20 C
Skopje
Friday, February 26, 2021

Изложба 100 години творештво на Трајко Муфтински во Куманово

Најчитани вести

Изложбата „100 години од творештвото на Трајко Муфтински (1919 -2019)” која се одржува по повод 500-тини години Куманово ќе биде отворена вечерва во Уметничката Галерија.

На изложбата ќе бидат претставени  70 –тина дела со профана и световна содржина, како и десет колор фото –постери со иконографското творештво на Муфтински, главно од кумановските цркви.

Муфтински заедно со Кирил Караџа е еден од основополжнниците на македонската современа уметност и иницијатор за формирање на  официјалната група на уметници „Кумановци” во 1956 година. Од 26 јули 1950 година бил член на друштвото за применета уметност на Македонија. Создал над 200 ликовни дела, од кои 100 –тина дела по пат на завештение, во 1967 година, се подарени на НУ Музеј – Куманово во Уметничката галерија – Куманово. Првата меморијална изложба на Муфтински била во Уметничката галерија во Куманово, на 28 март 1968 година, а втората ќе се одржи вечерва -изјави авторката на изложбата, историчар на уметност од кумановскиот музеј, Славица Крстиќ.

Трајко Муфтински (1895 – 1963) е првиот академски сликар и зограф од Куманово. Основно и средно образование завршил во родниот град, а се образивал во Белград, Прага и Загреб. Во 1927 година завршил Виша школа за уметност и уметнички занаети на Ликовната академија во Загреб, имал стуиски престои во Прага и Париз.

Од својата 23 –годишна возраст професионално се занимавал со иконопис и фреско – сликарство, главно во црквите од кумановската и врањската околина. Првите почетоци се регистрирани во 1919 година во црквата Успение на  Света  Богородица во село. Секирије, Врањско.

Во недостаток на година на изработка, се смета дека кај нас најпрвин ги изработил фреските во Студена Бара (1918/19), кои денес се покриени со нови. Првите регистрирани икони потекнуваат од манастирот Карпино (1920) и иконостасот на Света Петка во Руѓинце (1921). Цели иконостаси во период помеѓу двете светски војни (1934 – 1939), ги изработил за црквите во  Табановце, Пелинце, Рамно, Облавце, манастир Орашац, Свети Ѓорѓи во Куманово и во Романовце. Поголеми сликарски зафати со фреско-сликарство имал во манастирот Прохор Пчињски,  (1934/35) и во Бељаковскиот манастир Свети Ѓорѓи  (1937).  За време на неговиот живот, имал една  самостојна изложба во Куманово, на 11 октомври 1960 година во салата на КУД Панче Пешев во Куманово.  Се инспирирал од класицизмот и средновековната уметност, создавајќи прекрасни дела, пејзажи во импресионистички стил, реалистични ентериери, мртва природа, портрети, автопортрети, актови, цртежи, акварели. 

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести