Чентодиечи (110) е најновиот екстравагантен модел на Бугати, создаден како омаж на моделот ЕБ110 од деведесеттите.


Бугати „откри“ нова формула за добра заработка на ексклузивните автомобили кои се произведуваат во многу ограничени серии, а чинат вистинско мало богатство. Најновиот пример за ваквата бизнис политика е чентодиечи, омажот на моделот ЕБ110 кој се произведуваше од 1991 до 1995 година.
Ако ЕБ110 беше раритет со 139 примероци, што да се каже за овој новитет чија планирана серија е од само десет примероци – кои веќе сите имаат свои сопственици. И не само тоа, производствениот план вели дека производството ќе трае цели пет години, односно се планира ритам на испорака од само два автомобили годишно.

А она што овој модел го прави посебен, покрај оригиналниот дизајн, е 8.0-литарскиот W16 мотор. Погонската единица од широнот е темелно преработена, епилогот е дополнителна инјекција на сила од 100 коњски сили. Овој монструм испорачува 1.600 коњски сили.
Дополнителната сила значи дека од 0-100 км/ч стигнува за 2,4 секунди, а до 200 км/ч за 6,1 секунда, и до 300 км/ч стигнува за седум секунди подоцна. И така сѐ до електронски ограничените 380 км/ч.

Сменети се и одредени делови на автомобилот, па чентодиечи е околу 20 килограми полесен од широн, главно благодарение на употребата на јаглеродни влакна.
Сепак, 100 коњски сили повеќе, за нијанса подобрите возни карактеристики и новиот дизајн не се пресудни за 10-те парајлии да дадат неколку пати повеќе пари од веќе прескапиот широн. Станува збор за навистина исклучителна автомобилска ексклузива и автомобилот е веќе вреден колекционерски примерок кој се гледа како бизнис инвестиција, доколку некој од десетте среќници некогаш се реши да го продаде.