Home » Интервју со министерот Османи: Уставните измени се неизбежни на патот до ЕУ, Русија не може да биде алтернатива

Интервју со министерот Османи: Уставните измени се неизбежни на патот до ЕУ, Русија не може да биде алтернатива

by Журнал.мк

„Уставните измени се прашањето коешто ќе го откочи процесот, односно ќе го овозможи продолжувањето на патот кон ЕУ. Сметам дека сите треба пред граѓаните да излеземе и покажеме дали стоиме зад нивната волја да станеме членка на Европската унија“ – вели во ексклузивното интервју за Фронтлајн и ЦИВИЛ Медиа, министерот за надворешни работи – Бујар Османи.

Тој истакнува дека опозицијата целосно ја партизира агендата, целосно ја става европската перспектива на државата во функција на наредните избори.

– Имате политички партии коишто упорно го кочат тој процес и затоа сметам дека треба пред граѓаните да излеземе со јасна порака. Дали поддржувате политички структури коишто сакаат државата да биде членка на Европската унија или тие што сметаат дека треба да има алтернативни структури од типот на средбата на рускиот претседател со севернокорејскиот претседател и таму се зацртува една нова алтернатива на Европската унија. И затоа сметаме дека сега е време сите политички партии коишто се залагаат за Европска унија, да бидат дело на Европски фронт. Останатите нека си направат свој фронт па да излеземе пред граѓаните и да бираат граѓаните. Дали сакаат Европска унија, или ја сакаат таа коалиција којашто се сретнаа скоро во Русија, порачува министерот Османи.

Според него, Русија не може да е алтернатива на Европската унија, затоа што не може да нуди алтернатива.

Сте виделе ли некој да оди да работи или да бара школување во Русија?, прашува Османи.

„Одат во Европската унија, затоа што ние сме еден ист систем на вредности, ние географски, културолошки, економски, историски припаѓаме на оваа семејство, на вредности на ЕУ“, вели Османи.

Демократската унија за интеграција чиј потпретседател е Османи, не исклучува можност за заеднички претседателски кандидат на Фронтот за Европа, на следните претседателските избори.

Г-не Османи, интегративниот процес на земјата е на крстопат. Без уставни измени државата не може да оди напред. Како да излеземе од овој политички јаз?

Османи: Мислам дека членството во Европската унија е една наша автохтона политика, којашто со консензус е поддржана и од граѓаните, и од сите политички партии. Што значи, наша е одлуката дали сакаме да продолжиме на тој пат или не. Сме биле свесни од првиот ден дека нема да биде лесен пат, тежок бил за сите држави коишто го поминале патот до членството.

За нас се покажа, нешто повеќе потежок отколку за другите, меѓутоа, волјата е непоколеблива и на граѓаните и на политичките партии, затоа што алтернатива нема.

Точно е дека како и во неколку наврати, сега се наоѓаме на крстопат, како што рековте. Од одлуките што ќе ги донесеме сега ќе зависи дали ќе станеме земја членка за во наредните години или ќе ја изгубиме таа шанса за наредните децении.

Во моментот топката е кај нас. Уставните измени се прашањето коешто ќе го откочи процесот, односно ќе го овозможи продолжувањето на патот кон ЕУ. Сметам дека сите треба пред граѓаните да излеземе и покажеме дали стоиме зад нивната волја да станеме членка на Европската унија.

Меѓународниот фактор не гледа пречки за еу-интеграција на Скопје кај официјална Софија. Тие алармираат за проблемот, имено за внатрешни блокади. Дали Христијан Мицкоски е главниот инхибитор на процесот?

Османи: Да имаше сериозна аргументација од страна на опозицијата против Уставните измени, навистина таа дебата ќе беше легитимно. Меѓутоа, во услови кога немате аргументи кога ги менувате ставовите постојано, а и најважното стратешко прашање на државата го калкулирате само низ призма на наредните избори, е тоа не е начинот на којшто се носи земјата во Европската унија. Најважната работа што ја научија земјите коишто станаа членки, на пример Хрватска, е дали политичките партии независно дали во опозиција или во власта постигнале договор, дека за прашање на Европската унија, на членството во ЕУ, нема да има партиско политички разлики, бидејќи тој пат е долг и ги надминува мандатите на една политичка влада и мора да има таков еден договор помеѓу сите политички партии.

За жал, опозицијата го прави спротивното од сите научени лекции од земјите коишто веќе станаа земји членки. Целосно ја партизира агендата, целосно ја става европската перспектива на државата во функција на наредните избори.

Дали и што ќе решат предвремени избори и дали тоа е политички трик да се блокираат процесите дополнително?

Османи: Во односите со Бугарија има две траектори. Историско-идентитетската дебата, која што ние ја одбивме во процесот на преговори и прашањето на малцинските и човековите права на бугарското заедница овде. Иако имаше обид целиот фокус во дискурсот со Бугарија да се стави на овој историски и идентитетски корпус на прашање, ние успеавме не само да направиме такво поместување, туку и да ја убедиме Европската унија, дека целиот дискурс со Бугарија ќе се става низ призмата на малцинските и човековите права. Уставните измени се парадигма на тие малцински и човекови права.

Уставните измени беа наш начин како да излеземе од онаа историско-идентитетска група спорни прашања со Бугарија. Доколку не ги направиме уставните измени кои беа на наша иницијатива, ние тогаш оставаме простор повторно од искуство да се врати на претходните прашања и тоа не е наш интерес. И затоа е некогаш сомнително целата иницијатива, целиот овој отпор кон уставните измени, бидејќи е спротивно на државните и националните интереси, посебно интересите на Македонците, одбивањето, отпорот кон уставните измени, освен доколку нема некоја друга намера. Но, сепак, јас мислам дека единствената причина е затоа што сè се калкулира низ призмата на изборите. Гледаат дека граѓаните имаат одредени фрустрации кои што се со право фрустрации заради тешкиот пат низ коишто поминавме и се обидуваат да ја злоупотребат емоцијата на граѓаните и да ја претворат во гласови за да утре повторно да ги имплементираат истите одредби, од нивна позиција на власт, но тоа граѓаните го препознаваат и нема да помине доколку имаме избори.

Не можат да сменат ништо од преговарачката рамка. Преговарачка рамка е усвоена  од 27 земји членки, таа не може да се промени. Но, преговарачката рамка е компромис кој што сме го прифатиле, затоа што сметавме дека е во наш интерес тоа што овие историски и идентитетски прашања не влегоа во преговарачката рамка. Прашањето за јазикот се утврди, како конечно решение без никакви додавки. Потоа историските прашања не влегуваат во делот на преговарачката рамка за коишто има писмен извештај од Европската комисија, за кои се гласа во Европскиот совет, туку влегоа само малцинските права и човековите права, Значи, Уставни измени и акциски план за малцинства.

Тоа е наше свесно поместување на тежиштето на процесот во поле каде што нас ни одговара. Затоа што ние сме најдобри во човековите права, ние сме најдобри во колективните права и сакаме да играме на терен каде што ние сме најдобри, а не на терен каде што нема објективна проценка и фактот дека сме во асиметрична позиција они во ЕУ ние надвор секако ние ќе бидеме оштетени од тој процес.

Значи или опозицијата не го разбира ова прашање, или единствено желбата за власт ги има заслепено, па прават голема штета на интересите на граѓаните и на државата со евентуалниот неуспех на уставните измени.

Интервју со Бујар Османи за Фронтлајн. Фото: Ангел Ангеловски

Може ли евентуалниот неуспех на уставните измени да ја нарушат безбедноста на државата?

Османи: Прашањето на безбедноста е завршено со членството во НАТО. Затоа ни беше толку важно членството во НАТО. Вие гледате не само овие внатрешните, тука и регионалните динамики, ние ги следиме од многу релаксирачка позиција.

Порано, пред неколку години, да се случеше било каков инцидент некаде во регионот во Босна и Херцеговина, во Косово, во Србија туку имаше вознемиреност како ќе се рефлектира кај нас, сега се случуваат и ние ги гледаме од позиција како да им помогнеме, затоа што ние сме сега контрибутори на стабилноста, не сме консументи на стабилноста. Оттука безбедноста е прашање коешто е решено и завршено. Оваа држава ќе биде во мир, во стабилност со години и децении. Прашањето е дали ќе има просперитет, дали ќе има прогрес, дали ќе можеме да ги задржиме луѓето овде коишто бегаат заради тоа што бараат европска перспектива? Дали ќе може владеењето на правото да го задржиме и да го унапредиме, дали меѓу етничките односи ќе можат да ги задржиме во една хармонија.

Неколку руски дипломати се протерани од земјата. Дали се заканува да се зголеми руското влијание во случај да не се продолжи европскиот пат или да не се гласа за уставни измени?

Османи: Руската федерација не може да е алтернатива на Европската унија, затоа што не може да нуди алтернатива. Сте виделе ли некој да оди да работи или да бара школување во Русија?

Одат во Европската унија, затоа што ние сме еден ист систем на вредности, ние географски, културолошки, економски, историски припаѓаме на ова семејство, на вредности, на ЕУ.

Тоа што некој може да ги злоупотреби е фрустрациите од овој тежок процес, за да постојано држи некои латентни тензии и така на тие тензии да се обиде да искористи и да манифестира некое влијание и тоа го гледаме ние постојано: преку обиди за анти-НАТО пропаганда, анти ЕУ пропаганда, пропаганда за нарушување на меѓуетничките односи. За жал, некои елементи во опозицијата се сериозно влезени како инструменти на таа пропаганда, така да една партија веќе станува инструмент, но за жал ова однесување на опозицијата исто така веќе влегува во функција на едно такво нарушување.

Г-не Османи претседавате и со ОБСЕ. Војната во Украина се одрази и на геополитичката рамнотежа. Колку ова ја загрозува безбедноста на Западен Балкан?

Османи: Руската агресија во Украина ја има нарушено безбедносната архитектура на којшто почиваше мирот во последните 75 години од Втората светска војна и се разбира ја има нарушено со тоа и безбедноста не само во Европа, туку и пошироко.

Се разбира дека во такви услови најранливите подрачја се по експонирани на можни дестабилизации. Во регионот на Западен Балкан прво во целина, со фактот што не е дел од Европската унија, ранлив е сам по себе.

Фактот што има отворени сè уште нерешени прашања, како што е прашањето на дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина, на отворениот спор, ако можам да кажам, помеѓу Србија и Косово, го прави регионот ранлив. Фактот што постојано има одредени прокси инсталации овде во регионот од други малигни актери исто така тие можат да бидат злоупотребени во функција на таа дестабилизација. Тоа што нас ни дава одреден комфор, ако можам да кажам, е фактот што сме во НАТО.

Да не бевме во НАТО – во услови на руска агресија во Украина, јас навистина не знам како би се справиле со целата анксиозност што би ја имале и како држава и како граѓани. Меѓутоа, фактот што сме членка на НАТО ние сега не мислиме на нас, ние мислиме како да им помогнеме на Украина и затоа сме една од најголемите поддржувачи на Украина во било каква форма. Затоа сме во Латвија со војска, затоа сме во Бугарија и Романија со војска, во Косово во Ирак …, затоа што сме веќе меѓународен играч којшто придонесува за мирот во светот, а тоа може да го проектирате само во услови кога сте ја обезбедиле стабилноста дома, а НАТО е гаранција за стабилност.

Може ли да има договор по моделот на „Пржино“ – меѓу власта и опозицијата за уставните измени, третата фаза од гласањето во Собранието да ја изгласи некоја идна Влада, после следни избори?

Османи: Зависи што подразбираме под Пржински договор. Ако под Пржински договор подразбираме договор меѓу партиите од власта и опозицијата, ние мора да сфатиме дека целиот процес на преговори со Европската унија мора да помине низ таков начин на Пржински договор, мора да оди со договор меѓу власта и опозицијата за сите реформски прашања. Додека не сфатиме дека членството во Европската унија бара компромис и консензус помеѓу опозицијата и власта ние никогаш нема да стигнеме до Европската унија.

Ако Пржинскиот договор го гледате низ призма на одредени компромиси коишто беа направени, тука не можам да кажам, но знам дека уставните измени бараат две-третинско мнозинство и бараат поддршка и од страна на опозицијата. И јас сум убеден дека во опозицијата има пратеници кои што прво го разбираат проблемот тоа за што зборував на почетокот – за двете траектории за историско-идентитетските и за малцинските и човековите права. Има пратеници во ВМРО-ДПМНЕ кои што разбираат дека ако не го задржиме вториот курс ќе преминеме на првиот курс.

Интервју на Фронтлајн со Бујар Османи. Фото: Ангел Ангеловски.

Г-не Осамни, при посетата на американскиот дипломат во Скопје, Габриел Ескобар, се зборува за две средби меѓу Мицкоски и него во врска со измените во Кривичниот законик, на една од нив, според нашите информации, присуствувал и господинот Ахмети. Дали вопошто имало таква средба?

Османи: Не точно, немало таква средба имаше еден прием во амбасада каде што имаше сто, двеста луѓе, каде што беа сите, меѓутоа немаше ниту комуникација помеѓу Ахмети и Мицкоски, освен некое поздравување, така да, ова е извлечено од една таков коктел. Меѓутоа средба во која што се разговарало на овие прашања ви тврдам дека немало.

Измените на Кривичниот законик се објаснети веќе од страна на експертите. Најдобриот одговор е следниот. Вие гледате дека има слаба доверба во судството. Во услови на таков Кривичен закон. Значи очигледно не бевме задоволни со владеењето на правото, со тоа решение, бидејќи беше ригиден, бидејќи овозможува нерешавање на предметите со години и години, не беше флексибилен, не се ставаше фокус на конфискацијата на имот.

Ние имавме таква состојба во којашто сите се незадоволни од владеењето на правото, поради тоа законско решение. Е сега кога се менува тоа законско решение – истите што се незадоволни од резултатите се жалат на законските измени. Јас мислам дека токму причината за измените на кривичниот законик е незадоволството од тоа како се имплементира владеењето на правото, посебно во делот од така наречената висока корупција.

Со овие измените системот е направен по флексибилен, по динамичен работа и со пократки рокови, за да можат судиите да донесат одлука веднаш, а да не ги влечат случаите и да ставаат фокус на конфискацијата на имотот, бидејќи на крај граѓаните сакаат имотот да го вратат во државата, а не драконските казни кои што поради тоа што не беа флексибилни и не се имплементираа и не се извршуваа. Поради тоа имавме такво незадоволство во однос на владеењето на правото.

Господинот Ахмети пред извесно време ја промовираше и иницијативата „Фронт за Европа“. Кога ќе се формализира оваа иницијатива?

Османи: Како никогаш досега општеството е поларизирано по однос на едно прашање европската перспектива. Значи веќе имате граѓани, политички партии коишто јасно велат не можеме без Европската унија.

Едноставно сме премногу мали, премногу зависни, премногу ранливи, без тој голем систем што го нуди ЕУ и тоа не сме го констатирале ние, го констатирале многу поголеми држави во ЕУ.

Една Романија, од денот кога е станата земја членка 8 пати има зголемено БДП и тоа значи 8 пати стандард на граѓаните во овие години, сите разбираме дека во овој континент не можеме сами.

Имате политички партии коишто упорно го кочат тој процес и затоа сметам дека треба пред граѓаните да излеземе со јасна порака. Дали поддржувате политички структури коишто сакаат државата да биде членка на Европската унија, или тие што сметаат дека треба да има алтернативни структури од типот на средбата на рускиот претседател со севернокорејскиот претседател и таму се зацртува една нова алтернатива на Европската унија. Затоа сметаме дека сега е време сите политички партии кои што се залагаат за Европска унија да бидат дело на тој Европски фронт. Останатите нека си направат свој фронт, па да излеземе пред граѓаните и да бираат граѓаните. Дали сакаат Европска унија или ја сакаат таа коалиција којашто се сретнаа скоро во Русија.

„Фронт за Европа“ заедно со СДСМ, АА и другите, или без СДСМ?

Османи: Засега на државно ниво координацијата е на сите политички партии независно од етничка, или било каква припадност, но важно е дали они се залагаат за членство во Европската унија или не. Се разбира дека на ниво на политичката партија работиме со албанските политички партии во моментот, коишто се залагаат за Европска унија за создавање на тој фронт, а се разбира како ќе се ближат изборите тогаш ќе се прошири или евентуално ќе се разговара и со други партии.

Ќе има ли иницијативата „Фронт за Европа“ заеднички кандидат на претседателските избори следната година?

Османи: Па, мислам дека тоа веќе го имавме на минатите избори. Актуелниот Претседател е заеднички кандидат на СДСМ и на ДУИ, што е еден преседан кој што навистина многу држави го посакуваат, а тоа е двете најголеми етнички заедници да имаат заеднички кандидат за Претседател.

Ние можеме тоа да го потцениме, но тоа е навистина најголемото постигнување на една мултиетничко општество и мислам дека тоа се покажа како добар пример и не исклучувам тоа да се повтори.

Разговорот го водеше: Дестан Јонузи

Камера и монтажа: Ариан Мехмети

Фотографија: Ангел Ангеловски

Интервјуто е дел од редакциската соработка на Фронтлајн и ЦИВИЛ Медиа.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk