепартиски избори на 11.11.1990 кога мнозинство гласови освои ВМРО-ДПМНЕ! Загрижувачки треба да биде фактот дека вториве, дефетистички сили стануваат се поизразени и после 30 години независност, за што се виновни сите досегашни политички елити и Влади кои повеќе или помалку ги разочаруваа очекувањата од граѓаните, ставајќи го личниот пред државниот интерес.

За Македонија ниту еден од споменатите екстремни поимања на сопствената големина и важност не е продуктивен и прагматичен приод! На земјата и треба политичка сила која успешно ќе се бори за своите државни интереси внатре и надвор од границите, свесна за својата географска и економско-политичка маленкост, но истакнувајќи го низ факти својот интегритет, интелектуална и духовна големина која ја има оваа земја, достоинствено, чесно и пожртвувано за својата татковина! Тоа се вредностите на кои поранешната држава се градеше од 49 -та до крајот на ’80тите по она “НЕ” и со кои успеа да излезе од тогашниот ќорсокак. Кога нашите политичари ќе ги стават овие вредности во своите глави и срца, нема да бидат важни нивните лица, националност, вера и боја на партиските книшки. Ќе биде важна само иднината на Македонија, небитно дали во некаква унија или сама! И таа иднина сигурно ќе биде светла!

Филип Ивановски

Универзитетски професор

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести