9 C
Skopje
Tuesday, April 20, 2021

Изложба на црногорски филмски плакат: Оригиналната колекција на режисерот Матовиќ пред македонската јавност

Најчитани вести

Четириесетина плакати на филмови од црногорската кинематографија, но и копродукциски проекти реализирани главно во втората половина на дваесеттиот век се претставени на изложбата „Црногорски филмски плакат“ на Момир Матовиќ која посетителите може да ја погледнат во фоајето на Кинотеката.

Изложбата, со пригодната свеченост и со запазување на здравствените протоколи, ја отворија амбасадорката на Црна Гора во Македонија, Н.Е. Марија Петровиќ и директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.

„Оваа изложба е само продолжение на културните активности што ги спроведува амбасадата на Црна Гора во Македонија, со цел да се претстават црногорската култура и идентитет на македонската јавност. Во оваа мисија имаме голема поддршка од македонските институции и пријатели, без чија помош не би била можна реализацијата на вакви културни активности. Изработката на филмски плакат е важна за секоја филмска продукција, бидејќи претставува своевиден пропаганден материјал, кој на најдобар и најсугестивен начин и овозможува визуелен контакт на публиката со тоа што ќе го види. Би повторила дека е големо задоволство што ја имаме оваа изложба во македонската Кинотека – затоа што таа, на некој начин, е сведоштво и на специфичната, и на општата и на комерцијалната култура. Исто така, изложбата ‘Црногорски филмски плакат’ е сведоштво и на културното наследство на Црна Гора, за овој одреден временски период што го покрива“, истакна Петровиќ.

Инаку, повеќето од изложените експонати се дел од единствената оригинална колекција на филмскиот режисер Момир Матовиќ, како резултат на неговото децениско трагање по кинотечните архиви, библиотеки, архивите на филмските продуценти и дистрибутери, а некои се откупени од приватни колекционери.

„Црногорската кинематографија, во текот на своето создавање, по Втората светска војна, опстанокот и денешното битисување, со продуцираните филмови, изборот на темите, визуелниот идентитет, наградите и признанијата на домашните и светските фестивали, стана незаобиколен сегмент од црногорското културно наследство“, се посочува во предговорот на монографијата „Црногорски филмски плакат“.

Изложбата, пак, е своевиден виртуелен музеј на црногорската кинематографија во кој можете да сретнете разни филмски стилови и теми, од разни автори (Живко Николиќ, Здравко Велимировиќ, Вељко Булаиќ), како и мноштво врвни црногорски и екс-југословенски актери, но и некогашните филмски ѕвезди – и од Истокот (Сергеј Бондарчук) и од Западот (Џозефина Чаплин).

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести