33.8 C
Skopje
Sunday, July 25, 2021

Иранските избори ги нарушија плановите на Бајден за нуклеарен договор

Најчитани вести

Официјални претставници на администрацијата на Џо Бајден велат дека изборот на тврдолинијаш за нов претседател на Иран нема да влијае врз изгледите за обновување на неизвесниот нуклеарен договор со Техеран од 2015 година. Но, веќе постојат индиции дека нивната цел за постигнување договор станува се потешка.

Оптимизмот дека договорот е неизбежен исчезна откако последната рунда разговори, во неделата, заврши без видливи знаци на значителен напредок. И во понеделникот, во неговите први јавни коментари по гласањето, идниот ирански претседател Ебрахим Раиси ја отфрли главната цел на Бајден за проширување на нуклеарниот договор, доколку преговарачите се во можност да го спасат стариот. Истовремено, Раиси најверојатно ќе го засили иранското инсистирање за укинување на санкциите во замена за придржување кон договорот, додека тој самиот веќе е предмет на санкции на САД за кршење на човековите права.

-Не му завидувам на тимот на Бајден, изјави Карим Саџапур, постар соработник во Фондација за меѓународен мир Карнеги, кој советуваше многу администрации на САД за Иран. „Мислам дека администрацијата сега има силно чувство дека треба итно да го преиспита договорот пред Раиси и новиот тврдокорен тим да стапат на должност”, додаде тој.

Претседателот Џо Бајден и неговиот тим како свој врвен приоритет во надворешната политика на САД го поставија прашањето за враќање во договорот. Тоа беше едно од извонредните достигнувања на претседателот Барак Обама и во тоа му помогнаа советници кои сега се во администрацијата на Бајден. Додека беше претседател, Доналд Трамп го напушти договорот и се обиде дури и да го уништи.

Независно од претстојното претседателство на Раиси, претставници на администрацијата на Бајден инсистираат на тоа дека нема друга алтернатива освен постигнување договор. Тие тврдат дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во 2015 година го одобри таканаречениот Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA), што ќе ги донесе конечните одлуки, без оглед кој е претседател.

-Позицијата на претседателот и нашиот став е дека лидер во одлуките е врховниот лидер, изјави во понеделникот портпаролката на Белата куќа Џен Псаки. „Така беше пред изборите; така е и сега; и веројатно ќе биде така и во иднина“, додаде таа.

„Очекуваме Иран и во август да го има истиот врховен лидер како што е денеска, кој беше пред изборите и кој беше во 2015 година кога за првпат беше завршен JCPOA“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Меѓутоа, надежите за значителен напредок беа попарени минатата недела, во пресрет на изборите во Иран, и поради широко распространетите шпекулации за влијанието на гласањето врз индиректните разговори Иран-САД во Виена. Дипломатите и другите запознаени со разговорите сметаа дека последниот круг, шести по ред, може да доведе до барем опиплив резултат, дури и да не станува збор за целосен договор.

Сега, кога оваа рунда заврши и седмиот круг е закажан, конзервативниот шеф на иранското правосудство, Раиси, силно се спротивстави на што и да е, освен на речиси минималното исполнување на договорот од 2015 година, во замена за укинување на американските санкции Во својата изјава од понеделникот, Раиси категорично ги отфрли американските повици Иран да се согласи на натамошна дискусија за проширување на првичниот нуклеарен договор за вклучување на иранската програма за балистички ракети и поддршка за групите во регионот кои САД ги идентификуваат како терористички.

-За ова не може да се преговара, рече Раиси.

Иранските експерти се согласуваат дека ќе биде тешко, ако не и невозможно, Бајден да го натера Иран да излезе од нуклеарниот договор.

-Јас сум многу скептичен дека кога ќе ги укинеме санкциите, тие ќе почувствуваат некаков поттик да се вратат и да преговараат за повеќе отстапки, смета Сајапур. „И ако ги притиснеме со санкции да се вратат на маса, тие ќе речат дека не го почитуваме нашиот дел од нуклеарниот договор. Повторно“, додаде тој.

Критичарите на нуклеарниот договор тврдат дека со својот сигнал да се откаже од договорот со Трамп, администрацијата веќе дала премногу за возврат за премалку. Според нив, иако Иран се согласи на некои дополнителни разговори, ова ветување ќе биде бескорисно.

-Сосема е очигледно дека Иранците никогаш не отишле со добра намера да преговараат подалеку од JCPOA, вели Рич Голдберг, член на Советот за национална безбедност на Трамп, кој зазеде тврд став за Иран. “И сега, иако администрацијата добива некои достоинствени зборови од Иранците за идните разговори, Раиси веќе кажа дека тие не се заинтересирани. Се е готово”, рече тој.

„Не можете да се вратите на скептичниот Конгрес, на сојузниците и противниците на договорот и да кажете дека ветувањето значи, што и да значи, додека Раиси веќе кажа дека тоа веќе не значи ништо“, додаде Голдберг.

Меѓутоа, претставниците на администрацијата се убедени дека колку и да е добар нуклеарниот договор, тој е недоволен и треба да се подобри.

-Гледаме враќање кон остапките како потребно, но не и доволно. Но, исто така, гледаме враќање на остапките како можност да преминеме кон другите дипломатски прашања, изјави Прајс, додавајќи дека ова прашање им е изнесено на Иранците со “недвосмислени зборови“.

Дополнителна компликација е што Раиси ќе биде првиот актуелен ирански претседател под санкции на САД пред да ја преземе функцијата. Ова може да ги комплицира неговите официјални посети и говори на меѓународни форуми, како што се Обединетите нации. Сајапур и Прајс велат дека САД ќе продолжат да го сметаат Раиси за одговорен за кршење на човековите права за кои тој беше санкциониран од администрацијата на Трамп.

Во 2018 година, Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор и почна кампања на „максимален притисок“ врз Иран, што вклучуваше враќање на сите санкции што беа олеснети според договорот и додавање на нови.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести