-1.2 C
Skopje
Monday, February 6, 2023

Зимите во Скопје во шеесеттите

Најчитани вести

Почнав да се прашувам какви беа порано скопските зими, откако пред некој ден видов неколку актуелни фотографии со зимска панорама на Скопје, снимена од Водно. Врз градот лежи тешка оловносива покривка од презагаден воздух. Може ли во денешно Скопје во зима да се види сино небо? Небо кое блеска врз планинските превези околу скопската котлина. Такви неба паметам од минатите зими во Скопје. Може ли зимата во денешното загадено Скопје, децата да ја сочуваат во спомените како волшебно годишно време?

А такви беа зимите во моето детство во Скопје. Вистински зимски бајки! Притоа сите беа „кочан зими“. Онакви како во стиховите на Горан за песната на „Леб и сол“ за скопската „микро клима“: „изгор лето, кочан зима“. Доволно е да помислам на тие зими, за да го почувствувам кристално чистиот зимски воздух. Кога во утрата со мраз и снег ќе изгрееше сонце, се чинеше дека небеското синило врз градот крцка, претворајќи се во безбројни блескави кристали. Небото во зима се издигаше високо врз снежните планини околу скопската долина. Тоа правеше човек лесно да заборави дека Скопје се наоѓа во долина, а не на голема надморска височина. Тоа беше затоа што во предземјотресното Скопје во есен и зима имаше многу ветрови. Тие како да беа природните филтри во скопската долина. И покрај греењето со дрва и јаглен во најголемиот број домаќинства, во старите скопски зими сепак се дишеше слободно. Околу куќите во скопските зимски утра се ширеше мирисот на боровината, со која се завалуваше огнот во старите железни ќумбиња и шпорети.

Зимата ретко се најавуваше, туку секогаш не‘ изненадуваше. Барем нас, децата. Ненадејно, преку ноќ, се будевме со променет скопски видик. Имаше зими кога сите планини околу скопската котлина преку ноќ се покриваа со блескава снежна наметка. Белината на планините правеше зимското небо напати да изгледа уште посино од летното. Тогаш човек во Скопје помислуваше дека се наоѓа во некој швајцарски град, ограден од сите страни со високи планини, богати со снег. Ветровите во зимите скопски цел ден го бистреа видикот. Само затоа се чинеше дека врвовите на Шара или на Китка може да се допрат со рака. Толку јасно трепереше пред окото нивната снежна белина. Секако, Скопје од педесеттите и шесеттите не беше голем град. Скопските маала уште беа без висококатниците, кои денес доминираат со центарот. Така од нецели двеста илјади жители во 1961, во 2015 бројот на жителите стигнал до осумстотини илјади! Во тоа Скопје од 1961-та, кога во зима наутро одевме во училиште, ми се чинеше дека од студот зацрвенетиот нос ќе ми се скрши, небаре е стаклен, доколку го допрев со замрзнатите прсти. Мислев дека мразулци ми се прават и врз веѓите. Ушите ми се зацрвенуваа од студот до болка. Особено кога одев надвор без капа. Волнената капа боцкаше, затоа намерно „заборавав“ да ја ставам на глава. Секогаш патот до училиштето беше завеан кога во ноќта ќе паднеше првиот снег. Одевме по патот низ вистински тесен тунел во снегот. Кога се враќавме напладне дома, улиците веќе беа слободни, снегот врз колодворот истопен, а крај тротоарите стражареа вистински снежни ридови.

Ја паметам зимата во 1961-та, затоа што тогаш имавме на гости роднини од Америка. Речиси две недели не прекинуваше да паѓа снег. Секое утро возрасните со туркање ја подотвараа влезната врата, врз која тежеше навевот од свеж снег, напати висок дури и еден метар. Во таа зима со многу снег, вечерите беа уште без телевизори. Затоа возрасните раскажуваа приказни за страшни, речиси поларни зими. Особено вујкото од Чикаго раскажуваше драматични зимски приказни, но и пророштва за пропаста на светот. Потоа се плашев да погледнам низ прозорецот пред да си легнам. Иако во зимата со снег како дете уживав долго да гледам во ноќта во снежната глетка, додека се чини дека небото посипува врз земјата студен, снежен шеќер. Снегот правеше ноќта да стане јасна, речиси снежно бела, небаре некоја нестварна бела ноќ да го обвиваше светот во волшепство. Тој неземски момент во снежната ноќ ме восхитуваше. Најубавото нешто беше кога родителите ќе ни дозволеа да излеземе кратко во снежната ноќ и да го чуеме шумолењето на снегулките, кое се слушаше само во зимската ноќна штама. Тогаш скопскиот секојдневен пејзаж се преобразуваше во вистинска зимска бајка.

Си помислувам дека денешниот модерен стандард во живеењето во големите градови на децата не им ги нуди повеќе тие раскошни зимски слики, кои ги паметиме ние, родените кусо по војната. На пример, денешените деца не можат во големите градови да се разбудат во завеаните куќи, како ние во шеесеттите во Скопје, кога понекогаш снегот навеваше се‘ до средината на прозорците. Затоа што денес секоја куќа има прозорци со двојно стакло, зимата изгуби една од нејзините најмагични особени. Додека децата спиеја во ноќите зимски, во кои ветрот често завиваше и фучеше околу домовите како музиката во холивудски хорор-филм, студот со мраз „црташе“ на прозорските стакла магични цветови. Изутрината децата со восхит ги гледаа „снежните шари“ врз стаклото. Кога беше многу студен денот, тие „снежни цртежи“ остануваа неистопени врз стаклата се‘ до пладне. Ми се чинеше дека од секоја стреа на куќите во зима висеа мразулци долги до еден метар!

Никогаш топлината на домот не сум ја почувствувала толку силно како кога ќе се вратевме дома од училиштето во студен зимски самрак. Со зацрвенети од студот образи и носеви, со вкочанети, црвени прсти во мокрите волнени нараквици и со премрзнати прсти во наводенетите чевли или чизми. Прстите не‘ болеа кога се обидувавме „итно” да ги затоплиме врз горештата челична плоча на шпоретите со дрва. Мајка ми пржеше риба во тиганот, додека ние ги поставуваме мокрите обувки крај ќумбето. За да се исушат преку ноќ. Се‘ мирисаше на дом и заштитеност. Ветерот и студот не допираа во тој облак од семејна топлина. Тоа доживување на зимата во старите скопски куќи без централно парно греење, во кои само една одаја беше вистински топла, најчесто кујната, не постои повеќе во модерните куќи и станови. Уште паметам колку беа студени предсобјата во сите скопски куќи во шеесеттите. Таму во зимата стоеја наредени каците со закиселена зелка. И саксиите со олеандри и сардели! Понекогаш си велам дека само тогаш може да се почувствува вистински топлината, кога во истиот дом има одаи кои не се загреваат. Како оние во кои спиев како дете, како и најголемиот број од моите врсници, покриени со тешките волнени јамболии. Под нив за миг се создаваше „микро клима“, топлина во која во скопската „кочан зима“ сонувавме за сопското „изгор лето“.

Кица Колбе / DW

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести