27.8 C
Skopje
Monday, August 8, 2022

Интерпелација – опозициска манипулација или неодговорност на Џафери

Најчитани вести

На седницата пред пратениците е интерпелација за работата на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Интерпелацијата ја поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Џафери очекува атмосферата на седницата да биде парламентарна. Деновите, пак, во Собранието владее тензична атмосфера, а во понеделникот дојде и до инцидент меѓу мнозинството и опозицијата. Политичките аналитичари очекуваат „ново и поголемо шоу“ во наредните денови.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата интерпелацијата за Талат Џафери ја поднесоа на 30 мај, по што претседателот на Собранието запазувајќи го рокот во Деловникот одговори на неа и ја закажа седницата на 30 јуни. Пратениците од опозицијата го обвинуваат Џафери за нестручно и несовесно работење и претседавање со македонското Собрание. Според нив, во неколку наврати Џафери еклатантно ги кршел одредбите од Уставот.

Опозициската партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски и пред поднесувањето на интерпелацијата рекоа дека не очекуваат таа да биде изгласана и Џафери да замине од оваа функција, но оти сепак сметаат дека тој треба да одговара пред граѓаните за својата работа.

Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до полноќ.

Претседателот на Собранието на седницата има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација.

Џафери преку соопштение одговори на поднесената интерпелација која, како што наведе, „содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација“.

„Тврдењата изнесени во интерпелацијата јасно укажуваат на намерата на подносителите без каква било основа да ги девалвираат моите постигнувања“, стои во одговорот на Џафери.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ поднесоа Интерпелацијата за работата на Џафери, како резултат на, како што наведоа, хаосот кој што се случува во Собранието, а е под директива на Џафери. Пратеничката група наведе дека во изминатиот период се почесто се забележува прекршување на Деловникот, во Собранието има скандали и понижување на пратеници, а Џафери си ја присвоил функцијата и се однесувал како да има право да навредува, пцуе, омаловажува и да заклучува пратеници“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ кога ја поднесоа интерпелацијата.

Џафери вели дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тоа го прават за дневно – политички цели и пласираат груби невистини со наводите во интерпелацијата дека ги прекршува Уставот, законите и собранискиот Деловник.

„Во врска со наводите дека сум го прекршил Деловникот со тоа што сум побарал да се затворат вратите на пленарната сала за да се пребројат присутните пратеници, на сите упатени во случувањата во Собранието во последните неколку години, веројатно им е многу јасно дека станува збор за чисто лицемерство. Односно, мошне јасна е намерата на опозицијата, која сите овие години ја опструира работата на законодавниот дом и оневозможува донесување на битни закони за граѓаните, и овој пат да создаде лажна претстава во јавноста дека јас постапувам спротивно на Деловникот“, наведува Џафери.

Претседателот на Собранието вели дека во изминатите пет години, се однесува со посебна почит кон сите вработени во Службата на Собранието, а како аргумет го посочува тоа што се залагал за донесување на законски измени кои овозможија независност на собраниската служба.

Собранискиот спикер неколку денови пред да му ја поднесат интерпелацијата побара да се заклучат собраниските врати од салата, за службите да ги пребројат пратениците на 71 седница.
На ова пак, претходеше аудио снимка којашто излезе во јавноста по завршувањето на една од собраниските седници, а на која се слушаа пцовки и навреди од претседателот Џафери кон собраниските служби, за што Џафери изјави дека не чувствува вина и одговорност поради аудио снимката на која се слуша неговата кавга со службите.

Според него, грешката е кај службениците, бидејќи не работеле, а пцовките не биле кон вработените, туку кон односот што го имале кон работата.

Собраниските инциденти не се новина

Заклучување на пратеници, пцовки до службеници, довикувања на висок тон меѓу политичките опоненти, тропање по маси се само дел од собранискиот фолклор во изминатите недели. На видео снимка од седницата во понеделникот можеше да се види како при жестока кавга меѓу координаторот на ДУИ и претседател на комисијата за европски прашања Арбер Адеми и опозициските пратеници Антонијо Милошоски и Халин Снопче летаа филџани и пластични шишиња.

Комуникологот Петар Арсовски, пред неколку денови во изјава за РСЕ, рече дека јазот меѓу власта и опозицијата во земјава сè повеќе се зголемува поради тензијата во која се наоѓа земјава во изминатиов период. Според него двата спротивставени блока сега се гледаат низ „нишан “ на непријатели, а не како политички опоненти.

„Не се добри тие инциденти, и не очекувам да се подобри тоа, бидејќи гледам дека работата оди кон ескалација, а не кон деескалација. За да почне работата да оди кон деескалација, потребен е нормален процес на политички дијалог, поинклузивен. Не знам дали тоа може да се случи во овој период имајќи ги в предвид длабоката поделба околу францускиот предлог, воопшто правецот во кој се движи државата. Не очекувам некакво брзо подобрување на состојбите, туку мислам дека треба да се подготвуваме за уште поголемо шоу“, рече Арсовски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека ваквото однесување во Собранието не е новина.

„Ние имавме и исфрлање на пратеници од Парламент, имавме и тепање на пратеници во Парламент, така што ова е карактеристика на нашиот Парламент“, вели Муслиу.

Последниот извештај на Институтот за демократија за набљудувањето на квалитетот на Собранието за втората половина на минатата година (јули-декември 2021) покажува дека има пад на квалитетот на дискусијата во споредба со првата половина од годината. На скала од 1 до 10 квалитетот на собраниската дебата е оценет со 5,4. Во извештајот се додава и дека контролната улога на Собранието останала во втор план.

Собранието е како арена за партиски битки

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во изјава за РСЕ пред да биде поднесена интерпелацијата на Џафери рече дека во нивните истражувања по повеќегодишен раст на оценката од страна на јавноста за работата на Собранието, од минатата година перцепциите се враќаат на ниво од пред седум, осум години и се прилично ниски.

Причините за таквата состојба, како што наведува, се ковид пандемијата, неактивноста на Собранието и негов бојкот. Сегашната ситуација со активниот бојкот од ВМРО-ДПМНЕ, според Трошановски, дополнително ќе се одрази врз резултатот на законодавниот дом.

„По сите истражувања кои што ги правиме и за квалитетот на дебата и за перцепциите на јавноста за работата на Собранието, она што е евидентно е дека луѓето се помалку во Собранието гледаат простор каде што се случува суштинска, аргументирана дебата и се одвива конструктивен дијалог што резултира со квалитет на закони. И мислам дека иако дел од пратениците се свесни и активно работат на тоа, сепак на ниво на парламентарни групи постои голем ривалитет кој што не вродува со соработка во интерес на државата, туку Собранието е инструментализирано како арена за партиски битки“, вели Трошановски.

Интерпелациите не поминуваат

Во ноември минатата година, опозицијата поднесе интерпелација за владата, откако БЕСА ја напушти владејачката коалиција, но обидот за соборување на власта пропадна во последен момент, кога пратеникот Кастриот Реџепи одлучи „да смени страна“.

Во јули минатата година, Левица и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација за Џафери, но собраниските служби им ја вратиле на поднесувачите поради тоа што не го употребиле новото уставно име – Северна Македонија.

Во април минатата година не беше изгласана интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелации и за поранешниот министер за здравство Венко Филипче, како и за тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ, кој сега е вицепремиер за евроинтеграции, и за поранешниот вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, кој сега е министер за земјоделие, но тие не дојдоа на дневен ред додека премиерот Зоран Заев не се повлече, а со тоа падна и целата негова влада.

Во август 2020 имаше интерпелација за тогашниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров, но ни таа не помина.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com