-1 C
Skopje
Thursday, January 28, 2021

Извештај: Во Собранието во јули-септември 49 постапки за донесување или изменување закони, 17 закони предложени од вкупно 40 пратеници

Најчитани вести

3а тримесечјето јули-септември оваа година во националното Собрание биле покренати вкупно 49 постапки за донесување или изменување на закони, од кои 32 закони се донесени, за 13 закони постапката се уште е во тек, три закони се неприфатливи, а еден закон е повлечен. Од законите 17 биле предложени од вкупно 40 пратеници.

Ова се наведува во шестиот извештај од набљудувањето на работата на Собранието на РСМ кој содржи податоци за неговата работа во периодот 1 јули – 30 септември 2019 година што го објави Граѓанската асоцијација МОСТ во рамките на проектот на „Индекс на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието”.

Следи анализата на обработените податоци добиени се следните наоди за работата на Собранието, комисиите и пратениците:

Анализа на законодавните постапки и фреквенциите на изменување на законите

· Во периодот 1 јули – 30 септември 2019 година во Собранието во тек беа вкупно 49 постапки за донесување или изменување на закони. 32 закони се донесени, за 13 закони постапката се уште е во тек, 3 закони се неприфатливи, а 1 закон е повлечен.

· Од донесените закони 5 се нови, 20 се измени на постоечки закони а 7 се ратификации.

· Од вкупниот број на донесени закони, 13 (52%) се предложени од пратеници, додека пак Владата предложила 12 (48%).

· Во овој период Владата и пратениците предложиле речиси ист број на донесените закони, со таа разлика што поголемиот број на закони предложени од Владата се донесени по редовна постапка (11 од 12), додека пак од донесените 13 закони предложени од пратеници, 12 се донесени по скратена постапка.

· Соодносот и постапката во која се донесени законите ги одразува поголемиот капацитет и експертиза на Владата што се потребни за подготовка на обемни и сложени законски решенија што се донесуваат по редовна постапка.

· 12 закони (48%) се донесени во редовна постапка, 11 закони (44%) по скратена постапка, а 2 закони се донесени по скратена постапка за хармонизација со други закони или за одложување на примената на одредени одредби. Процентот на закони донесени во редовна постапка е намален во однос на претходниот мониторинг период;

· Јули е најпродуктивен месец на Собранието во кој биле донесени вкупно 18 закони. Во август и во септември Собранието искористило само по еден ден за носење на закони, 28 август и 11 септември, соодветно;

· Во мониторинг периодот три закони (Закон за возила, Закон за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија и Закон за здравствената заштита) се изменувани повеќе пати, а куриозитет е Законот за возила кој е изменет два пати во ист ден, но едната измена се однесува на усогласување со друг закон;

· Иако според Националната програма за усвојување на правото на Европската унија (НПАА), ревизија 2017-2020, во периодот на мониторинг не бил предвиден ниту еден закон за хармонизација на домашното право со правото на ЕУ, во овој период беа донесени 2 вакви закони.

Анализа на работата на комисиите

· Во периодот 1 јули–30 септември 2019 година седници одржале 19 од 21 комисија. Работата на комисиите се анализира преку три категории: транспарентност, квалитет на записници и вклученост на засегнатите страни.

Транспарентност:

– 6 од 18 комисии кои се индексирани во оваа категорија имаат добиено 50 и повеќе индексни поени, што претставува подобрување од претходниот период кога имаше 4 вакви комисии;

– Само 4 комисии ги имаат усвоено сите записници во набљудуваниот период, што е за една помалку во однос на последните три извештаи;

– Во досегашниот мониторинг се забележува континуирана практика да не се објавуваат извештаи од точките на дневен ред кои се однесуваат на извештаи за работата на институциите чија работа ја контролира Собранието, и покрај тоа што во Деловникот е изрично наведено дека за секоја точка од дневниот ред треба да се подготви извештај. Ваквата практика е еден од факторите што придонесува за континуираната ниска просечна оценка за транспарентност на комисиите;

– Објавени се 2 стенографски белешки, но не објавен ниту еден извештај од одржани 4 јавни расправи, што претставува континуирано непочитување на одредбата од Деловникот за подготвување на извештаи од расправите;

– И покрај констатираните слабости, просечната оцена за транспарентност е зголемена во однос на претходниот извештај и изнесува 39 поени.

Квалитет на записници:

– Само 3 од 12 комисии индексирани во оваа категорија ги имаат исполнето сите деловнички критериуми за водење на записник, што претставува на намалување во однос на претходните два периоди, кога имаше 5 вакви комисии. Тоа се следните комисии: (1) Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, (2) Комисија за одбрана и безбедност и (3) Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите;

– Сите индексирани комисии имаат добиено повеќе од 50 индексни поени;

– Дел од комисиите не водат јасна поделба на дискусиите, односно ги бележат пратениците кои учествувале во дискусијата и содржина на дискусиите, но не назначуваат кој пратеник за што дискутирал;

– Уште еден фактор кој придонесува во намалување на квалитетот е тоа што дел од комисиите не водат целосни резултати од гласањата – односно се забележуваат само пратениците кои се изјасниле „за” за одреден предлог, што дава нецелосна слика за работата на овие комисии.

– Исто како и во претходниот период, квалитетот на записниците е незначително намален за два индексни поени, од 76 на 74 од 100.

Вклученост на засегнати страни:

– Во периодот на мониторинг 4 различни комисии одржаа по една јавна расправа, и тоа 1 по предлог-закон и 3 на општа тема; До МОСТ беше доставен само 1 извештај од одржаните расправи;

– Бројот на расправи одржани во овој период не е голем, но треба да се има предвид фактот дека во овој период Собранието беше на редовен годишен одмор.

Анализа на работата на пратениците

· 17 закони биле предложени од вкупно 40 пратеници;

· Донесени биле 13 закони предложени од пратеници на предлог од 35 пратеници;

· 4 од донесените закони се заеднички предложени од пратеници од власта и опозицијата;

· Во процедура е 1 закон предложен од вкупно 4 пратеници;

· Неприфатливи се 3 закони предложени од вкупно 5 пратеници;

· Во овој мониторинг период нема повлечени закони на предлог од пратеници;

· Бројот на пратеници кои што учествувале во предлагањето на законите, како и бројот на закони предложени од пратеници во овој период е значително зголемен во споредба со претходниот мониторинг период.

Повеќе информации може да се најдат во целосниот извештај објавен на веб-страницата http://otvorenosobranie.mk.

Проектот „Индекс на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието” Граѓанската асоцијација МОСТ го спроведува од јуни 2018 година, како продолжение на проектот „Вклучени граѓани за отворено и транспарентно Собрание” кој се спроведуваше во периодот 2016-2018. Проектот предвидува објавување на периодични извештаи за Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието со цел информирање на јавноста, медиумите и граѓанските организации за работата на пратениците, и за начинот на кој Законодавниот дом ја извршува својата улога регулирана со Уставот на државата.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести