Делегацијата на Европската Унија во Скопје ја прогласи македонската алпинистка и сликарка Илина Арсова за „Европска жена на годината“.
Илина беше претставена од страна на амбасадорката на Германија, Анке Холштајн, и доби најмногу гласови преку Фејсбук гласањето кое беше објавено на 28-ми февруари.
Покрај неа, во изборот учествуваа и докторката Маја Мојсова-Мијовска, претставена од амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ; претприемачката Наталија Бургиева, претставена од амбасадорот на Европска Унија, Дејвид Гир; режисерката Дина Дума, претставена од амбасадорката на Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон и директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими, претставена од амбасадорката на Романија, Моника Аксинте.
„Честит 8 Март, драги жени. Годинава добивам награда на овој ден. Им благодарам на Амбасадорите и организаторите за номинацијата и на сите вам што гласавте за ‘Европска жена на годината’.
Им честитам и им се воодушевувам на останатите жени кои учествуваа во изборот. Прекрасни сте! Да продолжиме да инспирираме, да покажеме што е солидарност и да го менуваме светот заедно“, напиша Илина на својот Инстаграм профил.
На наградата ѝ честиташе и нејзиниот партнер, актерот Игор Џамбазов, кој не крие колку се гордее со Илина, велејќи дека таа секогаш ќе биде светска жена за него.
„Мојата единствена жена, стана ‘Европска жена на годината’. Честитки, љубов моја. За мене секогаш ќе си светска жена“, напиша Игор на Инстаграм.