16.8 C
Skopje
Sunday, October 2, 2022

„Златна камера 300“ за Рубен Импенс на ИФФК „Браќа Манаки“

Најчитани вести

Фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, како и секоја, така и оваа година ги вреднуваше најдобрите кинематографери, а во богатата програма имаше оскаровци и филмови од фестивалите во Кан, Венеција и Берлин.

Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber

Годинава, новост е дека студентската програма е со натпреварувачки карактер, и селектирани беа филмови од најдобрите европски филмски академии.

– Наградата за најдобар студентски филм ја додели жирито составено од Митко Панов, Фејми Даут и Благоја Куновски – Доре, на филмот „Вдовица и сираче“ во режија на Никлас Форман, директор на фотографија Симоне Харт и Кристијан Нојбергер. „Вдовица и сираче“ доаѓа од филмската академија во Австрија – соопшти селекторот на студентската програма Ѓорги Пулевски.

Првпат на фестивалот беше доделена награда за студентски филм

Наградата „Железна камера 300“ за документарен филм ја додели жирито составено од Јасмин Башиќ, Фејми Даут и Есин Белит на филмот „Мара“ на Саша Кулак. Приказната нѐ приближува до менталната состојба на лицата изложени на политичко насилство. Жирито на документарната програма даде и посебно признание на „Гори сува земја“ на Џоана Пимента, храбар филм, што истражувајќи нови феминистички наративи успева да понуди вознемирувачки приказ на современ Бразил.

Наградата за краткометражен филм, „Мала камера 300“, ја додели жирито во состав Маја Богојевиќ, Самир Љума, Жан Мари Дружу, Карлос Дијас и Мелиса Созен, на Шади Чабан за краткометражниот филм „Варша“.

– „Бронзена камера 300“ се додели на Хидетоши Шиномија за филмот „Вози ја мојата кола“, за суптилната, но цврста камера која поетично ги пренесува трогателните човечки приказни за нежноста кои универзално одекнуваат – соопшти Карлос Дијас, член на жирито.

Добитникот на „Сребрена камера 300“, пак, го соопшти Маја Богојевиќ.

– За извонредно нијансираниот и сликовит приказ на животот во Неапол, прецизното и доследно кадрирање во ова прекрасно љубовно писмо до Фелини со автобиографски прикази, „Сребрената камера 300“ се додели за филмот „Божјата рака“ на Дариа Д’Антонио, која се заблагодари на жирито и на сите што ги запознала при престојот во Битола.

– „Златната камера 300“ се додели на Рубен Импенс за филмот „Осум планини“, за компонирањето на моќна и трогателна приказна што го одзема здивот, во која воодушевувачки се испреплетуваат планинските пејзажи и човечката осаменост во хармонија со природата – соопшти претседателот на жирито Жан Мари Дружу.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска му ја врачи наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност на директорот на фотографија Џон Метисон

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска му ја врачи наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност на Џон Метисон, директор на фотографија и добитник на бројни награди.

– Успевате да нѐ промовирате нас како кинематографери и нас како филмска камера како нешто што заслужува многу голема важност. Луѓето понекогаш не сфаќаат колку е тешко страници и страници црно-бел текст да се преточат во визуелен јазик – нагласи Метисон.

– За мене беше важно Битола да го чувствува фестивалот како свој и се надевам дека тоа се оствари, бидејќи кино салите беа полни, луѓето беа дотерани. Само со овие две работи јас сум задоволен – рече директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски. По церемонијата на доделување награди, следеше проекција на филмот „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 2 септември 2022 во весникот „Слободен печат“)

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com