-2.2 C
Skopje
Sunday, February 5, 2023

Изложба на Владимир Георгиевски во Музеј на Град Скопје

Најчитани вести

Во Музеј на Град Скопје денеска ќе биде свечено отворена изложба на дела од еден од најзначајните македонски ликовни уметници – Владимир Георгиевски (1942-2017).

– Делата на Владимир Георгиевски ќе бидат поставени во целиот расположив галериски простор на Музејот. Изложбата се состои од стотина дела на уметникот работени во ликовните техники масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел, соопштија од Музеј на Град Скопје.

Владимир Георгиевски е роден 1942 година во Скопје. Во 1963 завршил Училиште за примена уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968 година. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ.

По враќањето од Белград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади ’25 мај’). Меѓу 1980 и 2012 бил професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектруа во Скопје. Една деценија во 1990-тите, предавал и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Бил професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.

Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројните театарски претстави и неколку домашни играни филмови.

Голем број негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Македонија и надвор од неа. Има реализирано од 1977 година (1977 Белград; Скопје, Музеј на современата уметност) до 2016 година (2016 Скопје, Музеј на град Скопје) дваесет и пет (25) самостојни изложби во Скопје, Белград, Виена, Истанбул, Рим, Киев, Санкт Петерсбург и Софија.

Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколкупати е наградуван и за неговата работа во театар.

Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Град Скопје во соработка со легатите на уметникот. Куратор на изложбата е Емил Алексиев.

За оваа изложба е подготвена и монографија за творештвото на Владимир Георгиевски (Издавач: Музеј на град Скопје; автор: Емил Алексиев; текст: Емил Алексиев и Никола Пијанманов; 160 стр.; 120 колор илустрации; формат 22х22; тираж 350 примероци од кои 50 со тврди корици, печат: Датапонс, Скопје 2019).

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести