Home » Институционален одговор за сите провокации

Институционален одговор за сите провокации

by Журнал.мк

Од: Сашо Таневски

Требаше да поминат неколку месеци за државата да сфати дека на провокациите од страна на Бугарија со отворањето таканаречени културни клубови и здруженија со имиња на докажани соработници на фашистичкиот режим мора да се одговори институционално, наместо да се дозволува тие да никнуваат без никаква контрола предизвикувајќи револт и гнев меѓу македонските граѓани.
Намерата на Софија со овие клубови беше јасна, да испровоцира реакција и да покаже пред Европа дека Македонија е таа што им ги ускратува правата на граѓаните што се чувствуваат како Бугари да ги остваруваат своите граѓански права. Затоа и не случајно сите имиња на здруженијата и клубовите се на контроверзни личности што во текот на историјата им нанеле зло на македонскиот народ и на Македонија, а истите тие ниту во Бугарија не се споменуваат, ниту, пак, нешто е именувано по нив.
Од друга страна, инсталирањето клубови со такви имиња во Македонија е и обид за своевиден историски инженеринг преку кој Бугарија сака да ја прикаже земјава како симпатизер на фашистичката идеологија и да се испере себеси од фактот дека во минатото секогаш била на погрешната страна на историјата.
Токму тој момент мораа да го препознаат властите во земјава и уште во корен да исечат секаква можност за регистрирање здруженија или клубови со контроверзни имиња. Потезите на овдешната дипломатија да ѝ се додвори на Бугарија и да не реагира ниту на најдолните провокации кога доаѓаа и од високи политичари во Софија резултираа со создавање гнев кај македонскиот народ, кој не само што беше вербално навредуван туку навредите и провокациите се префрлија и на македонска територија, токму со именувањето на ваквите културни клубови и здруженија.

Затоа и кратко по отворањето на клубот „Иван Михајлов“ во Битола се случи тоа што се случи, односно влезната врата беше запалена. Неодамна и во Охрид граѓанин ја искрши таблата на влезот на просториите на здружението „Цар Борис Трети“ и самиот се пријави во полиција, без воопшто да се крие или да се кае за својата постапка.
Што говори сето ова?
Говори дека кога нема адекватен институционален одговор, револтот се вгнездува меѓу луѓето и многу лесно може да излезе од контрола. Кога сме кај потезите и политиките на поединци што се на високи државни функции, вреди да се спомене и еден парадокс.
Имено, актуелниот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ во времето кога ја вршеше должноста министер за правда ја забрани употребата на името „Македонија“ при регистрација на правни субјекти, но во ниту еден момент нема забрани за имиња како Иван Михајлов, Цар Борис, Фердинанд, па дури некој да се дрзнеше да регистрира здружение под името „Адолф Хитлер“, веројатно, и тоа ќе поминеше. Не може Македонија, а може контроверзни имиња на фашистички соработници. Каков парадокс.
Сепак, Управниот суд ја врати надежта дека во оваа држава има институции што постапуваат и го укина решението на Министерството за правда со кое се забрани употребата на терминот „Македонија“, дозволувајќи му на здружението „Млади за Македонија“ од Гевгелија да започне со реализација на една благородна и хумана мисија, и да се регистрира под тоа име.
Сето ова говори дека кога постои институционален одговор, Македонија покажува зрелост како држава, дека го штити сопствениот суверенитет и не дозволува на нејзина територија да се промовираат имиња на нацифашистички соработници и поддржувачи.

Затоа за поздравување се и законските измени што ги предлагаат политичките субјекти од опозицијата и со кои се предвидува забрана за формирање правни субјекти со контроверзни имиња, како и поддршката што за овој предлог ја дава и власта. Тоа говори дека Собранието може институционално да одговори на ваквите практики и да спречи величање контроверзни личности на македонска територија, на истата таа територија каде што се одвиваше антифашистичка борба и од каде што беа протерани сите фашистички соработници, кои сега некој преку негувањето на нивниот спомен се обидува да ги оживее.
Неодамна и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дискриминација по основа на национална и етничка припадност за основањето на здружението културен центар „Иван Михајлов“ – Битола. КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршувањето на своите законски надлежности, со кои му овозможило на здружението да врши дејства спротивни на законот.
Тука може да постапи и Уставниот суд ако се утврди дека статутот и програмата на здруженијата се спротивни на законите и можат да го загрозат уставниот поредок на земјата, а основи за постапување има и Јавното обвинителство врз основа на сторено кривично дело. Македонските институции мора да постапуваат и да ги штитат интересите на македонските граѓани и на државата. Отворањето клубови или здруженија воопшто не е проблем, но само доколку преку нив не се врши некакво наметнато надворешно политичко влијание или повреда и навреда на чувствата и достигнување на македонскиот народ и држава низ историјата. Македонската држава и македонскиот народ се дел на антифашистичката борба и не може да се дозволи тоа на некој начин да се засени. Не смее да се дозволи некој да ги провоцира македонските граѓани и да се обидува да ја фалсификува историјата.

Ако тие клубови беа со имињата на Ѓорѓи Димитров, Пеју Јаворов, Жинзифов, Вапцаров и други македонски и бугарски дејци, тогаш на отворањето на ваквите клубови ќе присуствуваа и македонски граѓани, ќе се слушаше бугарска поезија, ќе се организираа изложби, концерти, театарски претстави… Тоа е вистинската улога на културните клубови, преку културата да се зближуваат државите и народите. Фашистичките соработници како Иван Михајлов и мртвите бугарски цареви сигурно не можат да го направат тоа. Бугарија мора да сфати и да разбере дека не се гради добрососедство на ретроградни ставови.
И не само културни, нека никнуваат и заеднички бизнис-здруженија, спортски здруженија, образовни проекти, онака како што треба да биде вистинската соработка меѓу два соседни народа.
Ако се искрени во своите намери, оние што ги финансираат тие клубови јавно ќе истапат и ќе се извинат за несоодветното именување, преименувајќи ги со имиња што обединуваат. Македонија својот културен клуб во Софија го именува едноставно Културно-информативен центар. Таму се одржуваат изложби, книжевни промоции, концерти, без никаква друга скриена тенденција. Како ќе реагираше Софија ако тој центар беше именуван „Јосип Броз Тито“, човекот што им ги прости долговите за репарација на Бугарите и што дозволи кон крајот на Втората светска војна Бугарија барем малку да се испере од фашистичкиот срам, вклучувајќи ги бугарските партизански единици во дел од ослободителните операции.
Но овој пример само покажува за искрениот пристап на Македонија да гради чесни и пријателски односи со Бугарија, наспроти она што го прави соседната држава, негирајќи ги македонскиот народ, неговиот јазик, историја, култура, традиција…
Затоа институционалниот одговор на провокативните имиња на клубовите и здруженијата не е насочен против никого, туку е наменет за заштита на интересите на државата и граѓаните и како порака кон оние што сметаат дека некој пак може да ги оживува најголемите крвници на Македонците. Тие времиња одамна поминаа, време е Бугарија да заборави на романтичарскиот сон и да погледне кон иднината, ако вистински сака да има близок народ во соседството. Крајно време е духовите на темното минато да останат таму каде што им е местото, во вечната темнина.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More