7 C
Skopje
Saturday, March 6, 2021

Интервју со Христопулос: Договорот од Преспа го реши спорот на достоинствен начин за двете земји

Најчитани вести

Интервју со професорот Димитрис Христопулос, доскорешен прв човек на Меѓународната федерација за човекови права, сега нејзин почесен претседател. Христопулос кој е експерт за човекови права, малцинства и миграции е редовен професор на Пантеон Универзитетот во Атина.

Kолку што повеќе се отвораат општествата, може да се каже дека толку расте и национализмот и ксенофобијата. Имаме пораст на крајната десница во Европа. Зошто?

– Во ситуација кога дистанцата меѓу послабите и посилните станува се поголема, поголема и поголема, реакцијата која доаѓа од крајната десница не е случајност туку е последица на оваа ситуација. И таму се наоѓаме ние денеска. Ако не направиме нешто да ја спречиме тоа оваа ситуација каде богатите да стануваат побогати, а сиромашните посиромашни тогаш не очекувајте дека ќе се држиме до наивниот либерален наратив. Мора да се соочиме со ѕверот, а ѕверот е тука, ѕверот е екстремната десница. Екстремната десница секогаш била тука во Европа. Таа не е политички вонземјанин. Европа беше лабораторија на најбруталните тоталитарни политички експерименти.

Човековите права се нераскинливо поврзани со малцинските права, но дали го уживаат истиот степен на почитување?

– Во денешно време се појавуваат нови малцинства што е резултат на неодамнешните миграциони и бегалски бранови. И тоа го смени фокусот. Значи не е повеќе класичната парадигма дека ги имате малцинствата блиску до границата кои се чуствуваат поврзани државата која е од другата страна, туку се појавуваат групи кои се дискриминирани, во неповолна положба во метрополи, во центарот на териториите. Од таму, зборувајќи за малцинствата ние треба да се придвижиме кон поинтегративна перспектива што е малцинство. Не е веќе повеќе така како што беше пред 40 години. Треба да размислуваме за малцинставата на еден подинамичен начин. Очигледно кога зборуваме за вакви групи, групи кои се слаби, групи кои се ранливи, тоа е местото каде целиот наратив за човековите права се тестира.

Регионот се уште се бори со прашањето на правата на малцинствата. Кој е начинот ова да се промени во позитивна насока? 

– Очигледно има различни модели. Грчкиот модел е заснован на асимилација – единствен начин да бидете интегрирани е да се асимилирате. Тоа грчкиот модел на справување со малцинствата. Тоа е француската идеа – една држава, една нација, еден јазик, заборавате го останатото. Тука во Северна Македонија има друг модел кој вклучува повеќе разноликост, коегзистенција, понекогаш и повеќе поделба на општеството, групирања во општеството и т.н. Секој има свој модел. Идеjата според мене е да се најде начин кога интеграцијата на индивидуата би требало да се направи со почитување на достоинството.

Доаѓате и работите во земја која не признава постоење на малцинства. Постои ли поместување во грчкото општество за признавање на ваквата различност или се уште се борите со ветерници?

– Грчкото минато и грчкиот начин на справување со работите, за кој кажав дека е асимилација, и тоа е тоа, е нешто што му припаѓа на 20. век. Денес ситуацијата е дека Грција има еден милион мигранти, има бегалски кампови и т.н. и тешко е да се преправате дека немате ништо. Сметам дека е потребно време, но се движиме во правец на идеа на инклузивно почитување, по малку, на различностите. Клучниот збор, не е различност, малцинство, туку достоинство.

И сметам дека последниот развој меѓу нашите две земји, пред се со потпишувањето на Договорот од Преспа, оди во таа насока. Решавањето на спорот на начин на почитување и со достонство кон другата страна. Нешто што нуди оптимизам во ситуација кога нема многу простор за оптимизам во Европа.

Има противење за Договорот од Преспа и во земјава и во Грција. Може ли да ги придвижи работите на позитивно на краток рок?

– Нема договор кој се занимава со идентитетско прашање кој ќе биде целосно респектиран или прифатен од сите луѓе. Во ред, тоа е случај тука, тоа е случај во Грција, очигледно. Ова е Договор кој ги подели двете наши општества. Добрата работа е што водечките делови од општествата решија да направат чекор напред. И за мене тоа е одлична работа. Очигледно, има несогласување тука и во Атина околу Договорот. Но сметам дека Договор е веќе направен и се надевам дека со некои подобри случувања во ЕУ, реферирам на француското вето против започнување на пристапните разговори со Северна Македонија, еднаш кога ќе завршиме со тоа мислам дека полека се движиме напред.

Каква беше реакцијата во Грција на француското вето?

– Не многу добро, морам да ви кажам. Беше многу незгодно. Знаете има контрадикторност тука. Од една страна го имате спорот, но Грција традиционално, од познати причини, е една од најгласните замји за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ. Значи француското вето не им помогна на нашите земји. Се надевам дека ќе направиме се да ја исправиме ситуацијата.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести