10.6 C
Skopje
Saturday, October 16, 2021

Имаше ли потреба од модуларна кога тетовската болницата има цела празна зграда?

Најчитани вести

Зошто се градеше модуларна во Тетово кога болницата има речиси цела празна зграда? Во неа има два ката, болнички оддел, кои лесно може да се доопремат, ја имаат сета потребна инфраструктура за да може во неа да бидат сместени заболените од ковид 19

Пишува Наум СТОИЛКОВСКИ

Колку и да се труди власта да се заборави пеплосувањето на оддел на болница полн со луѓе, колку и да ги крие имињата на жртвите, проблемите не може да ги стави под тепих. Едно од прашањата што се наметнува е зошто се градеше модуларна во Тетово кога болницата има речиси цела празна зграда? Во неа има два ката, болнички оддел, кои лесно може да се доопремат, ја имаат сета потребна инфраструктура за да може во неа да бидат сместени заболените од ковид 19.

За појаснување, тетовската болница се состои од три објекти, од три згради. Третата е најнова, пуштена во употреба од 2015 година, ургентен и дијагностички центар. Од четирите ката (приземје плус три) функционираат само два. На едниот се Рендген институтот, со тоа што апаратите се во подрумските простории, како и Онкологија (каде што има само еден онколог!), двата на ист кат, описно кажано, од лево и од десно.

ДВА КАТА – ПРАЗНИ!

Во подрумските простории функционира и интервентната кардиологија поради близината на рендген апаратите. Во зградата се и амбуланти за неврохирургија, каде што, според докторите, таму имаат, преку сила, две или три операции годишно. Сево ова е сместено на еден мал простор, доволен за потребите, односно во два од четирите функционални ката на болницата, вклучително оној „под земја“.

Во тетовската болница, во зградата на Ургентниот центар има цели два ката – празни. Вториот кат е болнички оддел, со цела опрема. Третиот кат е целосно „празен“. Потребно е само помал зафат, односно да се постават монитори, вентилатори, кревети и други потребни медицински „дребулии“. Уште еднаш ќе напоменам, вториот и третиот кат се комплетно инфраструктурно опремени за интензивна нега. Комплетно вградени и функционални се сите потреби, довод на гасови, ампели за секој кревет.

Во зградата, да напоменам, се запазени сите стандарди за градба на една ваква установа, со сите заштитни мерки. Да додадам дека во зградата има и рендген одделение со МР, ЦТ, РТГ, ултразвук, значи сето она што е потребно за брза дијагностика на ковид пациенти.

Тоа што недостасува за овие два ката да бидат во полна подготвеност се кревети. Капацитетот на овој дел од зградата е 24, до по потреба и до 45 кревети за интензивна нега. Иста потреба од интензивна нега поради која беше изградена модуларната болница.

ЛУКРАТИВНИ ПОРИВИ

Тоа што се знае е дека директорот на болницата Флорин Бесими неколку пати барал поддршка за да се опреми зградата и да се стави во целосна функција, што досега, според фактите, не ја добил. Затоа, пак, лани во јуни проструи вест дека директорот Бесими одбил донација од 10 кревети, од фирма за игри на среќа, која му била препорачана од министерството на Венко Филипче. Во таа пригода сам посочува дека и претходно одбил две донации од казина.

„Па, кога уште видов дека сред болница се рекламира казиното од страна на некои девојки кои беа со нив дојдени, уште повеќе се револтирав. Додека јас сум директор на болницата, не примам донации од казина и спортски обложувалници“, го пренесоа медиумите Бесими.

Оттука се отвораат дополнителни прашања. Зошто е градена цела модуларна болница, ако веќе постои капацитет што е изграден? Зошто со парите не е опремен тој дел од болницата? Дали така „попаметно“ и по ковид-ситуацијата немаше да остане цела болница во функција?

Зошто досега не е одговорено на потребите и барањата на д-р Бесими? Што, пак, се крие зад донациите од казина договорени од кабинетот на Филипче? И најважното – дали во тој случај немаше да дојде до пожар во кој се пеплосани 14 пациенти, а траорот ја изгоре цела Македонија?

За жал, овие прашања нема да бидат дел од онаа истрага за модуларната, ниту, пак, за причините за пеколниот пожар. Но, одговорите мора да испливаат за да не се дозволи повеќе зад несреќи да има други, најчесто лукративни пориви.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com