-4.2 C
Skopje
Wednesday, December 1, 2021

Илјадници работници може да останат без работа

Најчитани вести

Новите рестриктивни мерки со кои дел од стопанските гранки ќе бидат целосно затворени до 20 април и доцнењето на петтиот пакет помош за економијата може да го зголемат бројот на луѓе кои ќе останат без работа. Власта најави дека следната недела ќе излезе со мерки за угостителите.

На илјадници вработени во угостителството, вработени во теретани, сали за вежбање и слични бизниси работните места им висат на конец, оти секторите во кои работат им се затворени со анти-ковид мерките. Илјадници работни места дополнително се загрозени и со тоа што фирмите сè уште чекаат на петтиот пакет помош за да исплатат плати.

Дел од мерките од петтиот пакет чекаат на усвојување во Собранието, а поради тоа има фирми кои не им исплатиле плати на вработените или не може да земат кредит за да се справат со последиците од пандемијата. Поради доцнењето на помошта, околу 6000 текстилни работници се на принуден одмор. И на работниците во угостителскиот сектор им се закануваат откази, оти овој сектор со дополнителните анти-ковид мерки останува целосно затворен до 20 април. Од угостителство егзистираат околу 30 илјади вработени. Затворени се и вежбалниците, теретани, сали во кои се практикува спорт. Станува збор за околу 900 фирми во кои се вработени околу 4000 работници.

Кога давеникот се фаќа за сламка

Текстилниот сектор во кој се вработени околу 35 илјади работници е погоден од сите страни, доцни пакетот помош, најголем дел од фирмите работат за извоз во западните земји, во кои ,исто така, има ограничувања и затворања, а со тоа и помала потрошувачка, што, пак, значи и помала побарувачка од нашите фирми. А дополнително фирмите поради ковидот работат со околу 20 отсто помалку вработени кои се на боледување, вели Маријана Перковска од Текстилниот кластер. Па кога давеникот се фаќа за сламка, вработените се пуштаат на колективен одмор, вели таа.

„Сега во еден кош се сите и работници и работодавачи, оти кога тоне бродот, тонат сите заедно со капетанот. Многу е неизвесна ситуацијата, што навистина ќе се случи. Во најдобар случај работата ќе почне да се нормализира во третиот квартал, некаде таму во октомври, ноември, кога ќе почнат европските држави да функционираат нормално, а до тогаш текстилната индустрија некако мора да преживее, ако сакаме, не само да ја задржиме индустријата, туку да не заборавиме таа индустрија го полни буџетот. Треба да се води сметка за тие што го полнат буџетот“, вели Перковска.

Таа посочува дека од осамостојувањето нити една влада не ја сфатила сериозно преработувачката индустрија.

„Да сфатиме во суштина кој е носителот. Како ќе имате вие здравство или школство? Како ќе купите вакцини, како ќе обезбедите болнички легла ако немате индустрија? Се знае кој го создава лебот. А во време на пандемија вие да блокирате Собрание, да условувате, тоа е вон здрава памет. Не знам само на кого ќе бидат пратеници кога сè ќе се изгуби“, вели таа.

Перковска додава дека не е на удар само текстилната индустрија, тука се и кожарската и чевларската индустрија, црната металургија.

Речиси 17 илјади работници останале без плата за февруари

Според податоците на Управата за јавни приходи, скоро 10 отсто од фирмите не исплатиле плати за февруари. Станува збор за речиси 7 000 работодавачи од приватниот сектор кои чекаат на помошта од петтиот пакет мерки. Без плата за февруари, според УЈП останале 16 883 работници. Лани фирмите од државата добиле 135 милиони евра помош за исплата на плати и придонеси.

Мерките за помош на угостителите ќе се знаат следната недела

Угостителството е една од гранките, која со пандемијата беше најмногу погодена и на удар на рестриктивните мерки. На почетокот на пандемијата кафеаните, рестораните, кафулињата, клубовите беа затворени, потоа со посебни протоколи дел од нив почнаа да работат, но клубовите и рестораните за свадби сè уште не функционираат. Со вториот ковид-бран, тие работеа со скратено време, а од 7 април повторно се затвора угостителскиот сектор, освен оние кои подготвуваат храна, која може да ја доставуваат или да се продава преку шалтер.

Од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори побараа државата да им даде финансиска помош, која им е неопходна за да не се изгубат работни места.

„Угостителството повторно целосно се затвора, што значи дека без основни приходи ќе останат околу 30.000 граѓани кои работат во овој сектор, затоа е потребно да има реципроцитет меѓу рестрикциите и финансиската помош“, вели Мартин Ангеловски од Туристичко угостителската комора на Македонија.

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека следната недела ќе објават мерки со кои ќе има директна финансиска поддршка во вид на грантови за угостителите кои по препорака на Комисијата за заразни болести се затворени, односно не примаат гости.

Синдикатот на работниците во угостителство и туризам при ССМ им укажува на работниците да не потпишуваат бланко документи кои, како што наведуваат, потоа работодавачите ќе ги злоупотребат за откажување на нивните договори за вработување. Од таму наведуваат дека не е можно на сите работници да им завршуваат договорите за работа доколку истите биле склучени на определено време.

Бројката на луѓе кои бараат работа од почетокот на пандемијата пораснал за околу 50 илјади луѓе, според податоците на Агенцијата за вработување. Но од Агенцијата наведуваат дека заклучно со февруари, бројот на оние кои останале без работа како последица на ковид-кризата е 18.266 лица.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com