29.8 C
Skopje
Thursday, July 7, 2022

Избори, сега, се решение!

Најчитани вести

Сашо Клековски

И пред, но особено по локалните избори во 2021 година, ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори, а СДСМ/ДУИ го одбиваат таквото барање. За волја на вистината, клучниот придонес кон барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори го направија СДСМ и Зоран Заев, тогашниот премиер и лидер на СДСМ, кои локалните избори и особено изборите за Скопје ги претворија во изјаснување за доверба кон Зоран Заев и неговата влада. „Маж рече, маж одрече“ и Зоран Заев и СДСМ ветувањето за оставки во случај на изгубени локални избори, наместо оставка на Владата, го сведоа во оставка на Зоран Заев. Тогаш се случи прочуената специјална операција „Кастриот“ за спас на ЕУ-интеграциите на Македонија, односно за спас на Владата на СДСМ и ДУИ. И со проширувањето на владината коалиција со Алтернатива да се тврди дека Владата има легитимитет, притоа бркајќи ги термините на легалитет и легитимитет. Да, Владата има легалитет сѐ додека има мнозинство во Собранието, но легитимноста се мери со јавната поддршка и довербата на граѓаните во Владата, која според сите анкети се намалуваше, а тоа го покажа и поразот на СДСМ на изборите, како и поразот на ДУИ во Тетово и во Гостивар.
Во нормални услови е легитимно опозицијата, во нашиот случај ВМРО-ДПМНЕ, да бара предвремени избори, а власта, во нашиот случај СДСМ/ДУИ, да одбива такви барања, односно во нормални услови е легитимно политичките актери да го избираат времето кога е најповолно за нив да се одржат изборите. Нормално е СДСМ да сака избори, според нив откако би повратиле дел од рејтингот, со легитимни и полулегитимни мерки, како зголемување на пензиите (откако го укинаа усогласувањето), зголемување на минималната плата (без да се планира усогласување на другите плати), завршување на автопатот Кичево – Охрид, да ја тргнат етикетата на неспособност, или да го тргнат бугарското вето за ЕУ. Стравувањето е дека Владата е доволно очајна за успех, да се обидат да го тргнат бугарското вето со капитулација, или одложена за в година капитулација. И не само тоа. Во Македонија нема нормални услови, ниту е нормално времето, ниту власта користи легитимни методи за останување на власт. Затоа, избори сега се решение за нашата ситуација.

Власта на СДСМ/ДУИ не само што не согледува зошто го губи легитимитетот, а тоа е поради напуштање на вредностите и начелата што ги донесе на власт, и не само што користи нелегитимни методи, туку користи методи што жестоко ги критикуваше кога СДСМ беше опозиција. На започнатата блокада на Собранието од страна на опозицијата, одговорот на Владата е дека ќе најдат начини за работа на Собранието. Од првите денови станува јасно дека тоа ќе биде со туркање насила, никако низ политички дијалог. А токму политичкиот дијалог, односно недостигот од него, беше клучно барање на тогашната опозиција СДСМ, кое заврши со Пржинскиот договор и прекин на бојкотот на Собранието од страна на СДСМ. За потсетување, недостигот од политички дијалог е редовно констатиран како проблем во извештаите на Европската Унија (ЕУ). Тогашната опозиција, а сегашна власт СДСМ заборави што ѝ беше клучно барање. И како тогаш, така и сега, политичкиот дијалог е поголема одговорност на тие со поголема моќ, а тоа е Владата.
Но оваа власт не го заборави само тоа, на добар пат е да ја заборави и слободата на медиумите, втор столб на барањата на некогашната опозиција. Владата во собраниска процедура достави закон со кој се предлагаше воведување „вербален деликт“ – казна за искажано мислење. Наспроти прогонот на новинарот Томислав Кежаровски тогаш, сега се случуваат низа сомнителни кривични пријави за новинарот Горан Момировски. Деновиве новинарка за напишан текст беше повикана на информативен разговор во полиција. А Владата најавува дека ќе бара укинување на забраната за владини кампањи во медиумите, за кое се надевам дека сите добро се сеќаваат забраната беше воведена по барање на СДСМ, поради влијанието што власта така го прави врз медиумите. И многу други примери за нелегитимни методи.

Не се нормални услови, не само поради нелегитимните методи туку и поради тоа што не сме во нормални времиња. Најверојатно ни претстои криза во ЕУ-интеграциите, но ако добиеме датум за преговори овој јуни, тоа ќе биде одложување на ќор-сокакот за следната година. Барањата од Бугарија, кои во основа се барања за капитулација, може да се преместат од оваа во следната година, само за да се откочи процесот и за Албанија. Се наоѓаме во енергетска, економска криза, неизвесна здравствена состојба и многу други кризни состојби. На „црниот понеделник“ на 24 декември 2012 година, тогашната опозиција СДСМ протестираше за задолжување од, ако добро се сеќавам, 250 милиони евра, а сега СДСМ како власт нѐ задолжува со 900 милиони евра во ММФ и плус планира издавање еврообврзница од повеќе стотини милиони евра. Власта ќе каже дека ВМРО-ДПМНЕ е деструктивна и неодговорна, бидејќи во време на криза го блокира Собранието и ќе организира протести на 18 јуни. Напротив, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде деструктивно и неодговорно доколку во услови на криза, со кои оваа Влада не се справува, или планира решенија што можат да бидат катастрофални за земјата, не понуди политички дијалог што вклучува и договор за предвремени избори на кои граѓаните ќе одлучат во која насока ќе се движи Македонија и кој ќе ја води земјата во таа насока.

Авторот е аналитичар*
*Члена на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek #Избори2022

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com